Војната во Украина и зголемените тензии меѓу Пекинг и Вашингтон ќе бидат во фокусот на безбедносната конференција што почна вчера во главниот град на Баварија, Минхен, во Германија. Ова е еден од најголемите светски собири за глобалната безбедност, кој во следните три дена ќе стане центар на меѓународната дипломатија.
Повеќе од сто земји испраќаат свои претставници во Минхен, меѓу кои повеќе од триесет министри за одбрана и 50 министри за надворешни работи.
Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон се меѓу 45-те шефа на држави и влади што ќе присуствуваат и активно ќе учествуваат на безбедносната конференција. Во Минхен ќе присуствуваат и американската потпретседателка Камала Харис, шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
На безбедносната конференција во Минхен западните лидери треба да ја потврдат својата посветеност „да го поддржуваат Киев онолку долго колку што е потребно“, но засега таквата констатација ниту има временски ниту, пак, содржински рамки. Западните сојузници се надеваат дека на конференцијата во Минхен барем некои од прашањата од овој контекст ќе бидат одговорени.
Организаторите на конференцијата веќе објавија дека „руската влада не била поканета во Минхен поради инвазијата на соседната земја“. Ова е првпат по децении Москва да не биде присутна на годишниот собир на светските лидери и експерти за главните предизвици на меѓународната безбедност. И Иран годинава е исклучен од конференцијата.
Односите меѓу Соединетите Американски Држави и Кина се очекува да бидат исто така во фокусот на дискусиите. Според соопштението на кинеското МНР, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ќе одржи говор во кој ќе ги разјасни позициите на Пекинг за актуелните меѓународни прашања. Во основа, Кина ќе ја потврди позицијата за поддршка на Русија, сметајќи ги САД и НАТО за главни виновници за војната во Украина.
Од првата конференција во 1963 година, Минхен служи како еден вид полигона за „бура на идеи“, каде што политичарите и експертите даваат иницијативи и развиваат решенија за најкритичните безбедносни прашања на сегашноста и иднината. Започната за време на Студената војна, конференцијата им дава простор на државниците за официјални и неофицијални дипломатски разговори, а хотелот „Бајеришер Хоф“, во кој се одржува конференцијата, им обезбедува безбедно место од очите на јавноста за неформални средби, кои досега знаеле да бидат оквалификувани и како „историски“.