Во храмот „Св. Петка“ во Прилеп на Бадник беше величествено. Се одржа свеченост по повод завршувањето на вториот Божиќен награден конкурс, кој им го привлече вниманието на повеќе од 400 ученици од основните училишта во градот, со пристигнати над 450 ликовни и литературни творби. На темата „Рождество Христово – Божиќ во нашиот дом“, младите прилепски таленти преку своите ликовни и литературни творби ги изразија празничниот дух и богатството на нивната имагинација. На платото пред храмот беше преполно. Деца, наставници и многубројни посетители дојдоа на свеченото врачување на наградите и се восхитуваа на прекрасните творби, кои беа изложени во црковниот двор.
Настанот го отвори хорот при ООУ „Блаже Конески“ предводен од наставничката по музичко образование Маја Кузманоски, кој се претстави со две духовни композиции, кои внесоа духовна топлина. Потоа следуваше поздравен говор од старешината на храмот, протојереј Љупчо Петрески, кој ја истакна важноста на конкурсот за поттикнување на креативноста кај децата и за приближување на божиќниот дух до младите генерации. По неговото обраќање, на „сцената“ пред храмот настапија учениците од 3-3 одделение предводени од одделенската наставничка Весна Арсиќ, кои се претставија со рецитал за Божиќ и со композициите „Тивка ноќ“ и „Вечниот Бог“, воодушевувајќи ги присутните и измамувајќи аплаузи. Потоа старешината од името на храмот ги врачи наградите и пофалниците, за кои одлучуваа м-р Александар Џинго – уметник и наставник по ликовно образование во гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп, Елена Димоска – уметница и наставничка по ликовно образование при ООУ „Блаже Конески“, Павлинче Чочкова – наставничка по македонски јазик во пензија и Блага Тутеска – наставничка по македонски јазик во пензија и поетеса.
Најдобрите заслужено ги освоија наградите. A честа да го затвори настанот му припадна на Ангел Кулески, ученик од ООУ „Блаже Конески“, освојувач на голем број републички и меѓународни награди, со соло-изведба на песната „Моја Македонија“, придружуван од своите соученици. Со ова храмот „Св. Петка“ уште еднаш покажа дека е место каде што духовното, културното и уметничкото се испреплетуваат, негувајќи го духот на заедништвото и креативноста – посочи в.д. старешината отец Љупчо Петрески.

Ка.М.


ЛИТЕРАТУРНА КАТЕГОРИЈА ОД ПРВО ДО ПЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ НАГРАДЕНИ УЧЕСНИЦИ:

1. ЈОВАНА ПАЛТОСКА – ООУ „Рампо Левката“ 5-а одд. Ментор: Наташа Блашкоска
Прозен расказ: „Бадникова светлина“.
2. ЛАНА СТЕВАНОВ – ООУ „Климент Охридски“ 5-3 одд. Ментор: Наташа Колеска
Поетска творба: „Рождество Христово“.
3. ТЕОНА СТОЈАНОСКА – ООУ „Блаже Конески“ 3-2 одд. Ментор: Наташа Ристеска
Поетска творба: „Рождество Христово – Божиќ во нашиот дом“.

ЛИТЕРАТУРНА КАТЕГОРИЈА ОД ШЕСТ ДО ДЕВЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ
НАГРАДЕНИ УЧЕСНИЦИ:
1. МАТЕЈА НИКОЛОСКА
ООУ „Кочо Рацин“ шесто одделение. Ментор: Благојче Ристески
Поетска творба: „Божиќната радост во нашиот дом“.
2. ЛЕОНТИНА ПАВЛОСКА
ООУ „Блаже Конески“ седмо одделение
Прозен расказ: „Божиќната радост во нашиот дом“.
3. МАКСИМ ИВАНОСКИ
ООУ „Гоце Делчев“ шесто одделение. Ментор: Весна Крстеска
Поетска творба: „Божиќна желба“.

ЛИКОВНА КАТЕГОРИЈА ОД ПРВО ДО ПЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ
НАГРАДЕНИ УЧЕСНИЦИ:
1. ИЛИЈАН ЈОВЕСКИ – ООУ „Климент Охридски“ 5-3 одд. Ментор: Наташа Колеска.
2. НИКОЛАЈ БУРНЕСКИ – ООУ „Климент Охридски“ 3I-2 одд.
3. ДАВИД СИЛЈАНОСКИ – ООУ „Блаже Конески“ 4-1 одд.

ЛИКОВНА КАТЕГОРИЈА ОД ШЕСТО ДО ДЕВЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ
НАГРАДЕНИ УЧЕСНИЦИ:
1. ИЛИЈА ЈАНЕВСКИ – ООУ „Блаже Конески“ 9-3 одд. Ментор: Елена Димоска.
2. ЈОВАНА РАДЕСКА – ООУ „Климент Охридски“ 7I-4 одд. Ментор: Влатко Николоски.
3. СОФИЈА ТАЛЕСКА – ООУ „Добре Јованоски“ 9-1 одд. Ментор: Маја Најдоска.

НАГРАДЕН НАЈМЛАД УЧЕСНИК НАДВОР ОД КОНКУРЕНЦИЈА:
1. ДОРОТЕА АНДРЕЕСКА, четири години.