На конкурсот за годинашното издание на зборникот „Зборот на Конески 2023“, кој фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ традиционално го објавува секоја година, беа испратени голем број творби на автори од повеќе генерации.
Издавач е културно-едукативниот центар „Небрегово“, а има песни посветени на великанот Блаже Конески од автори поделени во неколку групи, и тоа од 17 основни и 11 средни училишта, студенти од четири факултети, како и 22 возрасни автори.
Меѓу нив е и авторот Стојан Кукунешоски од струшко Подгорци, долгогодишен соработник на „Колибри“, со песната насловена „Во неговата родна куќа“.
Годинашното издание на зборникот „Зборот на Конески“ ќе биде промовирано во пресрет на Денот на независноста на Македонија, 8 Септември, во родната куќа на Блаже Конески, во прилепското село Небрегово, каде што самите автори ќе ги прочитаат избраните песни.


Во неговата родна куќа
(На Блаже Конески)

Небрегово е селото негово
од калдрма стрмна,
се извива пат,
в црква свеќи се палат,
небосводот станува злат.
И се јавува неговиот лик
и насмевката што нѐ гали.
Удрете ѕвона, нека се чуе,
од котлиња со крст
и босилек и вода,
се осветува тритомниот Речник
додека капе од свеќите
збор по збор, зборољубие
со над сто илјади збора
и трајно и бескрајно човекољубие.
Попрскајте ги со света вода
Позлатените триесет и една буква
за век и веков имаме ука.
Осветете ги и благословете ги
нашата црква и вера
како везилка што везе,
јазик благоглатлив, вечен
и историја
за Македонија.

Автор: Стојан Кукунешоски