Оптимизмот во македонскиот табор е присутен, но и фактот дека претстојат долги 60 минути до посакуваната цел – осмиот настап во низа на СП
РАКОМЕТ – УТРЕ ВТОР БАРАЖ-МЕЧ СО ЧЕШКА ЗА ПЛАСМАН НА СП 2023
Македонската ракометна репрезентација утре, во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“ (19 ч.), ќе го одигра вториот бараж-меч против Чешка. Иако беше блиску до победа, сепак, по нерешените 24-24, во првиот дуел на гостински терен во Злин, црвено-жолтите се на чекор до своето осмо учество во низа на мундијалите (1999, 2009, 2013, 2015, 2017, 2019, 2021). Со помош на публиката, која ќе биде нејзиниот осми играч, Македонија ќе го трасира патот што води за Полска и за Шведска, државите домаќини на СП (11-29 јануари). Оптимизмот во македонскиот табор е присутен, но и фактот дека претстојат долги 60 минути до посакуваната цел.
– Секако дека ќе биде поинаку пред 7.000 македонски навивачи во СЦ „Борис Трајковски“ отколку во Злин. Нам ни преостанува да се подготвиме уште подобро за вториот меч, бидејќи не се сомневам дека и Чесите ќе се обидат да променат нешто во својата игра по првиот дуел – оптимист е македонскиот голман Никола Митревски, кој во Злин имаше 11 успешни интервенции.
Сепак, Чесите, кои се во фаза на промена на репрезентативната генерација и не одиграа на посакуваното ниво во Злин, во никој случај не треба да се потценат и покрај поволниот резултат што го има Македонија. Тоа добро го знае македонскиот селектор и играч Кирил Лазаров, кој заедно со Филип Миркуловски, по овој меч ќе се збогува од активното играње во репрезентацијата.
– Во Скопје, пред полна арена очекувам победа и пласман на СП, но сепак треба да бидеме претпазливи оти се работи за квалитетна репрезентација, а тоа го покажаа и во Злин, кога се вратија од минус седум гола. А таква негатива да надополниш, пред сѐ треба да имаш квалитет. Но сѐ зависи од нас, ако го испочитуваме договореното и одиграме цврсто во одбраната, тогаш можеме да се надеваме на пласман на уште едно СП – вели крилото Гоце Георгиевски.
Но и Чесите, предводени од искусниот шпански стратег Чави Сабате, а понесени пред сѐ од еуфоричното второ полувреме во Злин, далеку од тоа дека предвреме мислат да се предадат, иако не ја искористија предноста на домашниот терен. Посебен акцент треба да се стави на Јакуб Хртска и на Матеј Клима, а тука е и одличниот голман Томаш Мрква, кои предничеа во првиот натпревар.
– Во Злин не одигравме како што умееме, но ништо не е завршено, иако пред нас е исклучително тешко гостување. Знаеме колку е тешко да се игра во Скопје, ќе биде неизвесно, почнуваме од 0-0. Знам каква пеколна атмосфера прават македонските навивачи, така што мораме да најдеме начин да останеме мирни и да ја играме нашата игра – изјави за тамошните медиуми, голманот на Кил и Чешка, Томаш Мрква, кој на првиот дуел имаше 18 одбрани.
На реваншот во Скопје, пак, правдата ќе ја делат Португалците Дуарте Сантос и Рикардо Фонсека, а делегат ќе биде Италијанецот Марко Треспиди.