Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во последно време, сѐ почесто во јавноста има изјави преку кои суптилно се сака да се оттргне фокусот од борбата против корупцијата, и тоа од крупните коруптивни поведенија (т.н. висока корупција), и да се насочи кон борбата со ситната корупција. Имено, интенцијата на таквото алоцирање на фокусот од високата кон ситната (а повеќебројна) корупција е создавање јавна перцепција на зголемен обем на ангажмани на надлежните органи (статистичките показатели, бројките и процентите се повисоки). На тој начин можеби би растеле бројките на решени ситни случаи на корупција, а крајните резултати би покажувале бројки што би ги задоволиле апетитите на меѓународната заедница. Но, всушност, ефикасната борба со корупцијата не би добила на ефикасност и квалитет. Високата корупција можеби е помалобројна од ситната, но таа нанесува многу поголема општествена штета, потешка е за откривање и докажување, а влегувањето во костец со неа има огромен одек во јавноста

Вистинската борба против корупцијата не трпи импровизации, статистички калкулации и шминкање резултати

Ниту една власт во овие 30 години не покажа силна, категорична, решителна и непоколеблива политичка волја да се справи со корупцијата во земјава. Освен празните флоскули за борба што ќе ги има гореспоменатите атрибути, во практика таква борба никогаш не се случи. Сега, кога државата е притисната од сите страни поради неефикасното справување со корупцијата, некој во државава сака на некој начин да се разводни дури и идејата за „фокусирана борба против корупцијата“, особено против високата корупција. Во таа насока, пласираните тези се дека „фокусот на борбата против корупцијата треба да биде на обичните граѓани, бидејќи, всушност, тие се носители на масовната корумпираност во општеството“!?

Високата корупција е рак-рана на македонското општество и апсолутен приоритет е – таа да се реши!

Во последно време сè почесто се пласира тезата дека корупцијата во државата потекнува од граѓаните и дека тие треба да бидат први на удар ако бидат затекнати во некакви коруптивни активности. На прв поглед тоа е точно. Но подлабоко анализирано, тоа во суштина претставува една чудна замена на тези од одредени политички кругови за да се тргне фокусот од крупните коруптивни поведенија (т.н. висока корупција), а ефикасноста во борбата со корупцијата (статистиката, бројките и процентите показатели) да се билда врз основа на решени ситни случаи на „подарување цвеќе на учителка, пијалак на доктор или бонбониера на некој шалтерски службеник“…
– Сите луѓе треба да сфатат дека кога ќе отидат на доктор не треба да му стават некоја банкнота во мантилот на лекарот или, пак, наставничката треба да знае дека не треба да добие подарок за 8 Март за ученикот да добие подобра оценка – порача неодамна германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн.
И сето тоа би било во ред доколку принципиелно се води борбата против корупцијата. Без оглед што практиката на ситно подарување одамна е дел од балканскиот менталитет, односно сите се водат по онаа народната „со празни раце, никаде не се оди“. Но, како и да е, на новите генерации овој менталитет им станува сè подалечен и прашање на време е кога оваа негативна практика целосно ќе престане. Од тие причини, драконските мерки на казнување фокусирани кон обичните граѓани (и билдање бројки на решени случаи на корупција), никако нема да ја решат високата корупција, која е рак-рана на македонското општество. Ако токму таа не се реши, тогаш милионите евра од разни тендери, набавки, влијанија, повторно ќе завршуваат во џебовите на носителите на јавни функции, во сите три столба на власта, или во партиите, додека граѓаните ќе продолжат и натаму да живеат општествено инфериорни и да се понижуваат пред секој шалтер ако сакаат да завршат каква било работа.
Што би било уште пострашно, кога истите тие корумпирани носители на јавни функции и политичари ќе се фалат пред меѓународната заедница дека „успешно“ се справуваат со корупцијата во земјата, демонстрирајќи високи цифри на решени случаи, а казнувајќи обични граѓани и на тој начин креирајќи лажна слика дека Македонија блеска во справувањето со корупцијата. Создавањето таква искривена перцепција има една единствена цел, крупните риби и натаму да си останат такви, заштитени и далеку од секаква одговорност, правно-политичка, материјална и, секако, морална.

Странците не паѓаат на антикоруптивни фингирано-креирани перцепции

Интенцијата борбата со корупцијата да почне од граѓаните беше вешто презрена од странските искусни дипломати и експерти. На пример, американската администрација веднаш реагираше, при што им стана јасно дека некој во Македонија ќе сака да прикаже борба со корупцијата гонејќи ги обичните граѓани, а штитејќи ги крупните „ѕверки“, па затоа работата ја зедоа во свои раце.
Американската амбасадорка Ангела Агелер уште пред да стапи на функција најави дека доаѓа во земјава да ја реши корупцијата, а сега отворено порача дека чашата е веќе прелиена и дека секој што сторил какво било коруптивно дејство, сега, но и во минатото, ќе одговара, без оглед на колку висока позиција се наоѓа или некогаш се наоѓал. Парите стекнати преку коруптивни дејства треба да им се вратат на граѓаните.
– Тим за санкции од Вашингтон е тука да преземе поагресивен пристап кон минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни постапки – најави Агелер, ставајќи јасно до знаење дека Американците ги интересира исклучиво високата корупција меѓу функционерите, а не „ситната боранија“ меѓу народот.
Токму тој народ очајно бара странска помош за да ѝ се стави крај на корупцијата од висок профил, бидејќи ја загуби вербата во овдешните институции и во нивната искрена желба да се справат со оваа негативна појава.
– Состојбата е алармантна. Секој што ќе се обиде да ви претстави друга слика за Македонија треба да знаете дека ве лаже. Најавите на американската администрација за бескомпромисна борба против овие корумпирани, неспособни и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот. Сите граѓани веруваат дека тоа не е светло од локомотива што доаѓа кон нив. Граѓаните сакаат да веруваат дека за Македонија има спас. Македонските граѓани сакаат да учат, да работат, сакаат да си ги вратат своите деца од печалба по туѓина. Тоа и го заслужуваат – ѝ порачуваат граѓаните на американската амбасадорка, засега преку единствената можност – отворените социјални мрежи, очајнички барајќи спас за својата земја.
Тие веќе препознаваат дека некој тука сака намерно да создаде лажна слика за борба со корупцијата и притискаат таа веднаш да се разобличи.

Корупцијата не е само мито

– Извор на корупцијата во оваа земја се поединци или групи вградени во политичките партии, кои на таков начинот сакаат да владеат со државата, вградувајќи се потоа во институциите. Тие се извор и легло на корупцијата и од таму треба да се почне, а не да се зборува за некаква ситна корупција што можеби ја направиле обичните граѓани. Корупцијата не е само мито. Многупати сум кажал дека во таа корупција спаѓаат и оние унапредувања, поставувања на различна функција не по стручност и способност, туку според некои партиски, роднински или бизнис-врски. Исто е напредувањето и во судството, каде што последните случувања покажаа дека постои пазарење помеѓу политичките партии за определени места, како и заслуги за определени работи што се извршени, па напредување во кариерата во повисок суд и друг суд. Сето тоа е корупција и со сето тоа мора да се справиме. Доколку тоа не го направиме, ние не сме направиле ништо – вели Звонко Давидовиќ, адвокат.
Според него, Македонија има одлични закони со кои решително може да се справи со сите видови корупција, но тие закони не се спроведуваат.
– Неспроведувањето на законите е проблем кај нас и затоа не се справуваме со корупцијата и ваквите општествени проблеми и процеси. Погубно за нас како држава е што некој доаѓа од страна за да се справи со нашата корупција, за која очигледно не сме во состојба сами да се справиме и тоа е еден поразителен факт за кој сум зборувал барем изминатите десетина години – истакнува Давидовиќ.

Македонија има добра регулатива од областа на борбата против корупцијата, но не се спроведува

Адвокатот Давидовиќ посочува на еден феномен што корумпираните високопозиционирани лица постојано го прават, а тоа е да ги покажуваат работите низ розови очила, иако реалноста е повеќе од црна. Тоа го прават бидејќи сакаат да си ги задржат привилегиите, односно да продолжат да крадат, а корупцијата да им ја припишуваат на граѓаните.
– Она што е страшно, тоа е обидот на политичарите розово да ја прикажат состојбата во Македонија што јасно посочува на две работи, прво дека им одговара ваква состојба кога вирее корупцијата бидејќи ќе можат и натаму да се богатат, да напредуваат, да продолжи непотизмот и сето тоа што е составен дел на нашето живеење. Второ, ваквата статус кво состојба им одговара за да можат да продолжат да се богатат врз грбот на граѓаните. Тие никако не сакаат да прифатат дека нивното владеење е причина и извор за ваквата лоша состојба. Погубно е што некој од страна мора да дојде и тоа да ни го каже. Ние имаме доволно капацитети, доволно луѓе, но, за жал, тие се маргинализирани бидејќи кај нас не се напредува според стручност и квалитет, туку според партиска припадност – појаснува Давидовиќ.
Како човек што добро ги познава овдешните состојби, тој смета дека едноставно нема да помине каков било обид борбата против корупцијата да се сведе само на процесирање на ситни случаи.
– Тоа нема да го дозволат странците. Ако Американците испратиле тим да ги лоцира проблемите, тогаш тие точно ќе бидат лоцирани. А беа лоцирани уште со извештајот на Прибе. Рибата смрди од главата и ако корупцијата не се пресече на врвот, нема да постигнеме ништо, ќе продолжиме да се давиме во корупција, а фијаско ќе доживеат и странците што доаѓаат да ни помогнат. Народот не е глупав, гледа што се случува, така што нема да дозволи некој фингирано да претставува некаква борба со корупцијата. Затоа сите многу сериозно треба да ја сфатат ситуацијата и многу сериозно да притискаат да се почне од главата на рибата што смрди, каде што всушност се наоѓаат корените и причините за корупцијата во државата, а не да се брка некаква корупција меѓу обичните граѓани. Тоа е маргинално. Ако не се постапи така, повторно ќе се види заробеноста на државата и институциите, а ќе си продолжи и непонесувањето одговорност на функционерите за кои се врзани голем број афери – заклучува Давидовиќ.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека каков било обид за справување со корупцијата ќе наиде на сериозен отпор токму од вршителите на коруптивни дејства.
– Оние структури што се занимаваат со корупција ќе имаат отпор кон т.н. чистење на теренот. Мислам дека притисокот или поддршка од меѓународната заедница ќе биде неопходна – вели Арсовски.

Точно адресирање на високата корупција

Последните најави што стигнаа од американската амбасадорка Агелер дека во земјава веќе е пристигнат тим од Вашингтон што има намера да започне сериозна борба со корупцијата ја врати надежта кај македонските граѓани дека можеби конечно нешто убаво ќе ѝ се случи на оваа држава и дека конечно некој ќе му ги пресече пипалата на октоподот што со децении го ограбува овој народ.
Истовремено, пораката на амбасадорката е многу јасна, дека е потребно сериозно адресирање на корупцијата меѓу крупните играчи, а не прстот да се вперува во народот.
Како и да е, оние што имаат сериозно искуство во борбата со корупцијата точно знаат каде да ја бараат и како да ја спречат оваа рак-рана на транзициските општества, останува единствено надежта дека се искрени во своите намери да ѝ стават крај или барем да ја сведат во некои прифатливи рамки оваа негативна појава. Ако и сега потфрлат, тогаш дефинитивно во Македонија „владеењето на правото“ и „правната држава“ ќе бидат мечта и „вообразување на нешто што не постои“…


Денеска се одбележува Меѓународниот ден за борба против корупцијата

Низ светот, но и во Македонија денеска се одбележува Меѓународниот ден за борба против корупцијата, најголемото зло на современите општества.
Во Македонија овој датум ќе биде одбележан со редица настани, но заедничката порака што се испраќа е дека никогаш нема да има ефикасна борба против корупцијата ако таа првенствено не се искорени на високо ниво, каде што е најизразена и каде што ѝ нанесува најголема штета на државата.
Македонија во оваа борба досега не покажа никакви резултати и затоа овој меѓународен ден за борба против корупцијата го дочекува со американски тим што е дојден во земјава да помогне за да му се стави крај на недомаќинското работење, пред сè, на функционерите и политичарите.
– Борбата против корупцијата никако не смее да се сведе на казнување чиновници и службеници… Корупцијата секогаш доаѓа од највисоко ниво, рибата секогаш смрди од главата и тука треба да бидат насочени напорите. Треба да се справиме со корупцијата што е кај политичарите, кај министрите и, за жал, и оваа влада на тој план воопшто не стои подобро од претходните влади затоа што имаше доста високи функционери што беа фатени во коруптивни случаи. Сè додека не видиме и некои од тие големи риби да завршат зад решетки, не можеме да зборуваме за борба против корупцијата – изјави Бранимир Јовановиќ, професор, поранешен советник во Владата, економист и аналитичар во јавувањето за Студио 10.