Фото: ЕПА

ШАХ

  • Можеби имаме различни мислења, но сите го делиме истото уверување дека шахот е важен и дека можеме да направиме многу повеќе за неговиот развој низ целиот свет преку зајакнување и зголемување на независноста на нашите федерации-членки, изјави Турлов

Тимур Турлов, претседател на Шаховската федерација на Казахстан, е избран за нов претседател на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Изборот се одржаа во саботата, за време на генералното собрание на ФИДЕ, паралелно со 46. Шаховска олимпијада (ШО) во Самарканд (Узбекистан). Со 38 години, тој стана вториот најмлад претседател на ФИДЕ во историјата. На изборите учествуваа делегати од 196 национални шаховски федерации, а во трка беа тројца кандидати. Во првиот круг, Турлов доби 96 гласа, Германецот Вадим Розенштајн 76, а неговиот сонародник Јан Хенрик Бутнер 20 од вкупно дадени 192 гласа. Во вториот круг Турлов победи со 110 наспроти 85 гласа, станувајќи осмиот претседател на ФИДЕ. Тој го наследи Русинот Аркадиј Дворкович, кој извршуваше два мандата како претседател, од 2018 до 2026, информира ФИДЕ.
– Сите сме едно семејство и ќе продолжиме да работиме заедно. Можеби имаме различни мислења, но сите го делиме истото уверување дека шахот е важен и дека можеме да направиме многу повеќе за неговиот развој низ целиот свет преку зајакнување и зголемување на независноста на нашите федерации-членки. Со нетрпение очекувам да го придвижам шахот напред и да му го дадам на овој спорт вниманието што го заслужува – изјави Турлов, пренесе ФИДЕ.
Поранешниот претседател Дворкович му посака успех во работата.
– Тимур веќе направи многу за шахот и сигурен сум дека сега, како претседател на ФИДЕ, ќе направи уште повеќе. Тој и неговиот тим поседуваат енергија, јасен план и ресурси за да ги реализираат своите цели, а овој изборен резултат покажува дека Тимур ужива значителна поддршка. Сите ние сме едно семејство и ја делиме истата цел, шахот да стане поголем, подобар и посилен во светот – рече Дворкович.
Турлов е економист и извршен директор на корпорацијата „Фридом холдинг“, меѓународна групација за финансиски услуги. Од јануари 2023 година тој ја извршува функцијата претседател на Шаховската федерација на Казахстан. Турлов е и претседател-основач на Меѓународната федерација за училиштен шах (ИСЦФ), основана во септември 2024. Како шахист уште од детството, Турлов (татко на шест деца) дава поддршка на шаховски турнири во Казахстан и во странство. Во текот на три години неговата корпорација издвои приближно 30 милиони долари за развој на шахот во Казахстан и поддржа одржување на над 20 меѓународни турнири на ФИДЕ, со што стана еден од најголемите приватни спонзори на шахот во светот, пишува ФИДЕ. Г.И.