Фото: Пиксабеј

Предупредување од научниците

Речиси половина од животинските видови во целиот свет моментално минуваат низ фаза на намалување на големината на популацијата, покажа спроведената студија што ги испитува промените во густината на популацијата на повеќе од 70.000 вида животни од целиот свет, што ја прави најсеопфатна студија од тој вид досега. Истражувачите од Универзитетот „Квин“ во Белфаст рекоа дека наодите водат кон „драстично предупредување“ бидејќи глобалната загуба на биолошката разновидност предизвикана од човечката индустријализација е многу поалармантна отколку што се мислеше. Тие открија дека 48 отсто од видовите на Земјата се соочуваат со намалување на бројноста на популацијата, додека само помалку од три отсто од видовите се соочуваат со зголемување.
Степенот на истребување на видовите традиционално се мери според категориите на закана на Меѓународната унија за зачувување на природата, според кои, на 28 отсто од животот на Земјата во моментов им се заканува исчезнување. Сепак, новото истражување користеше глобална анализа на различна мера на ризикот од исчезнување, имено „трендови на популација“. Научниците открија дека кризата со истребувањето е многу посериозна отколку што покажуваат традиционалните мерки засновани на категории на закани. Тие исто така открија дека 33 проценти од видовите што моментално се сметаат за „безбедни“, всушност се намалуваат и се изложени на зголемен ризик од исчезнување.
Во меѓувреме, анализата покажува дека недостигот од видови со растечка популација покажува дека другите видови не се развиваат за да го заземат местото на изумрените видови во екосистемот.
– Овој нов метод на проучување и анализа на глобално ниво дава појасна слика за вистинскиот степен на глобална ерозија на биодиверзитетот што традиционалниот пристап не може да го понуди. Нашата работа е драстично предупредување за сегашната големина на оваа криза, која веќе има катастрофални ефекти врз стабилноста на природата во целина и врз здравјето и благосостојбата на луѓето – рече Даниел Пинчеира-Доносо, виш предавач по еволутивна биологија и макроекологија на Универзитетот „Квин“ во Белфаст.
Водечкиот автор на студијата, Кетрин Фин, додаде дека речиси половина од животните на Земјата за кои се достапни процени моментално се намалуваат. Работите да бидат уште полоши, многу животински видови за кои се смета дека не се загрозени со истребување, всушност се во прогресивен пад. Глобалното губење на биолошката разновидност се смета за еден од најсериозните предизвици за човештвото во наредните децении, кој влијае на функционирањето на екосистемите, производството на храна, ширењето на болестите и стабилноста на глобалната економија.