Фото: СОУ „Орде Чопела“-Прилеп

Средношколците и техничкиот персонал им беа главна помош и поддршка на малите раце што вредно од гранките на дрвјата ги собираа веќе зрелите јаболка

ВО СОУ „ОРДЕ ЧОПЕЛА“-ПРИЛЕП

Ова долго и многу топло лето направи порано да созреат јаболката во овоштарникот на средното училиште „Орде Чопела“ во Прилеп. Професорката по стручни земјоделски предмети Ружица Јагуриноска, која се грижи за овоштарникот, дојде до идеја да реализира заедничка берба, а таа беше одобрена од страна на директорката на училиштето Тереза Златеска Трајковска, од тимот професори агрономи, од сите други професори, стручната служба и од техничкиот персонал.
Имено, на гости во училиштето пристигнаа дечињата од градинката „Наша иднина“ од прилепската населба Бончејца и беа главни ѕвезди во бербата на јаболката. Но, да тргнеме од почеток.

ПЕСНИ КРАЈ ЗАЧИНСКАТА ГРАДИНА

Дечињата од градинката и нивните воспитувачки беа пречекани од нивните поголеми батковци и дадички, односно средношколците што учат во СОУ „Орде Чопела“, и им објаснија дека за неколку години и тие ќе пораснат и ќе седнат во овие средношколски клупи. Откако малите љубопитни очи го разгледаа училиштето, се наредија во круг и ја „окупираа“ зачинската градина, каде што научија што е оригано, што босилек, а што нане, рузмарин, пелин и жалфија. Се согласивме дека ориганото ни е најпотребно оти мириса убаво и дека ни е важно за да направиме добра пица. Следуваше песничка во изведба на децата од градинката, која со радост ја слушаа сите вработени во училиштето и ги наградија со силен аплауз.

ЛЕТО БЕЗ ДОМАТ Е КАКО ПИЦА БЕЗ КЕЧАП

Низ училишната зеленчукова градина ги поведе професорот Филип Димкоски, видоа како растат некои зеленчукови култури, но сепак најмногу се задржаа кај доматот, за кој професорот им прочита и песничка.
И, конечно, дојде време за берба на јаболката. А пред тоа, за добредојде, медените устиња каснаа од прекрасните печива приготвени во училишната реална компанија пекарницата „Детелинка“, направени од професорката технолог Анита Галеска.
Научија дека како што секое дете има име, така и јаболката имаат имиња на сортите.

НАЈУБАВИТЕ ЗА ДЕЧИЊАТА, А ЌЕ ГРИЦНАТ И ЗАЈАЧИЊАТА

Умните средношколци и техничкиот персонал им беа главна помош и поддршка на малите раце што вредно од гранките на дрвјата ги собираа веќе зрелите јаболка. Видоа дека не е страшно ако некое јаболко има дупче или некоја пукнатина, можеби се нахранило некое гладно црвче, некоја пчела или некоја птица… Во природата треба и мора да има за сите. И за нас и за сѐ што е живо.
А кога сме кај живиот свет, тука беа и зајачињата од училишната фарма, за која се грижи професорот Ѓорѓија Гагалески, кои им ги претстави професорот ветеринар Игор Галоски. Заедно со него, како прави ветеринари, на слушалки можеа да чујат како бие срцето на овие мили суштества.
Уживање беше да се гледа како големите ученици се грижат за безбедноста на нивните гости и со каква грижа се однесуваат кон нив, секако сето тоа под будното око на воспитувачките и професорите од училиштето.

ПОЛНИ ГАЈБИ ЈАБОЛКА И СРЦА ПОЛНИ РАДОСТ

Откако се наполнија гајбите со вкусните и зрели јаболка, градинарчињата ја посетија училницата на отворено, каде што беа послужени со ролат приготвен од професорката Ружица, направен токму со јаболката од овоштарникот. По срдечното испраќање, децата од градинката „Наша иднина“ во нивниот автобус, освен задоволство и насмевки, ги понесоа и полните гајби со јаболка, кои ќе бидат искористени во кујната на градинката.
Преку оваа активност, СОУ „Орде Чопела“ ја продолжува соработката со заедницата и остварува две важни цели, а тоа се зголемување на образовното ниво кај децата и поттикнување на нивната љубов кон природата и кон производството на храна.

Ф.Д.


 

Јаболкници

Јаболкниците имаат болка:
Не знаат што се без јаболка.
Без јаболка и без птици,
тие не се јаболкници.
Јаболката, пак, од ред сите,
си се мислат на гранките.

Петре М. Андреевски
(од книгата „Касни порасни“)

Јаболката се наш штит

Има овошја разни,
ама јаболката се посебни,
ги има и во сказни.
Тие се ретка сорта,
се јадат свежи,
но и во торта.
Имаат многу витамини
и други состојки фини.
Велат дека се штит
од болести разни,
јади едно на ден
и лекар не ти е потребен!

Марија Таушанска

Малиот градинар

Не сакам да сум космонаут,
ни пилот, ни директор, ни цар,
едноставно многу сакам,
многу сакам да сум градинар.

Ќе го проучам на природата светот,
сакам да ја допрам душата на цветот.

Сакам да знам кога што се сади,
кое растение кога и колку се вади,
сакам сам зеленчук да произведам,
дел ќе споделам, дел ќе изедам.

Филип Димкоски
(Од книгата „Заедно да растеме“)