Вистинска филмска магија ќе се случува в сабота, на 22 февруари, во Македонскиот народен театар во Скопје, кога ќе се одржи втората „Оскаровска гала-вечер“. На концертот ќе бидат изведени песни што влегле во филмската историја и биле номинирани и наградени со „оскар“, а ќе ги исполнат македонските пејачи Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска, Горан Наумовски, Денис Димоски, Дејан Бобиќ-Дексо, Марија Димитријевиќ, Јасна Димитровска, заедно со Битолскиот камерен оркестар, под диригентската палка на Владимир Димовски.
Миланка Рашиќ, коментаторка на оскаровското шоу и авторка на емисијата за филм „Во кадар“ на МТВ, ќе ја води публиката низ оскаровските приказни. Филмската магија на сцената ќе ја создадат и настапите на балетските уметници Саша Ефтимова и Ендрју Кук, како и танчарите од танцовиот клуб „Денесерс јунајтед“. Модната куќа „Елена Лука“ со гламурозните креации ќе ѝдаде моден печат на оваа блескава музичко-филмска ноќ, исто како и на првата „Оскаровска гала- вечер“.
– Музичкиот избор од оскаровските песни е извонреден. Сигурна сум дека публиката ќе ужива во маестралните изведби на големите хитови и во нашиот музичко-филмски времеплов – вели Миланка Рашиќ.
Според Горан Наумовски, ова е еден од ретките настани во нашата земја на кои се изведува музика со врвен квалитет.
– Преку овој концерт се чувствуваме како дел од оскаровската магија – вели Наумовски.
Пристигнувањето на црвениот тепих е од 19.30 часот, а концертот ќе започне во 20 часот. Настанот ќе се одржи точно една недела пред 97. оскаровска церемонија во Лос Анџелес.