Етика за млади

Јас сум суштество. Имам тело и душа. Физичкиот живот го живеам со основите и силите на телото, со неговите потреби и барања. Во психичка смисла – доживувам, реагирам, размислувам, решавам, посакувам, копнеам, оценувам, избирам.
И во телесна и во душевна смисла јас сум дел од околината. Јас сум едно од телата во еден простор и време, заедно со нив сочинувам определен физички свет. Моето опкружување е услов и за моето телесно и за моето психичко живеење. Свесен сум за светот во кој се наоѓам, го разбирам и имам однос кон него, го градам и го вреднувам.
Околината е мојот свет. Таа значи постоење на други суштества, природни сили и предмети околу мене, како извор за моите доживувања, чувства и мисли, како предизвик за моите дејствувања. Околината и јас сме едно.
Така е и со сите луѓе. Сите имаат своја околина, која е нивна определница, со која тие сочинуваат единство. Во неа им се одвива живејачката и во неа се реализираат како личности.
Во околината понекогаш се важни градбите, понекогаш предметите, понекогаш збирот на природните елементи, растенијата, животните, спомените, звуците и мирисите, разните дразби што нѐ поттикнуваат. Понекогаш се важни надежите што ги имаме, сврзани за нештата околу нас. Но секогаш се најважни луѓето што нѐ опкружуваат. Тие се хуманиот дел од нашиот свет. Тој е паралелен и заеднички со светот составен од сите други нешта. Сите ние сме една околина.
Јас сум само едно од човечките суштества што живеат во исто време и заедно, едни до други. Можеби сме блиски, но можеби малку се познаваме или уште не се познаваме и никогаш нема да се запознаеме. Мене може да ми е мило што сме заедно, да ми е сеедно, а може и да се плашам од другите луѓе.
Меѓутоа, сеедно дали соработувам со човечките суштества во мојата близина или сум оддалечен од нив – тие се мојата најважна околина. Јас немам друг свет, освен нив. Не само природната, туку и човечката околина е мојата судбина. Таа е и предизвик за добро дејствување, прва основа за животната надеж за една пристојна живејачка и за блиски односи со луѓето.
Затоа, најубаво се живее кога се има доверба во луѓето околу себе, кога им се верува и кога човек им се предава со пријателско чувство. Многу е лошо кога не сме сигурни во луѓето околу нас, кога мораме да се повлечеме, кога стравуваме да им се довериме, кога не знаеме што сакаат и кога очекуваме некое зло од нив. Тогаш сме вознемирени и уплашени.
Најубав етички став на секој човек е на сите луѓе од неговата околина да им овозможува стабилност, доверба и спокојство.

Автор: проф. д-р Кирил Темков 


Етичка мисла

Единствениот начин како да ги натераме луѓето да зборуваат
добро за нас е – да правиме добро.

Волтер, француски просветител