Друштвото на писателите на Македонија ги додели признанијата за 2022 година

Комисијата за наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија, која се доделува за книга за деца и млади, едногласно одлучи наградата за 2022 година да ѝ биде доделена на авторката Ели Маказлиева за книгата поезија „Чудесен дар во годишен календар“.
Комисијата во состав: проф. д-р Кристина Николовска, Кузман Кузмановски и Александра Велинова детално ги разгледа сите пристигнати книги и на последниот состанок едногласно одлучи дека делото „Чудесен дар во годишен календар“ од авторката Ели Маказлиева се одликува со висок квалитет, изградена структура на делото, поставена идеја што расте во одлична содржинско-изразна и графичка реализација. Делото има јасна визија, изградена композиција и осмислена структура. Книгата е поделена во четири циклуси: „Детето е цвет – најубав на свет“, „Стихот е сон за детски бонтон“, „Природата шаренолика е најлична слика“ и „Секој месец е дар во годишниот календар“.
Во првиот циклус има песни за детскиот развој од предучилишна возраст – градинката како матица, како воспитно-едукативна оаза, важен социјален амбиент и рај за дружење, радости, креација и имагинација на децата.
Следниот циклус е вистинска поетска „граматика“ и апликативна типологија на бонтонот преку разни видови на добро, воспитано и културно однесување во разни ситуации во кои се наоѓа современото дете. Преку изграден стилизиран стих, преку иновативно обработени идеи и разработки на теми, блиски на современото дете, авторката гради зрело, стабилно, обмислено, полифоно литературно дело, кое е вистинска „круна“ на нејзиниот повеќедецениски животен влог во творечко-педагошката дејност – во литературата за деца и млади.
Делот „Природата шаренолика е најлична слика“ е вистинско „виножито“ од теми што ја будат и градат еколошката свест преку извонредна поетизација на екотеми преку праелементите: земја, воздух, вода, оган – кои се преработуваат и актуализираат во песни.
Последниот дел на оваа прекрасна стиховница „Месец по месец – годината е цветец“ е поетски календар што расте преку месеците во годината преку инвентивни стиховни „реки“.
Во делото доаѓа до израз афинитетот кон нов, модерен израз, нови содржински и графичко-визуелни реализации.
Освен тоа, книгата поттикнува со креација, оригиналност, иновативност, „оддишува“ со модерна поетика и современ израз, актуелни теми, но и вечни, универзални пораки. Оваа поетска стиховница е вистински креативен, творечки поетски дар за децата од реномираната, зрела, изградена авторка на неколкудецениски опус на литература за деца.