Тим од шведски истражувачи уште еднаш истакна дека срцевиот удар е главна причина за смрт на глобално ниво. Бидејќи многу е тешко да се предвиди таа состојба, тие одлучија да спроведат истражување што доведе до развој на нов модел за предвидување срцев удар за кој е потребна само една минута – клучно е да го дознаете нивото на холестерол.
Јохан Сундстром, водечки автор на студијата, кардиолог и професор по епидемиологија на универзитетот „Упсала“ во Шведска, вели дека периодот непосредно пред срцевиот удар секогаш е многу динамичен за индивидуата. На пример, ризикот од срцев удар се удвојува во првиот месецот по разводот, а ризикот од фатален срцев удар е пет пати поголем во првата недела по дијагнозата на рак.
– Нашата цел беше да идентификуваме биомаркери или специфични индикатори во телото што би можеле да сигнализираат закана од срцев удар, со што се отвора патот за рана интервенција и потенцијално спасувачки мерки. Наодите претставуваат едноставен тест на крвта и онлајн алатка што може да го предвиди ризикот од срцев удар во наредните шест месеци, помагајќи им на поединците да ги добијат овие критични информации пред да биде предоцна – рече Сандстром.
Истражувачите анализирале примероци од крв на повеќе од 169.000 луѓе, сите без претходна историја на срцеви заболувања. Во рок од шест месеци од оваа анализа, 420 од учесниците го доживеале првиот срцев удар. Со споредување на крвта на лицата што доживеале срцев удар со оние што останале здрави, студијата идентификувала клучни маркери – 48 протеини, 43 метаболити и клинички фактори како што се возраста, полот и крвниот притисок – кои укажуваат на зголемен ризик од срцев удар. Имено, мозочниот натриуретичен пептиден протеин е идентификуван како значаен предиктор за срцев удар. Овој пептид може да се идентификува со релативно едноставен тест на крвта. Дополнително, ова истражување кулминира со развојот на достапна онлајн алатка, која им овозможува на поединците да го проценат ризикот од срцев удар во следните шест месеци. Некои од информациите што ќе ви бидат потребни се нивото на вашиот ХДЛ и ЛДЛ-холестерол, висината и обемот на половината.
Истражувачите предупредуваат на донесување погрешни заклучоци, велејќи дека овој модел на предвидување е развиен кај популација на претежно средовечни европски граѓани и не е познато како алатката функционира кај другите популации. Истражувачкиот тим вели дека е посветен на понатамошно истражување на овие биомаркери за да го подобри нивното разбирање и да ги истражи потенцијалните опции за третман.