Студијата „Црквата ‘Свети Никола’ во Топличкиот манастир“ ќе претставува пример за сите други современи научни трудови од областа на византиските студии

Книгата „Црквата ‘Свети Никола’ во Топличкиот манастир“ од Јехона Спахиу Јанчевска, во издание на Центарот за духовно и културно наследство, која е промовирана деновиве, претставува значајно истражување на македонското културно наследство. Уредник на изданието е Дарко Николовски, а за книгата зборуваше Елизабета Димитрова.

Авторката на ова обемно дело е вработена во Националниот конзерваторски центар-Скопје, како конзерватор-советничка за уметничкото наследство од византискиот и поствизантискиот период (9-18 век), во секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижното културно наследство. Таа била раководителка и членка на над триесет проекти од областа на заштитата на културното наследство од византискиот, поствизантискиот и преродбенскиот период. Изработила голем број увиди и елаборати за ревалоризација на недвижни културни добра, а како претседателка или членка учествувала во голем број комисии за стручна контрола на конзерваторски проекти, ревизии, прием на изведени работи итн. Објавила голем број научни трудови, а била учесничка и на неколку меѓународни конференции, симпозиуми и научни собири во земјата и надвор.

– Книгата претставува одлично конципиран и богат калеидоскоп од податоци, аргументи, идеи, размислувања, ставови и истражувачки резултати; питорескна сторија за животот и наследството на Топличкиот манастир, за ликовните дострели на неговите творци и за естетските квалитети на неговата уметничка амплитуда. Педантно елаборирана, вешто артикулирана, технички одлично асемблирана и „орнаментирана“ со илустративни прилози, професионални фотографии и авторски цртежи, книгата на Јехона не е само уште една во низата монографски остварувања за македонското културно наследство, таа е репрезентативно книжевно сведоштво за животната определба на авторката во напорите да се проучи, претстави и зачува еден споменичен „експонат“ од креативното наследство на Македонија. Конзистентна во тематскиот опфат на содржината, кохерентна во применетите истражувачки методи, академски доследна во аргументацијата на постулатите и пластична во стилот на литерарната експресија, црквата „Свети Никола“ во Топличкиот манастир ќе претставува пример за сите други современи научни трудови од областа на византиските студии – вели Елизабета Димитрова.

Јехона Спахиу Јанчевска (Скопје, 1980) e историчарка на уметноста, конзерватор-советничка. По завршувањето на средното образование во УПУ „Лазар Личеноски“, отсек сликарство (1999), се запишала и дипломирала на Институтот за историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“-Скопје (2005). На истиот факултет се стекнала со научниот степен магистер по историја на уметноста (2010). Докторската дисертација ја одбранила на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што се стекнала со звањето доктор по историја на уметноста (2020). Од 2004 до 2017 година била ангажирана како демонстраторка, а потоа и како стручњак од практиката на Институтот за историја на уметноста и археологија.

В.Д.