Леона Беслаќ, четврто одделение, која наслика врапче со комбинирана техника, кафе и колаж

Денеска, драги деца, ќе се запознаете со ликовните творби на ваши другарчиња од Скопје, чиј ментор е или до скоро бил наставникот по ликовно образование Петар Беслаќ.
Тој е дипломиран ликовен педагог, вработен во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ и во ООУ „Кузман Шапкарев“ во Скопје, каде што другарува со децата десетина години. Многубројните награди и признанија што ги освојуваат неговите ученици се доказ дека со својот ангажман ги препознава младите таленти и им отвора врати за напредок и идни успеси.

– Презадоволен сум затоа што имаме прекрасни и талентирани деца на кои треба само да им се посвети малку повеќе внимание и да им се отворат првите врати за да можат да го покажат својот раскошен талент. Тие подоцна грабаат напред кон успехот. Нема поголема награда за еден учител од успехот на неговите ученици, особено ако се успешни и препознаени насекаде низ светот – вели тој.
Петар Беслаќ е горд на успехот на своите ученици.
– Особено ме радуваат успесите на меѓународни натпревари на кои учествуваат таленти од целиот свет, а уште повеќе кога ќе бидат наградени на овие конкурси. Како најголем успех низ годините го сметам континуитетот во освојувањето награди, а секоја година списокот е збогатен со нови признанија од меѓународни натпревари.
Тоа е доказ дека со посветеност, желба и љубов можат да се поттикнат учениците да бидат креативни и да ги искажуваат своите таленти на различни конкурси и натпревари – ни рече овој посветен и неуморен наставник.

М.Т.


Испраќајте цртежи на слободна тема до 15 декември!

За да ја завршиме на најубав начин годината во која „Колибри“ прославува 65 години постоење и има континуирана дружба со децата, драги наши млади читатели, ве повикуваме на соработка.
До 15 декември испраќајте ни цртежи на слободна тема, а ние ќе ги одбереме најдобрите три, ќе ги наградиме со книги и, секако, ќе ги објавиме на нашите страници.
Право на учество имаат ученици од прво до деветто одделение.
Цртежите со вашите податоци (име, презиме, одделение, училиште), праќајте ги електронски на адресата: [email protected], со назнака: За ликовен конкурс.
Ве очекуваме во голем број!

Ваше „Колибри“

Лина Беслаќ, осмо одделение, која го наслика „Светот на Хари Потер“
Михаела Трпевски, прва година средно, сликаше на темата „Историја на патувањето
со воздухоплови“
Михаела Трпевска, петто одделение, нацрта цртеж со различни линии
Сара Цветановска, прва година средно, својата творба ја наслови „Воздухопловството некогаш и сега“;
Дона Арсова, прва година средно, со комбинирана техника го наслика цртежот „Партија шах“;
Теодора Стојановска, деветто одделение, која направи цртеж по повод 100 години македонско воздухопловство