Најмногу се радувам кога продолжуваат да се интересираат, не само за јазикот туку и за македонската култура откако ќе ги завршат своите студии. Редовни се на настаните што ги организирам, читаат македонска литература, ја посетуваат Македонија, се интересираат за политичките случувања кај нас, се револтираат за односот на нашите соседи кон нас. Едноставно продолжуваат да го шират гласот за Македонија, вели лекторот Панзов

Златко Панзов, лектор по македонски јазик во Будимпешта

Студенти од Полска, Словачка, Чешка, Словенија, Австрија, Германија, Монголија, Тибет го изучуваат македонскиот јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, Унгарија. Во летниот семестар 2021/2022, наставата по македонски јазик ја посетувале 24 студенти по предметите Македонски јазик 1-4, Запознавање со Македонија и Македонска култура. Во овој семестар имало и предмет Современ македонски роман, кој го посетувале седум студенти.
Златко Панзов, кој работи како лектор по македонски јазик и е докторанд на Докторската школа за книжевност при ЕЛТЕ, вели дека покрај студентите од Унгарија, често доаѓаат да студираат и студенти однадвор.
– На Универзитетот ЕЛТЕ има многу студенти што преку најразлични програми за подвижност на студенти доаѓаат од други земји. Овој семестар имав студентка од Љубљана, Словенија. Во изминатиот период наставата по македонски јазик ја посетувале студенти од Полска, Словачка, Чешка, Австрија, Германија, Монголија, Тибет и други места. Студентот од Тибет беше монах, часовите ги почнувавме со прочистување од лоши енергии и будистичка молитва. Инаку, токму тогаш почнавме со настава на далечина, па имав можност непосредно да се запознаам со околината и животот на будистичките монаси во Тибет – раскажува Панзов.
Панзов од 2003 година се занимава со превод на книжевност од унгарски на македонски јазик и досега, сам или заедно со Анамарија Цинеге-Панзова, објавил околу 40 наслови од класичната и од современата унгарска книжевност за повеќе издавачи во Македонија.
Меѓу студентите е познат по тоа што предавањата никогаш не му се здодевни.
– Се трудам часовите да бидат релаксирани, но и да се реализира сето она што е предвидено за дадениот час. Почетниците што никогаш претходно не се сретнале со кирилското писмо успевам да ги мотивирам и да им докажам дека по неколку часа можат да читаат. Ги поддржувам нивните идеи и иницијативи. Така, пред некој ден бевме на екскурзија во Белојанис, село изградено за бегалците од Егејска Македонија. Екскурзијата ја обмисли и организира студентот Атила Токаи, иако историчар по вокација, заинтересиран за неоткриената историја на Унгарија – зборува Панзов за своето искуство.
Македонското вино и турското кафе се нешта по кои студентите секогаш со задоволство посегнуваат.

– Едноставно, за мене предавалната е театарска сцена, секогаш се трудам да бидам добро расположен, насмеан, да го одржувам вниманието и, секако, да знам колку, на кој начин и како да го сервирам македонскиот јазик. Откако организирав предавање и дегустација на македонски вина, работниот ден ми почнува со прашањето: Кога повторно ќе организираш вечер на македонски вина? Тоа ми стана еден вид „добро утро“. Потоа, по процена на расположението во предавалната одлучувам на што повеќе ќе се фокусираме на часот: конверзација или граматика, или и двете. Сега на крајот на семестарот, кога е убаво времето, разговараме на теми поврзани со Македонија, секако на македонски јазик и со турско кафе сварено од лекторот – вели лекторот Панзов.
Некои од студентите што го избираат македонски јазик веќе студираат некој друг словенски јазик како главна насока, а има многу студенти што изучуваат ориентални јазици, некои се историчари, археолози, социолози. За предметите по македонски јазик најчесто дознаваат преку рекламите и активностите на Лекторатот по македонски јазик.
– Мислам дека студентите со кои јас се среќавам многу добро знаат што сакаат. Сериозно работам на промоција на лекторатот преку најразлични активности и настани, се трудам да будам присутен насекаде. Сето тоа носи резултати, студентите точно знаат зошто избираат македонски јазик, какви можности има за изучување на јазикот, можностите за учество на Летната и Зимската школа, патувања во Македонија. Своите искуства им ги пренесуваат на своите колеги и пријатели. Така што мислам дека нема случајности, само напорна работа за промоција на лекторатот – вели Панзов.
Засега предметите по македонски јазик, литература и култура се изборни, меѓутоа во програмата на Институтот за славистика и балтичка филологија се предвидува отворање на македонски јазик како втора задолжителна насока.
– Задоволен сум од моменталната ситуација, голем дел од студентите ја следат наставата по македонски јазик по три или четири семестри, продолжуваат и за време на своите магистерски студии, така што веќе се формира група на сериозни говорители и познавачи на македонскиот јазик. Работиме и на преводи, така што во скоро време ќе имаме поголем број преведувачи – вели Панзов.
Студентите често знаат да се соживеат со македонската историја, но и со актуелните политички случувања, па често се и изреволтирани, како да се работи за нивната земја.

– Најмногу се радувам кога продолжуваат да се интересираат, не само за јазикот туку и за македонската култура откако ќе ги завршат своите студии. Редовни се на настаните што ги организирам, читаат македонска литература, ја посетуваат Македонија, се интересираат за политичките случувања кај нас, се револтираат за односот на нашите соседи кон нас. Едноставно продолжуваат да го шират гласот за Македонија и нејзината вистина. Минатата година го одбележавме јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески со издавање на зборникот „За македонскиот јазик“. Зборникот содржи текстови од Конески преведени на унгарски јазик. Моја студентка успеа да ја дистрибуира книгата во сите подвижни книжарници (изгледаат како старински кочии и ги има насекаде во Будимпешта), така што сега името на Блаже Конески можете да го прочитате на најпрометните места во градот – додава лекторот.
Студентите многу често ја посетуваат и Македонија, а највоодушевени се од гостопримството.

– Пред пандемијата, додека имаше директна авионска линија Будимпешта – Скопје – Будимпешта, студентите често патуваа во Македонија, само за викенд или подолго. Се фалат од македонската гостопримливост, македонската храна, вино, ракија и ноќниот живот кај нас. Во тој период речиси сите мои студенти по неколкупати ја имаа посетено Македонија. Некои од студентите имаа можност да бидат учесници на Летната школа во Охрид организирана од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и од таму носат прекрасни импресии. Тоа е причината поради која веќе станува прекомплицирано да се изберат студентите што ќе бидат учесници на Летната школа, за три места аплицираат по дваесетина студенти – раскажува Панзов.
Златко Панзов од 2019 година ја организира манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“.