- Европската лига во 2027 година ќе биде и втора рунда од квалификациите за пласман на ЕП 2028
Репрезентациите на Македонија во машка и во женска конкуренција ги добија распоредот и противниците во Европската одбојкарска лига за 2027 година, која истовремено ќе биде и втора рунда од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). И в година е предвидено да се играат по три турнира.
Четврта година во низа машката репрезентација на Македонија ќе игра со Грција во едно официјално натпреварување, а Норвешка е селекцијата со која Македонија премиерно ќе игра во Европската лига. Црвено-жолтите почнуваат со дуелите на 4 јуни со Грција и на 5 јуни со Норвешка, на турнир во Грција. Една седмица подоцна во Чешка на 11 јуни ќе ги измерат силите со Чесите, а на 12 јуни е дуелот со Босна и Херцеговина. Македонија е организатор на турнир во третиот викенд кога на 18 јуни ќе ја пречека Словачка, а на 20 јуни игра со Австрија, пишува ОФМ.
Според пропозициите на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), пласман на ЕП 2028 обезбедија европскиот првак Полска, Црна Гора како еден од организаторите, дополнително ќе бидат познати и имињата на другите три коорганизатори што ќе имаат обезбеден настап, а најдобрите четири селекции од Европската лига во 2026 година, Финска, Холандија, Данска и Израел, исто така, имаат потврдено учество, пишува ОФМ.
Листата со учесници треба да биде комплетирана со четирите најдобри репрезентации од Европската лига во 2027 година, а преостанатите 11 места ќе бидат распределени според рангирањето на Европската одбојкарска конфедерација, што треба да биде објавен в година, откако ќе завршат натпреварите во Европската лига и во Лигата на нациите, пишува Одбојкарската федерација на Македонија.
Македонската женска репрезентација ќе се соочи со добро познати противници во новото издание на Европската лига. На првиот турнир, Македонија ќе игра со Азербејџан на 4 јуни и еден ден подоцна со Швајцарија. Со Азербејџан, Македонија играше и во ланското издание на Европската лига, а со Швајцарија во 2025 година, пишува ОФМ.
На вториот турнир, од 11 до 13 јуни, Македонија втора година по ред ќе игра во Шпанија, каде што покрај со организаторот, ќе игра и со Романија, со кој се соочи во 2023 година. Најдобрите македонски одбојкарки ќе играат дома на третиот турнир, на 18 јуни со Исланд и на 20 јуни со Луксембург, противник против кого Македонија победи со 3-0 во Струмица минатата година, пишува Одбојкарската федерација на Македонија.
Пласман на Европското првенство во 2028 година во женска конкуренција досега обезбедија европскиот првак Турција, како и репрезентациите на Шпанија и на Словачка, кои се потврдени домаќини на континенталниот шампионат. Дополнително ќе бидат познати и имињата на другите два коорганизатора што ќе имаат обезбеден пласман, а учеството на ЕП 2028 го потврдија и најдобрите четири селекции од Европската лига за 2026 година, Шведска, Словенија, Унгарија и Словачка.
Со оглед на тоа дека Словачка како домаќин веќе има сигурно учество, се ослободува едно место, пишува ОФМ. Листата на патници на Европското првенство во 2028 година ќе биде комплетирана со четирите најдобри репрезентации од Европската лига в година, а преостанатите 12 места ќе бидат распределени според пласманот на ранг-листата на Европската одбојкарска конфедерација. Н.М.
































