Ќе ја искористиме седмицата и за тренинзи, на кои ќе дадеме повеќе внимание на техничкиот дел од играта, со акцент на нашиот напад и контра, а потоа и враќањето во одбрана, вели Лазаров
РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА ТЕСТ-ДУЕЛИТЕ СО ГРЦИЈА
Македонската репрезентација ги почна подготовките за неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), во чии рамки црвено-жолтите треба да одиграат две пријателски средби на гости со Грција, како дел од подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП) во Германија, во јануари в година, на кое Македонија за ривали ги има Германија, Франција и Швајцарија.
Собирот почна во понеделникот, а меѓу 22-та ракометари што ги повика селекторот на репрезентацијата, Кирил Лазаров, последни, поради клупски обврски, пристигнаа голманот Никола Митревски (Порто) и бекот Филип Кузмановски (Вецлар).
– Ќе одиграме два пријателски меча со Грција, селекција што е во подем, а ќе настапи и на претстојното Европско првенство. Ќе ја искористиме седмицата и за тренинзи, на кои ќе дадеме повеќе внимание на техничкиот дел од играта, со акцент на нашиот напад и контра, а потоа и враќањето во одбрана – вели Лазаров.
На списокот на Лазаров се најдоа 22 ракометари, од кои четворица се интернационалци.
– Списокот е многу широк, оти сакам да пробам и некои нови играчи за да дојдеме до идеалната екипа за големиот собир во Германија. За мене нема стари и млади. Милан Лазаревски го заслужи повикот со добрите игри во Вардар, слично е и со Никола Костески, кој е најдобар стрелец во шампионатот на Чешка. Направивме смена на генерации, тука е уште Митревски, но сосема го заслужи повикот. На местото на Ице Соколески дојде Нино Павелиќ, кој ќе работи со голманите. Проблем е што дел од ракометарите се со мала минутажа, па мора македонските клубови да размислуваат на тоа да им се дава повеќе шанса за игра, што, пак, е важно за националниот тим. Како и да е, ќе ја видиме моментната ситуација и ќе се обидеме до 21 декември, кога ќе го имаме и првиот собир за ЕП, со нашиот кондициски и со медицинскиот тим, да им дадеме дополнителни обврски за да ја дополнат минутажата – рече, меѓу другото, Лазаров.
Македонија ќе тренира во салата „Автокоманда“ во Скопје до утре, а двете пријателски средби со Грција во Солун се закажани за в петок и в сабота. Г.И.