Фото: Игор Бансколиев

Недостиг од леб се случи еден ден по објавувањето на одлуката на Владата да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари. Зошто?

Фурните во Скопје вчера не испорачаа доволно количество за задоволување на дневните потреби за леб на граѓаните

Полиците за леб на големите маркети во Скопје вчера останаа празни поради одлуката на големите пекарници да не го доставуваат овој најважен прехранбен производ. Нашите новинарски екипи од вчераутро регистрираа дека граѓаните од утринските часови одеа од продавница до продавница за да се снабдат со дневните количества од леб. Беше регистрирано дека освен белиот и полубелиот леб, во продавниците не беа доставени и другите видови, иако тие не беа ставени во режимот на „замрзнати“ цени. Единствено можеше да се најде леб што останал непродаден или, пак, од посебните видови, кои се донесени пред неколку дена.

Во помалите фурни во предградието на Скопје имаше леб

Исто така беше регистрирано дека некои од граѓаните успеаја да се снабдат со леб во помалите пекарници во приградските населби на Скопје, по цена од 35 и 40 денари за векна бел леб.
Кризата со лебот се случи еден ден по објавување на одлуката на Владата да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари. Одлуката за определување на највисоката цена на одделни производи, со која се опфатени и полубелиот и белиот леб, и одлуката за запирање на субвенционирањето на цената на струјата за прехранбениот сектор се објавени во „Службен весник“, со датум 28.2.2023 година. Во овој број на „Службен весник“ е објавена и одлуката за престанок на важење на владината одлука за преземање мерки во услови на кризна состојба во снабдувањето со бенефицирана електрична енергија за пекарниците и преработувачите на храна.
Од групацијата на мелничко-пекарската индустрија велат дека само ја спровеле својата одлука, објавена и во јавноста, а со која биле запознаени и надлежните државни институции дека „ќе престанат со производството на леб доколку стапи во сила мерката за замрзнување на неговата цена“. Токму во тој контекст, претседателот на групацијата на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ вчера не сакаше да ги коментира настаните.
– Нашата одлука ја кажавме пред три дена. Немам што да кажам сега. Треба да одржиме состанок, по што ќе излеземе во јавност – изјави тој.

Граѓанските критики аргументи за решавање на лебната криза

Граѓаните што ги анкетиравме вчера во повеќе скопски продавници беа видно изненадени и разочарани од новонастанатата ситуација. Речиси сите анкетирани граѓани искрено се надевале дека „ќе надвладеат граѓанскиот и јавниот интерес“ и дека „тесните интереси, недоразбирања и инатења овој пат, кога станува збор за лебот, ќе запрат“.
Мнозинството граѓани што ги анкетиравме ниту застануваат во одбрана на едната ниту ја напаѓаат другата страна, туку со доза на осуда за „новата лебна криза“ апелираат до сите засегнати страни дека решение секако има и треба веднаш да се донесе, бидејќи „со одолжувањето на една ваква криза, социјалниот удар ќе биде преголем и ќе биде капак на сите досегашни последователни кризи“!
– И овде нема леб. Не знам што сакаат да постигнат и едните и другите. Ако не се исплати да печат од евтиниот леб, зошто нема доволни количества ни од поскапиот? Да купиме барем една векна за децата да имаат да јадат. Ние постарите и ќе поминеме некако. Па, ако потрае вака, ќе си почнеме да печеме и сами да си произведуваме за себе дневни количества леб за семејството. Не може незадоволство вечно да се прекршува преку грбот на граѓаните – ни изјави една пензионерка во Скопје.
Некои од граѓаните што порано излегуваат од дома за да се снабдат со намирници успеаја да купат леб, кој е произведен од помалите пекарници. Белиот и полубелиот леб се продаваа по усогласените цени. Во деловите од градот каде што има помали пекарници, граѓаните можеа да се снабдат со леб. Во една од нив купивме пет векни бел леб за цена од 170 денари.
– Денеска испековме повеќе векни леб. Некои од граѓаните купуваат повеќе од тоа што им е потребно во текот на еден ден. Ние имаме доволни количества брашно да ги покриеме нашите потреби за еден или два месеца. Имаме леб по цена од 34 денари и леб за 40 денари. Зошто другите пекарници продаваат по друга цена не ми е познато. Можеби е поради поголемите резерви од брашно, па сега не можат да продаваат по пониската цена – ни изјави сопственикот на пекарницата.
Малите приватни пекарници се збунети од новонастанатата ситуација и велат дека ним не им е проблем сами да произведуваат леб, но не смеат.
– Не е проблем да се произведе лебот, но за тоа треба да имате посебна дозвола. Не е исто производство на леб и производство на бели печива. Ние немаме дозвола за леб – вели пекар од мала семејна пекарница.

Калкулациите за цената на лебот на министерот Крешник Бектеши и на Државниот пазарен инспекторат

Компаниите од преработувачката индустрија за храна од декември лани имаа можност да користат повластена цена на електричната енергија, но потоа анализите покажале дека тие не ја намалиле цената на лебот. Државниот пазарен инспекторат констатирал дека само во Скопје има голема разлика на цената само на овие два производа, а пазарот го покриваат не повеќе од три-четири компании.
Одлуката што ја донесе Владата за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб ќе важи до 31 мај годинава. Замрзнувањето на цената министерот за економија Крешник Бектеши го оправдува со анализите што ги имаат направено во соработка со Државен пазарен инспекторат и со одредени пекарници членки на групацијата пекарници во нашата држава. Според нивната калкулација, за брашно, квасец, сол и адитиви се потребни 9,5 денари, за енергија и работна рака 5,7 денари, за транспорт и пакување шест денари и вкупната производствена цена е 21,2 денар. На оваа цена се додава заработката на пекарите, која е шест денари. Кога ќе се достави во маркетите, на таа цена од 27,2 денари се додава пет отсто маржа и уште пет отсто ДДВ. Крајната цена во маркетите е 32 денара.

М.Ј.


Ангажирани сите инспектори во контрола на фурните и маркетите

Државниот пазарен инспекторат во текот на вчерашниот ден ги засили контролите во маркетите и пекарниците, каде што се проверуваше дали се почитува одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот. Инспекторите ќе забележуваат и кои маркети не добиле леб поради најавениот штрајк на производителите.
– Инспекторите се на терен и вршат надзори во однос на одлуката што ја донесе Владата за замрзнување на цената на лебот. Кога ќе завршат со контролите, кон крајот на денот, ќе има сублимација на информациите, по што ќе се знае фактичката состојба – велат од Пазарниот инспекторат.
Оттаму додаваат дека сите инспектори, односно околу 170, се на терен во цела Македонија.