Играта шах се појавила пред повеќе од 2.000 години

Дали сте знаеле…

Шахот е спортска игра на квадратна табла за двајца играчи. Таблата е поделена на осум реда и осум колони и има 64 полиња, кои се наизменично темни и светли (често се вели „црни“ и „бели“). Името на играта потекнува од истоимениот персиски збор („شاه‎“) што значи „крал“.
Не постојат сигурни податоци за времето на настанување. Најверојатно играта се појавила пред повеќе од 2.000 години. При археолошки ископувања во Узбекистан биле најдени две фигури изработени од слонова коска, идентификувани како шаховски фигури, а датирани во времето на владеење на царот Хувишке (II век).
Во петтиот век во Индија настанала посебна воена игра на дрвена плоча, која на санскрит го носи називот „чатуранга“, а што значи четириделен. Чатуранга, далечниот предок на денешниот шах, била игра што го одразувала поредокот на тогашната индиска војска, а која ја сочинувале четири рода: пешадија, коњица, слонови и борни коли, а во средината се наоѓале раџа (крал) и неговиот советник мантрин (денешна кралица). Движењето на фигурите се одредувало со фрлање коцка. Во шестиот век играта била прифатена од Персијците („чатранг“), во седмиот век од нив ја презеле Арапите, нарекувајќи ја „шатранџ“, а во деветтиот век ја пренеле во Шпанија. Според некои истражувачи, шахот води потекло од Кина или Средна Азија.
Во новиот век била создадена легендата според која шаховската игра му се припишува на грчкиот јунак Паламед. Според легендата, тој ја измислил играта за време на Тројанската војна, за да ја разбие досадата во текот на десетгодишната опсада. Сигурно е дека Грците и Римјаните не го познавале шахот.
Кралот, персиски „шах“, ѝ го дал името на играта. До кралот стои фигура што на персиски се нарекува „ферз“, што значи „канцелар“ или „везир“. Овој назив се користи и во Русија. Во Европа ферз го сменил полот и се претворил во кралица или дама.

Легендата за царот Шерам

Една легенда ја поврзува шаховската табла со т. н. геометриски ред, чии својства будат восхит.
„Некогаш одамна си живеел еден цар по име Шерам, кој сакал да го награди скромниот математичар Сеса за откритието на шаховската табла, па му рекол да бара што сака. Сеса рекол: Сакам да ми дадете за првото поле на таблата едно зрно жито, за второто поле две зрна жито, за третото четири, за четвртото осум и така за секое следно двапати повеќе зрна од претходното поле. Царот се изненадил и рекол: Зарем само толку, па веднаш по ручекот ќе ја добиеш својата вреќа со жито. Но царските математичари сметале два дена, за на крајот да пресметаат колку зрна жито требало да му се предадат на Сеса, а тој број изнесувал: 18.446.744.073.709.551.615. Царот се замислил, бидејќи математичарите му соопштиле дека царството нема толку жито во резерва. По долго размислување, царот го повикал Сеса и му рекол: Драг човеку, јас не сакам да те излажам ни за едно зрно, па затоа ти својата награда ќе ја броиш заедно со моите слуги. Откако го слушнал тоа, на Сеса му станало непријатно и почнал да се извинува дека има итна работа, дека сестра му на другиот крај од царството е пред пораѓање, а мажот ѝ умрел, на што царот се насмевнал и му дал богата награда, за да го шири гласот по светот за милостивоста на царот Шерам“.
(Википедија на македонски јазик)