Литературно катче
- На годинашниот традиционален конкурс, кој го распишуваат Фондот на холокаустот и Меморијалниот центар на Евреите од Македонија, пристигнале 123 литературни творби од основните и од средните училишта во Македонија. Во денешното издание на „Колибри“ ви го претставуваме првонаградениот расказ во категоријата основно образование, на ученичката Бонита Шолева од Велес
Сè започна со боите. Прво исчезна црвената – бојата на мојот омилен сладолед од јагоди и на панделката што мајка ми ми ја врзуваше секое утро. Потоа исчезна зелената, кога ни рекоа дека паркот веќе не е за нас и дека тревата таму има „други сопственици“. На крајот, остана само една боја: жолтата. Сурова, крпена ѕвезда, која ми ја пришија на градите, велејќи ми дека сега сум „посебна“.
– Зошто ме гледаат така, тато? – прашав кога поминавме покрај мојата најдобра другарка, која едноставно го сврте погледот кон излогот со играчки. Таа не ме поздрави. Нејзиниот поглед беше празен, како јас одеднаш да станав направена од стакло.
Тато не одговори. Тој само ме фати поцврсто за рака. Неговата дланка беше испотена и трепереше. Тогаш сфатив дека возрасните се плашат повеќе од децата, бидејќи тие знаат што доаѓа, а ние само чувствуваме дека нешто не е во ред.
Една ноќ, тишината стана премногу гласна. Нѐ разбуди тропање, кое не звучеше како посета, туку како пресуда. Мама ми рече да го земам мојот мал ранец. Сакав да ги земам сите мои боички, сите мои цртежи на кои небото беше сино, а куќите имаа насмеани прозорци. Но таа само ми подаде едно старо ќебе и моето мече.
– Одиме на место каде што ќе бидеме заедно – ми шепна таа.
Нејзиниот глас беше тенок како конец што секој момент ќе се скине.
На станицата, светот мирисаше на чад и на метал. Гледав во возовите – големи сиви кутии без прозорци. Се прашував каде одат сите тие луѓе со куфери полни со неискажани зборови. Гледав како едно мало девојче ја испушти својата кукла во калта. Сакав да се наведнам и да ѝ ја подадам, но еден војник со ладни очи ме турна напред. Во тој момент разбрав: моето детство не заврши со роденден или со првиот паднат заб. Заврши таму, на тој сив перон, помеѓу чевлите што брзаа кон никаде и куклата што остана да лежи во калта.
Сега, кога ќе ги затворам очите, не ги гледам логорите ниту жиците. Го гледам само мојот последен недовршен цртеж на масата дома. На него, Сонцето сè уште е жолто, но не е ѕвезда. Тоа е само Сонце што ги грее сите деца, еднакво.
Aвторка: Бонита Шолева
8-1 одделение
ООУ „Васил Главинов“ -Велес
ментор: Бојанка Џипунова -Ташова































