ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ
Македонските граѓани минатата година најмногу се жалеле на заштитата на правата од областа на правосудството, голем број претставки имало и во делот на заштитата на детските права, а добар дел од претставките се однесуваат и на потрошувачките права.
Ова го покажуваат податоците во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година, кој вчера ги презентира народниот правобранител Насер Зибери.
Тој појасни дека изминатата година примил 2.686 претставки, 389 предмети биле пренесени од претходната година, односно бројот на предмети што ги разгледувала оваа институција во 2021 година изнесувал 3.075.
– Најголемиот број на примените/заведените претставки се однесува за заштита на правата од областа на правосудството, 436, што претставува 16,23 отсто од претставките, потоа следуваат претставките од областа на детските права, 254, или 9,46 проценти, на трето место се потрошувачките права, 228, или 8,49 отсто. Во областа работни односи беа поднесени 218 или 8,12 проценти, во социјалната заштита 183, односно 6,81 отсто, за казнено-поправните и воспитно-поправните установи 162, или 6,03 проценти, за имотноправната област 150, или 5,58 отсто, за урбанизмот и градбата 136, или 5,06 проценти, како и претставки од други области – нагласи Зибери.
Според него, од вкупно 3.075 предмети, примени/заведени во 2021 година, народниот правобранител повел постапка по 2.085, или 67,80 отсто, од претставките, од нив, во 755 или 35,82 проценти констатирал повреда на човековите слободи и права и интервенирал за отстранување на повредите, односно остварување на правата на граѓаните подносители.
Народниот правобранител го издвои проблемот при промената на личните документи и застојот во нивното издавање, што влијаело врз егзистенцијата на граѓаните поради неможноста да си ги подигнат своите плати, пензии, средствата што ги добиваат на име социјална помош.
Говорејќи за претставките во правосудството, пак, Зибери рече дека се неопходни системски измени во делот на пресметувањето на каматата, во насока дека не може да се наплати камата што би била поголема од главниот долг.
До народниот правобранител, граѓаните и натаму поднесувале претставки што се однесувале на наплатата на радиодифузната такса, иако, како што рече Зибери, поминаа речиси четири години од укинувањето на оваа давачка, лоцирајќи го проблемот во надлежните институции.
Во Годишниот извештај уште се наведува дека казнено-поправните домови и воспитно-поправните установи и натаму се соочуваат со состојба на прекубројност, која е особено изразена во установите од затворен вид, како и во затворените одделенија на установите.
Лани до народниот правобранител биле поднесени и голем број претставки од областа работни односи, а кои се однесувале на претставки за неоснованото поведување дисциплинска постапка, право на годишен одмор, распоредување на пониско работно место, непочитување на законските одредби при унапредување и слично, потоа претставки за заглавени предмети за денационализација на релацијата комисии – Управен суд, како и за работата на полицијата, особено во сегментот на расветлување кражби на подрачјето на полициските станици Центар и Бит-пазар.