• Во својата суштина, македонското ослободително движење отсекогаш носело силна чувствителност кон неправдата и туѓото господарење. Низ целата своја современа историја, Македонците се бореле против политики што негирале национални и човекови права, се бореле против обидите за асимилација и против сите форми на национално и културно поробување. Токму затоа антифашистичката борба била природен историски избор на македонската нација и на самата Македонија
  • Борбата што започна во октомври 1941 година не резултираше само со создавање држава. Таа овозможи и историско потврдување на македонската нација. Со одлуките на АСНОМ беа кодифицирани и институционално потврдени македонскиот јазик и култура, историската традиција и националните особености на македонскиот народ. На тој начин беше заокружен еден долг национален процес што генерации Македонци го водеа низ децении политички борби и историски искушенија

Секоја нација има датуми што го надминуваат своето историско значење и стануваат трајни симболи на нејзиниот карактер, вредности и стремежи. За македонскиот народ, 11 Октомври е токму таков ден. Тој не е само спомен на настан од минатото, ниту обичен државен празник што се одбележува со свечености и манифестации. Напротив, 11 Октомври е симбол на определбата на македонскиот народ да биде на страната на слободата, правдата и отпорот кон секоја форма на угнетување.
Не е случајно што Македонците во годините на Втората светска војна се најдоа на страната на антифашистичката коалиција. Тоа не беше само резултат на меѓународните околности или на тогашните политички процеси. Во својата суштина, македонското ослободително движење отсекогаш носело силна чувствителност кон неправдата и туѓото господарење. Низ целата своја современа историја Македонците се бореле против политиките што ги негирале нивните национални и човекови права, против обидите за асимилација и против сите форми на национално и културно поробување.
Токму затоа антифашистичката борба била природен историски избор. Македонскиот народ во неа не гледал само воен судир меѓу две завојувани страни туку и борба меѓу слободата и поробувањето, помеѓу човечкото достоинство и идеологиите што проповедале национална и расна надмоќ. Оттука, македонската Народноослободителна борба претставува истовремено и националноослободителна и антифашистичка борба.
Затоа е историски неодржливо кога денес се прават обиди за релативизирање на значењето на 11 Октомври и на Народноослободителната борба. Во време кога постојат настојувања за редефинирање на македонската држава, преработка на историската меморија и преобликување на македонскиот национален идентитет, сосема е очекувано ударот најпрво да биде насочен кон симболите што го потврдуваат историскиот континуитет на македонскиот народ. А меѓу тие симболи, 11 Октомври има посебно место.
Без разлика на политичките толкувања, историските ревизии или обидите за намалување на неговото значење, 11 Октомври останува сведоштво дека македонскиот народ во најголемите искушенија се определувал за правичната страна на историјата. Борбата што започна на тој ден беше водена против фашизмот и против неговото балканско олицетворение, тогашната Царска Бугарија, која како сојузник на нацистичка Германија спроведуваше политики на денационализација, репресија и негирање на посебноста на македонскиот народ.
Но целта на таа борба не била само отпор против окупаторот. Таа била и борба за создавање сопствена држава, за право на слободен национален развој, за признавање на македонскиот јазик, култура и историска посебност. Македонските партизани не се бореле за туѓи национални проекти, туку за својата татковина и за правото Македонците конечно да бидат свои на своето.

Токму затоа значењето на 11 Октомври не завршува со ослободителната војна. Тој е симболичен почеток на процесот што водеше кон Првото заседание на АСНОМ, на кое беа поставени темелите на современата македонска држава. Без Народноослободителната и антифашистичка борба, денешната Република Македонија немаше да постои во формата во која ја познаваме.
Сепак, значењето на 11 Октомври е уште подлабоко и посуштинско. Борбата што започна во октомври 1941 година не резултираше само со создавање држава. Таа овозможи и историско потврдување на македонската нација. Со одлуките на АСНОМ беа кодифицирани и институционално потврдени македонскиот јазик и култура, историската традиција и националните особености на македонскиот народ. На тој начин беше заокружен еден долг национален процес што генерации Македонци го водеа низ децении политички борби и историски искушенија.
Затоа денес, кога 11 Октомври се одбележува како државен празник, не смееме да заборавиме дека неговото значење е многу пошироко од официјалните церемонии и пригодните говори. Овој датум е празник на сите Македонци, без разлика дали живеат во Република Македонија, во соседните држави или на другите континенти. Тој е празник и на сите граѓани на Македонија, без разлика на нивната етничка, верска или културна припадност, затоа што ги слави вредностите на слободата, отпорот кон неправдата и правото на достоинствен живот.
Токму во тоа се состои трајната симболика на 11 Октомври. Тој не нѐ потсетува само на едно востание од минатото. Тој нѐ потсетува кои сме биле кога сме се соочувале со неправда и какви сме сакале да бидеме како народ. Тој е потврда дека македонската слободарска идеја никогаш не била изградена врз доминација над другите, туку врз стремежот за сопствена слобода и еднаквост. И токму поради тоа, осумдесет и повеќе години подоцна, 11 Октомври останува не само историски датум туку и морален компас што сведочи дека македонскиот народ знаел и умеел да ја избере правичната страна на историјата.