Од 19 до 22 октомври, учениците и наставниците од Гудурица им беа гости на наставниците и учениците од Прилеп. Од Србија дојдоа и наставничките Охридија Димитровска, која предава македонски јазик, и Отилија Исак, која предава англиски и германски. Со нив беа и претставничката на здружението на Македонците од Вршац „Вардар“, Наташа Простран, директорот на Центарот за култура од Горни Милановац, Бобан Стефановиќ, и проф. д-р Нарциса Дариевиќ од Факултетот за драмски уметности од Белград. Домаќините подготвија многу богата и разновидна агенда, која овозможи огромно количество дружба, радост, задоволство и исполнетост кај децата

Реализирана соработка со училиште од Србија

Деновиве во Прилеп беше весело, насмеано и распеано благодарение на една весела екипа од ученици и наставници, кои се дружеа преку меѓународна врсничка размена. Имено, минатата година учениците од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп го посетија ОУ „Моша Пијаде“ од Гудурица, каде што имаа можност да се дружат со децата од Србија и со деца што имаат македонско потекло или, пак, без разлика на потеклото го изучуваат македонскиот јазик. Годинава, пак, од 19 до 22 октомври, учениците и наставниците од Гудурица ја возвратија посетата и им беа гости на наставниците и учениците од Прилеп. Од Србија дојдоа наставничките Охридија Димитровска, која предава македонски јазик, и Отилија Исак, која предава англиски и германски. Со нив беа и претставничката на здружението на Македонците од Вршац „Вардар“, Наташа Простран, директорот на Центарот за култура од Горни Милановац, Бобан Стефановиќ, и проф. д-р Нарциса Дариевиќ од Факултетот за драмски уметности од Белград.

СТАРОГРАДСКА И КЛАСИЧНА МУЗИКА И ПРИЕМ КАЈ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

Инаку, благодарение на наставничките Јованка Антоска и Розита Кареска, ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ ја воспостави меѓународната соработка со Горни Милановац уште во 2015 година преку учеството на фестивалот за детско филмско творештво „Кратка форма“.
Домаќините подготвија многу богата и разновидна агенда, која овозможи огромно количество дружба, радост, задоволство и исполнетост кај децата.
По пристигнувањето и вечерата, учениците од Србија и од Македонија веќе се сплотија, се спријателија и станаа вистинска мала војска што среќно маршираше низ Прилеп. Првата вечер од нивната дружба ја крунисаа со прекрасен концерт на староградска музика, кој се случи во центарот за култура „Марко Цепенко“ во Прилеп, на кој октетот „Прилеп“ го одржа својот годишен концерт заедно со своите гости Миле Кузманоски, Белинда Ристеска и Викторија Ѓорѓиоска. Гостите од Србија имаа можност да се запознаат со некои од најубавите македонски староградски песни, а некои од нив се создадени токму во Прилеп.
Вториот ден почна свечено во Општина Прилеп, каде што гостите и домаќините имаа прием кај градоначалникот на Прилеп, д-р Борче Јовчески, кој изрази задоволство од активноста спроведена од страна на ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ и најави можност за идни размени и соработки меѓу двете училишта, но и можноста за збратимување на градовите Вршац и Прилеп, што би овозможило соработка во повеќе области од општественото живеење.
– Упатувам огромна благодарност до градоначалникот Борче Јовчески и до локалната самоуправа, како и за поддршката од нашиот директор Влатко Кузманоски и советникот за млади на Општина Прилеп, Гоце Бумбароски. Со огромна надеж дека ќе се реализира иницијативата за збратимување на трите града ја продолжуваме соработката со нашите почитувани пријатели – рече наставничката Розита Кареска.

Таа и колешката Јованка Антоска беа иницијатори и крвоток на целиот проект.
Следуваше посета на фабриката „Витаминка“, каде што учениците можеа да видат како се одвива процесот на подготвување на некои од најубавите и најбарани производи низ Балканот и во светот, но и да вкусат од производите. Потоа сите заедно го посетија училишниот панаѓур за здрава храна, кој по повод Светскиот ден на храната беше организиран во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“. Со огромна возбуда и радост, како од децата така и од возрасните, беше прифатена посетата на манастирот Трескавец. Сите беа воодушевени од вековното здание, но и од погледот оттаму кон Прилеп и кон Пелагонија.
Бидејќи сите деца и наставници беа сместени во интернатот „Орде Чопела“, домаќините, сепак, сакаа размената да биде доследна, па така, имаа активност насловена „Посета во домот на другарчето“. При оваа активност секое дете гостинче од Србија отиде во домот на детето домаќин од Прилеп на семеен ручек и дружба. Токму со оваа активност се создадоа убави пријателства и мигови што се паметат цел живот. Богатата агенда продолжи со посета на прилепското вештачко езеро, а заврши со концертот на оперски солисти со пијано-придружба насловен „Подарок за градот Прилеп“, на кој гостуваа солисти од Националната опера и балет на Македонија. Настапија Наде Талевска Спасовска, Катерина Стојановска, Соња Пендовска Мадевска и Павлина Новакова Георгиева, во придружба на корепетиторот Андреј Наунов. И оваа вечер неизбежно заврши со вечера и дружење, под будното око на наставниците.

ВО ГРАДОТ НА ТОШЕ ПРОЕСКИ

Третиот ден од врсничката дружба на учениците од Прилеп и од Вршац продолжи во највисокиот град на Балканот, Крушево, кој на сите им подари незаборавни мигови. Овој град за дечињата од Србија е најзначаен поради вечната музичка поп-икона Тоше Проески, па несомнено најмногу возбуда предизвика посетата на манастирот „Свето Преображение“, кој го започна Тоше, а годинава во септември беше завршен и осветен. Тука ја видоа и собата на Тоше, потоа го посетија неговото вечно почивалиште, како и музејската поставка. Со впечатоците од доживувањата, прекрасно се вклопија и автентичните крушевски специјалитети. Во рамките на посетата на Крушево беше посетен и Македониумот, а пред неговиот влез во малечкиот амфитеатар претставници на организацијата „Слоу фуд Прилеп“ одржаа две едукативни работилници.
– На крајот од ова дружење сите добивме по нешто, научивме нови работи, стекнавме со нови искуства, запознавме нови места и култури, а најважно од сѐ се спријателивме со нови другари. До наредното видување хранете се здраво и не плашете се да експериментирате со храната. Сите вие сте во години во кои го градите својот вкус, па сега е вистинско време за пробување – порача лидерката на „Слоу фуд Прилеп“, Тодорка Наумоска Димески.

ВО ЗДРАВО ТЕЛО ЗДРАВ ДУХ

И можеби излитено звучи фразата дека сѐ што е убаво кратко трае, но кога имате петнаесетина разиграни деца, неколку зборливи наставнички и толку шаренолика агенда, времето минува за час. Така, четвртиот и последен ден од оваа дружба почна со учество на спортскиот настан „Че трчаме“, во кој учествуваа дел од гостите и домаќините. Откако се нахрани спортскиот дух, следуваше културна храна со посетата на етнолошката поставка и галеријата на икони од Музејот во Прилеп. Таму се случи едукативна работилница, која предизвика голем интерес и внимание, а сите се стекнаа со знаења и информации, кои се особено интересни и во вистинско светло го претставуваат градот домаќин.
Могилата на непобедените овој пат беше местото за разделба проследена со долги прегратки, срдечни поздравувања и понекоја солза, со верување, меѓусебни покани и искрени желби за следни средби.