Фото: Игор Бансколиев

Наметнувањето повисоки такси за транзит на гасот од Бугарија кон Македонија претставува исклучително непријателски чин, имајќи предвид дека доаѓа во момент кога Македонија е оптоварена со енергетска криза, а повисоките цени на гасот ќе значат и повисоки трошоци за македонското стопанство, како и повисоки цени за македонските граѓани. Сето тоа ќе се одрази врз економската моќ на државата, која наместо да бележи раст, уште повеќе ќе стагнира и ќе тоне, оддалечувајќи се дополнително од европските стандарди. Ако Македонија направеше нешто слично, односно со внатрешна легислатива поништеше меѓународен договор, жестоко ќе беше тресната по глава токму од меѓународната заедница. Бугарија го направи тоа и сите молчат

Уште еден аспект на недобрососедскиот потег на Софија за наметнување повисоки такси за транзит на гас од Бугарија кон регионот на Западен Балкан

Меѓународните договори секогаш се посилни од внатрешното право и како такви мора да се почитуваат од сите земји потписнички, во спротивно се доведуваат под прашалник меѓународниот поредок и воопшто принципите на меѓународното право.
Она што неодамна го направи Бугарија, која со внатрешна легислатива суспендира меѓународен договор и воведе дополнителни такси за транзит на руски гас кон Македонија, Унгарија и Србија, се коси со меѓународното право бидејќи излегува надвор од рамките на она што значи обврска кон меѓународните партнери, во случајот кон трите соседни земји.

Бугарија ги крши основните договори за стабилизација и асоцијација, а ЕУ го толерира тоа?!

Да биде апсурдот уште поголем, Европската Унија преку договорите за стабилизација и асоцијација се обврза дека ќе им помага на Македонија и на Србија во унапредување на политички план, ќе ја дава потребната помош во воспоставувањето ефикасна правната држава, но ќе помага и во борбата со корупцијата и криминалот во државата, сето тоа дополнето со креирање подобар амбиент за продлабочување на економската соработка. Со потегот со таксите преземен од официјална Софија како дел од ЕУ, директно се суспендира овој договор на Унијата со земјите кандидати, но и со нејзина земја членка, без оглед што Бугарија при пристапувањето во ЕУ се обврзала дека доследно ќе ги почитува сите обврски, внатрешни, но и на меѓународен план, преземени од страна на Брисел кон други страни.
Одлуката на бугарската влада за зголемување на тарифите за транзит на руски гас наиде на осуда и од бугарскиот претседател Румен Радев, кој отворено кажа дека тоа е кршење на европските норми и на веќе потпишаните договори.
– За каква европска солидарност и европска интеграција зборуваат нашите владетели ако навлегуваат во земја членка на ЕУ, сојузник и партнер во НАТО и Европската Унија, земја со која имаме длабоки културно-историски врски и која е една од главни инвеститори – рече Радев.

Ако Македонија се обиде со внатрешен пропис да оспори меѓународен договор, веднаш ќе биде санкционирана

Без оглед на анимозитетот што постои меѓу бугарскиот претседател и новата бугарска влада околу нивниот различен политички светоглед, сепак фактите говорат дека со наметнувањето на внатрешното право над меѓународното се прекршува основниот кодекс на меѓународниот поредок – дека меѓународните договори мора да се почитуваат.
Македонија има потпишано договор со ЕУ со кој се регулирани односите меѓу двата партнера, во случајот Брисел да биде тој што ќе помага на патот на земјава кон полноправно членство, а македонската страна да ги усогласува политиките и легислативата со европската. И земјава го прави тоа повеќе од две децении, водејќи се од основното начело дека она што го потпишала мора да го исполни. Згора на тоа, од пред шест години Македонија има потпишано и Договор за соработка и пријателство со Бугарија, во кој јасно пишува дека двете земји не треба да преземаат никакви непријателски чекори кон другата страна.
Во овој случај станува збор за исклучително непријателски чин имајќи предвид дека доаѓа во момент кога Македонија е оптоварена со енергетска криза, а повисоките цени на гасот ќе значат и повисоки трошоци за македонското стопанство, како и повисоки цени за македонските граѓани. Сето тоа ќе се одрази врз економската моќ на државата, која наместо да бележи раст, уште повеќе ќе стагнира и ќе тоне, оддалечувајќи се дополнително од европските стандарди.
Да биде апсурдот уште поголем, наметнувањето повисоки такси за транзит на гасот следуваше по внатрешен акт, односно со внатрешна промена на прописите, што во никој случај нема моќ да суспендира меѓународен договор и правилата на игра прифатени во тој договор. Внатрешното право секогаш е ништовно ако го загрозува меѓународниот поредок и во овој случај одлуката на бугарската влада требаше веднаш да биде суспендирана од официјален Брисел, но се чини дека дворските игри во европската престолнина продолжуваат, така што премолчено се одобрува незаконски чин од страна на земја членка на Унијата. Произлегува дека Бугарија, односно ЕУ, може да ги прекршува меѓународниот поредок и право оти така се задоволуваат интересите на некои центри на моќ.
Водејќи се според таа логика, тогаш и Македонија може со измени на внатрешното право да ги врати состојбите на законите од пред 2018 година и да каже дека повеќе нема да ги спроведува одредбите од Преспанската спогодба за внатрешна употреба, водејќи се токму од начелата на меѓународното право. Еден таков чин од македонска страна ќе биде целосно правно издржан бидејќи се потпира врз правото „јус когенс“, кое е неприкосновено право.
Ако чинот на Бугарија за воведување повисоки транзитни такси е воден од дневнополитички причини, тогаш Македонија го има сето меѓународно право на своја страна бидејќи се спротивставува на наметнати барања за промена на идентитет, јазик, историја и култура на еден народ, односно според сите дефиниции се работи за етноцид што ниту една меѓународна правна норма не го дозволува.
Проблемот е што доколку Македонија се реши на ваков чекор како Бугарија, односно со внатрешно право суспендира меѓународен договор, тоа ќе биде веднаш санкционирано од ЕУ, која во никој случај нема да дозволи да бидат загрозени интересите на нејзините земји членки, па дури и да се работи за погазување на правната норма „јус когенс“.
Горката вистина е дека сите оние што настапуваат од позиција на моќ и сила може да прават што сакаат, да го ставаат внатрешното право над меѓународното за сè и сешто, без оглед што се работи за обична минлива работа што има дневнополитички карактер, но од друга страна, Македонија, која е засегната од јус когенс интересот, едноставно не може да го оствари и тоа говори за сета апсурдност на меѓународниот поредок од позиција на мали и немоќни земји.

Ако Бугарија не се повлече, правдата треба да се бара пред надлежните
институции

Поаѓајќи од премисата дека меѓународното право е посилно од внатрешното право, тогаш се наметнува дилемата зошто Бугарија го прави ова што го прави, и на Македонија, но и на соседна Србија и на Унгарија. Ако интенцијата е да се одвратат овие земји од снабдувањето со руски гас со образложение дека сега има и други алтернативи за снабдување со гас, тогаш зошто и Бугарија не ги прекине гасните конекции со Русија и не најде некоја „друга алтернатива“ кога веќе истото тоа им го препорачува на трите земји на кои им воведе повисоки давачки за транзит на рускиот гас. Повеќе од јасно е дека Бугарија не е сама во оваа игра во која постапува по налог на некои европски центри на моќ, чија цел е да се предупредат оние држави што се опираат на европските политики околу диверзификацијата од рускиот гас.
Во претходниот празничен број на „Нова Македонија“ веќе пишувавме за објективниот меѓународноправен пристап по ова прашање на бугарскиот политиколог и експерт за меѓународни односи и геоенергетика Станислав Бачев. Но сметаме дека не пречи уште еднаш да се споменат, со оглед на фактот што реакцијата на експертот доаѓа токму од средината каде што е направен тешкиот преседан, поточно кршењето на низа принципи во меѓународните односи: од дипломатски, политички, безбедносни, па сѐ до формалноправни меѓународни прописи.
Бачев смета дека одлуката не само што е неправилна туку е и опасна, бидејќи не ги зема предвид другите последици на дипломатско ниво и во односите со земјите што се директно засегнати од таа одлука.
– Во овој случај целта не ги оправдува средствата. Сега ќе бидеме уште подлабоко вовлечени во финансиските проблеми. Во геополитиката и дипломатијата, ваквите одлуки се носат само како форма на мека моќ насочена кон удар на земја. Тоа е форма на санкции, а како што постојано се потврдува, санкциите кон другите земји не функционираат како механизам, тие го поскапуваат производот или стоката. Значи, имате еден истрел: ако пукате и ја промашите целта, тоа ја намалува довербата меѓу земјите. Во овој случај, не се работи за желбата да се „казнуваат“ земји како Србија или Унгарија – ова е резултат на неспособност, а ударот врз тие земји е последица што очигледно не била предвидена – истакнува Бачев.
Она што веднаш може да се воочи е дека не само што е прекршено меѓународното право од страна на официјална Софија туку дискутабилен е и моментот кога се прави тоа, односно на самиот почеток на грејната сезона. Едностраниот чекор што го презеде бугарската страна може да се протолкува на повеќе начини, од тоа дека Софија свесно сака да ја отежни претстојната зимска сезона за сите граѓани засегнати од оваа мерка, да им го отежни развојот на државите, да влијае врз стопанскиот развој, директно да опструира секаква можност земјава да фати каков-таков приклучок кон БДП на посиромашните европски земји, меѓу кои е и Бугарија, и да ја остави земјава на маргините, дополнително осиромашена, која многу потешко ќе го фати приклучокот кон ЕУ.
Она што е јасно е дека Бугарија нема основа и не смее во никој случај да го прави ова, односно да наметнува дополнителни транзитни такси врз основа на домашно воведена легислатива, наспроти меѓународните договори.
Доколку Софија и натаму опстојува на ваквата одлука, а Брисел продолжи да молчи, тогаш Македонија, Србија, како и Унгарија го имаат сето право да ја побараат правдата пред меѓународните судови и пред надлежните европски институции со образложение дека воведувањето на таксите со некаков внатрешен пропис е спротивен на меѓународното право.
– Ако секој земе да ги поништува меѓународните договори со внатрешни правни одлуки, тогаш ќе исчезне меѓународното право и генерално целиот меѓународен поредок губи смисла. Зошто тогаш би се потпишувале меѓународни договори ако по една-две, пет или повеќе години, некоја од страните си донесе дома закон со кој вели овој договор повеќе не важи? Големите и моќни земји можат да си го дозволат тоа и ќе најдат начини како да го оправдаат, но малите, како Македонија, едноставно се немоќни. Во случајот со таксите, треба да има координација и со Србија и со Унгарија, заеднички да се настапи и најпрво да се направи директен обид со Софија да се надмине овој проблем, но ако бугарската страна остане на истиот став за повисоки давачки, тогаш треба да се поднесе барање за преиспитување на целата работа пред надлежните институции. Ова што Бугарија го прави е прекршување на меѓународното право исклучиво за сопствени бенефиции, да генерира приходи што би помогнале да се реализира краткорочната геополитичка цел за намалување на буџетскиот дефицит, но и да наметне суптилен притисок и кон Македонија, но и кон Србија и Унгарија – наведуваат дел од познавачите на меѓународните услови.