Животни

Љубителите на кучиња и мачки ги делат своите срца и домови со своите четириножни миленици и честопати не можат да одолеат да ја споделат омилената храна со нив. Сепак, многу намирници што ги јадат луѓето и кои се исклучително здрави за човечкото тело, може да направат хаос во дигестивниот тракт на кучињата и мачките, предизвикувајќи сериозни здравствени проблеми.
Чоколадо: Слатките може да бидат многу опасни за вашите миленици и треба да ги избегнувате. Чоколадото, особено она со поголем процент на какао, содржи теобромин – хемикалија што може да ги оштети срцето, белите дробови и бубрезите на животното.
Алкохол: Алкохолните пијалаци содржат етанол, состојка што брзо се апсорбира од телото и е многу штетна за сите животни. Оваа состојка може да предизвика големо оштетување на респираторниот, како и на централниот нервен систем на вашето домашно милениче.
Грозје и суво грозје: Само четири-пет бобинки од ова овошје се доволни за да се разболи сериозно вашето куче или мачка. Иако точната причина не е докажана, ова, за луѓето, многу здраво овошје може да предизвика откажување на бубрезите и други несакани ефекти.
Шеќер: Слатката храна што содржи природен или заменски шеќер може да биде многу опасна. Слатките кај животните предизвикуваат ненадеен пораст на шеќерот во крвта, губење на координацијата, па дури и напади.
Сол: Додека солта ја прави човечката храна повкусна, кај кучињата и мачките овој зачин може да предизвика големи здравствени компликации. Солта предизвикува зголемена жед и мокрење кај кучињата, а може да предизвика и труење придружено со повраќање, треска и треперење.