Секогаш кога не можам да се дообјаснам низ зборови и мисли посегнувам по автопортретите, вели Ерина

Ерина Богоева, фотографка

Изложбата „Родовите приказни низ објективот“ на Ерина Богоева е изложба на портрети и автопортрети. Фотографката низ своите фотографии и кратки приказни на транс-лица, дрег-кралици, како и цис-креативци сака да прикаже дека убавината навистина лежи во разноликоста иако некогаш таа, за жал, е маргинализирана. Сите портрети се направени во простори каде што личностите можат да си бидат најкомотни за да бидат она што сакаат да бидат пред објективот и пред себе. Фотографиите содржат и дел автопортрети посветени на истата тема.

Каков е родот на вашите „Родови приказни“? Што раскажа овој пат вашиот објектив?
Родот во овие „Родови приказни“ е многу шарен. Тоа е всушност и поентата на оваа изложба – да покажам дека убавината има многу различни форми и елементи. Не е сѐ така црно-бело.

Како ја направивте селекцијата на фотографиите… што е заедничката нишка што ги спојува сите портрети?
Фотографиите беа правени од 2018-та, па наваму и процесот повремено беше оставан на страна. Но кога ги ставив на куп, видов дека има кохезија и лесно беше да се направи селекција. Сите тие покажуваат една интимна страна на моделите, кои имав среќа да сакаат да ја покажат пред мене и мојот објектив. Тоа е она што мислам дека ги спојува.

На што го ставивте вашиот фокус? Што е подлабоко пресликано преку вашите фотографии?
Портретите беа централни во изложбата бидејќи верував дека моите модели имаат повеќе што да кажат на темата од мене. Она што беше важно, за мене, е дека секој има свој пат во одлучувањето на сопствениот родов идентитет. Дури и ако тој пат нѐ однесе назад на почетокот (како што е случајот со мене), сепак е важно да се помине.

Секоја фотографија има своја приказна. Какви приказни сакате да обелодените? Какви теми сакате да детабуизирате?
Не попусто е догмата дека една фотографија вреди 1.000 збора. Приказните што сакав да ги покажам низ овие портрети се приказни на луѓе што поминале низ себеоткривање на страна од она што околината може сакала да им го наметне. Главната тема што сакам да ја детабуизирам е онаа дека секој треба да биде слободен да биде тој/таа што е, без тоа да повредува некого. Животот е многу поубав со сите различности во него и многу ми е мило што имав чест да запознаам и да работам со толку убави, различни луѓе. За среќа, кај нас постојат организации како „Јуроп хаус“ и луѓе како европскиот амбасадор Дејвид Гир, кои имаат слична мисија, па добив поддршка од нив.

Какво е чувството да се видите преку сопствениот објектив? Какви емоции си уловивте?
Автопортретите уште од почетокот ги користам како некој вид терапија. Секогаш кога не можам да се дообјаснам низ зборови и мисли посегнувам по автопортретите. И засега тоа ми функционира одлично. Преку својот објектив се гледам онака како што се доживувам во моментот, но најчесто си дозволувам во тој простор да бидам што е можно поранлива и отворена.

Вашите портрети се спонтани, блика искреност од нив, се трудите да ја уловите реалноста… Дали е тешко да се улови животот, карактерот на личноста?
Тоа секогаш ми бил пристапот, поинаку и не знам. Не велам дека секогаш е успешен, но најчесто е. Многу сакам да работам со луѓе, особено со луѓе што не се професионални модели и многу сакам да им дозволувам да им биде удобно пред мојот објектив. Тоа ми е рецептот за портретите – искреност и отвореност од двете страни. Комуникацијата со моделите е круцијална и мора отворено да се постават граници до каде би оделе во сесијата. Сѐ што тие не сакаат да се објави нема да биде објавено и сѐ што не сакаат да се направи нема да биде направено.