Тајванската технолошка компанија „Асер“ претстави нов лесен лаптоп, дизајниран за професионалци во движење во време кога сѐ повеќе луѓе имаат избор да работат од дома или од канцеларија.
„Свифт еџ“ е 16-инчен ОЛЕД-лаптоп, со магнезиумско-алуминиумско куќиште, кое е дебело 12,95 милиметри, долго 356,7 и широко 242,3 милиметри, а тежи само 1,17 килограм. Тоа значи дека е полесен од 13,6-инчниот „М2 макбук ер“ (1,25 кг) и 16-инчниот „ЛГ грам“ (1,199 кг).
„Свифт еџ“ доби 4К ОЛЕД-екран, со стапка на освежување од 60 херци, обрабен е со тенок раб, така што има сооднос екран-куќиште од 92 проценти. Се напојува со процесори АМД рајзен 6000 и про 6000, кои доаѓаат со интегрирана графика РДНА2, која им овозможува на корисниците да играат модерни игри во резолуција од 1.080 пиксели. Процесорот е поврзан со 16 гигабајти ЛПДДР5 РАМ, што може да се зголеми на 32 гигабајти, а се нудат 512 и 1 ТБ ССД меморија.
Лаптопот се напојува со батерија од 54 вати, која трае до 10,5 часа при гледање видеа и до 8,5 часа при сурфање на интернет. Достапна е веб-камера ФХД (1.920 x 1.080 пиксели), а лаптопот има и процесор „мајкрософт плутон“ и носи безбедносен чип за компјутери со Виндоус. Исто така, лаптопот е опремен со сензор за отпечаток од прст и слот ноубл веџ лок.