За јапонското јаболко веќе може да се рече дека е плод од нашето поднебје. Денес речиси нема двор од индивидуална куќа во кој нема вакво дрво, кое со својата широко разгранета крошна, натежната од портокалово-црвеникави плодови, нуди навистина преубава слика во овие есенски денови

Јапонско јаболко, или каки, или Persimmon потекнува од Азија. Во Европа е дојдено во 15 век, а денес се одгледува во потоплите предели речиси во целиот свет. Станува збор за листопадно дрво што може да достигне висина и до 8 метри. Неговите плодови се со мазна кора со жолта, портокалова или со црвеникава боја и имаат карактеристичен сладок вкус. Постојат неколку подвидови јапонско јаболко, кои се разликуваат по обликот, вкусот, големината на плодот, но и по нутритивните особини. Плодовите се берат доцна наесен.

Дали поради тоа што не е ендемски вид растение што потекнува од Македонија или поради неговиот карактеристичен вкус, јапонското јаболко не е најобожаван плод. А, сепак, тоа е исклучително корисно за човечкиот организам. Претставува овошје што содржи мало количество калории, но многу јаглени хидрати. Поточно, во 100 грама од ова овошје има околу 70 калории, а притоа воопшто нема масти. Затоа, пак, има многу јаглени хидрати, а освен тоа, неговото месо изобилува со лесно сварливи влакна, кои одлично го активираат варењето. Во 100 грама плод се наоѓаат околу 3,6 грама различни растворливи и нерастворливи влакна. Од минералите содржи калиум, калциум, магнезиум и фосфор, изобилува со витамини Ц, Б, А и Е и со разни аминокиселини. Токму поради ваквото богатство од минерали и витамини, јапонското јаболко има лековити својства, па влијае не само превентивно, туку се користи и во борбата против речиси сите видови болести.

Пред сѐ, спречува појава на рак и на малигни заболувања. Ова овошје е одличен извор на силни антиоксиданси, кои имаат антиканцерогено дејство и успешно се бори против слободните радикали, кои се главни причинители за појава на малигни заболувања. Доколку секој ден се консумира по едно јапонско јаболко, ќе се подобри општото здравје, ќе се елиминираат штетните материи од телото и ќе се намали ризикот од појава на рак.

Свежиот плод и сок од ова овошје се исклучително лековити за проблемите со варењето, како што се опстипација, воспаление на цревата, хемороиди и разни болести на желудникот. Влакната што се наоѓаат во јапонското јаболко помагаат дигестивниот тракт да ја свари храната ефикасно, полесно да ја спроведе низ цревата и да дојде до полесно празнење. Со тоа, благо го зголемува лачењето желудочна киселина и ги ублажува симптомите на тврда столица и дијареа.

Каки-јаболкото се користи за болести на црниот дроб и на жолчката, како и за нервниот систем, бидејќи има смирувачко дејство. Го јакне имунитетот подобро од таблети, зашто изобилува со витамин Ц и на телото му обезбедува дури 80 проценти од дневни потреби од него. А со тоа го стимулира производството на белите крвни зрнца, кои се најважни во борбата против разни микробиолошки, вирусни и габични инфекции.

Доколку сте слабокрвни, задолжително јадете јапонско јаболко, бидејќи го стимулира создавањето нови, ја подобрува концентрацијата на црвени крвни зрнца и го зголемува нивото на хемоглобин во крвта. Каки-јаболката содржат калиум во значителни количества, па поради тоа ова овошје штити од кардиоваскуларни болести и од зголемен холестерол, односно, го регулира крвниот притисок и го зголемува протокот на крв низ целото тело.

Исушениот зрел плод помага за болести на бронхиите и при сува кашлица, доколку се зема сомелен во прав. Излупениот плод оставен на сонце и преку ноќ ќе добие бела боја однадвор и ќе прими нови лековити својства. Така може да послужи во борбата против разни паразити во цревата, штити од инфекции и воспаленија, се користи за лекување кашлица и на висока температура, па дури и како средство за запирање на крвавењето. Присуството на витамин А, на бета каротен, ликопен и лутеин во ова овошје го јакне имунитетот, но врши и детоксикација на организмот. Поради тоа јапонското јаболко го спречува забрзаното стареење на кожата, а дури има сознанија и дека го елиминира ризикот од добивање Алцхајмерова болест.

Јапонското јаболко претставува вистински природен лек кога станува збор за очите. Докажано е дека комплексот од витамини Б со витамин А позитивно влијае на подобрување на видот, па се советува ова овошје да биде дел од секојдневната исхрана за да се спречат разни дегенеративни промени, катаракта и ноќно слепило.
Јапонското јаболко е одличен избор и за оние што сакаат да ослабат. Бидејќи не содржи масти, а изобилува со влакна, овој плод го забрзува метаболизмот и со тоа одлично се бори против вишокот килограми.

Јапонското јаболко може да се консумира свежо, варено или сушено. Цвета Динева, сертифицирана нутриционистка, вели дека е најважно што јапонското јаболко е органско, односно природно непрскано овошје полно со фитонутритиенти и затоа е најдобро да се јаде свежо, а може и во комбинација со друго овошје. Најпрво мора да се причека да узрее добро, а потоа да се јаде.

Кога се зборува за консумација на ова овошје, се препорачува да не се зема на празен стомак, туку по оброк, за да не дојде до појава на дијареа.

Јапонското јаболко се користи и во кулинарството. Од неговиот плод се вари ракија со карактеристична арома, додека засушената кора може да послужи како засладувач на некои јадења или пијалаци. Најчесто се користи како состојка за разни колачи, креми и десерти. Свежите овошки може да бидат и додаток во овошни салати или пудинзи, а доколку се сварат во вода со цимет и малку лимонов сок, од нив се прави и вкусен компот.

Јапонското јаболко наоѓа примена дури и во козметиката. Од внатрешното ткиво на плодот се прави маска за лице, која ја чисти и ја освежува кожата.