Американската војска го зголемува военото присуство во Азија и на Пацификот. Бројот на активни американски војници во Јапонија е зголемен за 25 отсто. Гуам, стратегискиот полинезиски остров и американска територија, забележа зголемување на бројот на американски војници за 48 отсто. Јужна Кореја исто така регистрира пораст на американски војници распоредени во оваа земја.
Од друга страна, намален е воениот персонал во Бахреин, Шпанија и Кувајт. Во Германија, Британија и во Италија нема промена на бројот на стационирани американски војници.
„Блумберг“ неодамна објави дека претседателот на САД, Доналд Трамп, и клучните соработници дискутирале за планот на шефот на Белата куќа, според кој сојузниците треба да плаќаат за привилегијата да имаат стационирани американски сили на нивна територија. Освен овој надомест, планот наводно предвидува трошоци од плус 50 отсто за распоредените војници на САД во сојузничката земја. Според соработниците на Трамп, планот е начин да се изврши притисок врз НАТО да го зголеми буџетот за одбраната, што беше главно изборно ветување на актуелниот американски претседател.