На двете страни им недостигаат разработена процедура и тајна дипломатија, а најважен проблем е дека нема единствено сфаќање за стратегиските закани. Треба да се користат искуствата од периодот на Студената војна и да се потсети на парадоксот за заемното гарантирано уништување, кое покажа, независно од стратегиските или идеолошките разлики, дека суперсилите може да преживеат единствено заедно или ќе исчезнат, оценува германски „Велт“

Русија повторно стана Русија, суперсила на два континента, и поради тоа, порано или подоцна, Запад мора да тргне во пресрет, за да може успешно да се справи со глобалните предизвици на денешнината, се оценува во анализата на германскиот магазин „Велт“.
Кога рускиот претседател Владимир Путин организира официјален прием во старата тврдина Кремљ, во тој момент се појави чувство дека времето запрело и оти церемонијата се одвива според протоколот од царските времиња.

Пораката кон целиот свет е повеќе од јасна – Русија е повторно суперсила на два континента, на големото евроазиско царство, со широка сфера на интереси од Средоземно Море и Блискиот Исток до Јужна Америка и седиштето на православието.

По распадот на Советскиот Сојуз, Западот имаше шанса со Русија да воспостави односи на доверба, со помош на демократските процеси во таа земја, но шансата е пропуштена. НАТО почна да се шири кон Исток, а на Русија ѝ е доделено место во ќошето на „недоверба и неизвесност“. На времето, американскиот државен секретар Џорџ Шулц го предупредуваше Западот поради непромисленоста. Па така, според Шулц, Русија сега е како ранета мечка – силна, непредвидлива и злопамтило.

Но, зачудувачки, Русија од сето тоа брзо и на изглед едноставно успеа да се извлече, позиционирајќи се како незаобиколив фактор во решавањето на разгорените светски проблеми. За тоа, без сомнение, придонесе и погрешната американска политика во континуитет од 1990 година до појавата на претседателот Доналд Трамп. Поради таквата политика, Вашингтон сега повеќе не знае што да прави. Тој ги искористи сите можни политички и претежно економски средства за „дисциплинирање на одметнатата Русија“ и повеќе нема никаков маневарски простор. Му преостана уште војна со Русија или постигнување компромис, трет пат нема. Дефинитивно ќе биде избрана втората опција, но Студената војна ќе остане уште долго во главите на американските политичари и тамошната јавност поради сето она што се случува во односите помеѓу двете земји од 2014 година и избувнувањето на украинската криза, па до денес. Тоа е голема пропуштена шанса за САД, кои со конструктивниот и разумен пристап на Русија по распадот на СССР ќе можеа без проблем да ја обезбедат својата позитивна доминација, која, пак, во тој случај Москва не би ни сакала да ја оспорува, за да ги пласира своите производи на рускиот пазар и да се вклучи во проектите поврзани со руските неисцрпни природни и минерални богатства.

Сакал Западот или не, порано или подоцна ќе мора да тргне во пресрет на Русија, подобро е тоа да се направи што побрзо. На двете страни им недостигаат разработена процедура и тајна дипломатија, а најважен проблем е дека нема единствено сфаќање за стратегиските закани. Треба да се користат искуствата од периодот на Студената војна и да се потсети на парадоксот за заемното гарантирано уништување, кое покажа, независно од стратегиските или идеолошките разлики, дека суперсилите може да преживеат единствено заедно или ќе исчезнат.

Глобализациските проблеми, дигитализацијата на сите сфери во животот, ширењето на активностите во поблискиот вселенски простор, како и хибридните и сајбер-војните не се апстрактни работи, туку реални закани, заклучува „Велт“. 


Вашингтон го менува односот кон Москва поради своите пропаднати стратегии?

Двајцата најмоќни претседатели на светот, Доналд Трамп и Владимир Путин, во петокот телефонски разговараа за повеќе глобални теми. Разговорот, кој траел повеќе од еден час, беше по иницијатива на американска страна. Иако ваквите разговори тешко може да доведат до поважно придвижување кон нормализацијата на целосно нарушените односи на двете воени суперсили, тие сепак може да предизвикаат краткорочен позитивен психолошки ефект што влијае на намалувањето на напнатоста. Само средба на врвот, односно самит помеѓу Путин и Трамп може да доведе до конкретни резултати, за што претходно е потребна темелна подготовка на дипломатско и безбедносно-разузнавачко ниво, оценува порталот „Геополитика“.
Американскиот и рускиот претседател разговараа за актуелната состојба на односите помеѓу Вашингтон и Москва и за нивните перспективи. Според нив, потребен е развој на меѓусебните економски и инвестициски врски и почнување дијалог во различни сфери, меѓу другото и за прашањето за стратегиската стабилност. Путин му ги пренел на Трамп главните резултати од неговата средба со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун на 25 април, истакнувајќи дека добрата намера на Пјонгјанг во исполнувањето на своите врски мора да биде проследена со чекори за намалување на санкцискиот притисок врз Северна Кореја. Тие разговарале и за состојбата во Украина, во контекст на неодамнешните претседателски избори. Двајцата лидери се осврнале и на состојбата во Венецуела, која сѐ повеќе тоне во политичката криза.
Но само самит помеѓу Путин и Трамп може да резултира со конкретни резултати. Прв таков обид беше минатогодишниот самит на двајцата државници во Хелсинки, кој по завршувањето ја разбуди надежта и имаше реален потенцијал за успех. Меѓутоа, веднаш по враќањето на Трамп во САД, сѐ што беше постигнато позитивно во Хелсинки беше „фрлено во ѓубре“ во Вашингтон, поради оние сили во американскиот политички естаблишмент на кои не им е прифатливо какво било политичко приближување помеѓу САД и Русија, туку токму спротивното – заострување на меѓусебните интереси до руска капитулација, со тоа и конечна потврда на американската глобална доминација.
Сепак, работите на светскиот терен не се одвиваат според нивните планови, за што сведочи и најновиот телефонски разговор помеѓу двајцата претседатели. Очигледно е дека барем кај дел од американскиот естаблишмент, сепак, полека созрева ставот дека без американско-руски дијалог, ниту едно глобално политичко жариште не може да биде решено. В.М.