Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со наши инструменти свиреле: Драган Даутовски, Илија Џаџев, Марјан Јовановски од „Синтезис“ и многу други. Во оваа работилница се направени и првите тамбури на Оркестарот за народни инструменти во Радио-телевизија Скопје, како и оние на кои свиреле многу училишни оркестри, вели Љубомир Гиевски

На улицата Евлија Челебија број 6 во Старата скопска чаршија, веќе 80 години работи дуќанот за изработка на музички инструменти „Гиевски“. За ова место полно со магија и со приказни, што исхранило повеќе генерации, сега се грижат браќата Димитар – Диме (62) и Љубомир Гиевски (70). Токму од постариот брат Љубе, како што го викаат, слушнавме многу интересни податоци за дуќанчето, кои тој ни ги раскажа со носталгија, сеќавајќи се на многу спомени и на најубавите денови, кога и занаетот и чаршијата цутеле.

Што сѐ се изработува во оваа работилница со долга традиција?

– Всушност, тоа е единствен регистриран дуќан во Македонија за музички инструменти. Ги изработуваме и поправаме сите видови жичени инструменти: тамбура, бас, класична и концертна гитара, мандолина, мандола, прим, дајре, тапан, кемане, ут…. Сѐ се прави рачно, а нашиот жиг се става внатре во инструментот. Секако, тајната по која се препознава нашиот, но и инструментите што ги изработил татко ми Диме, нашиот ракопис и личен печат е во начинот на изработка, стилот, звукот…

Занаетот го научивте од вашиот татко, но дали ќе продолжи семејната традиција?

– За жал, ние сме последниот дуќан од ваков тип во цела Македонија и нема кој да нѐ наследи. Ниту во моето ниту во семејството на брат ми Диме нема наследници. Младите велат нема пари во ова, а зарем малку е да израснеш деца, да им направиш топол дом, со чесна работа, што луѓето ги радува. Мојот татко Иван Гиевски, кој и нас нѐ израсна со своите десет прсти, често велеше со гордост: „Јас ги веселам луѓето“. Татко ми имаше неколку дуќани во чаршијата, а првиот го отворил пред 80 години. На ова место тука, спроти некогашното кино „Напредок“, денес Малцински театар за деца, сме од 1957 година. Јас и брат ми почнавме да работиме во 1964-та. Имаме и сестра Марика, но традицијата на семејството ја продолживме ние.

Иако веќе сте во пензија, секојдневно доаѓате тука. Дали работата е вашиот животен еликсир?

– Имам 70 години и ќе работам додека можам. Иако годините навјасаа, јас секој ден доаѓам во дуќанот, зашто тука се чувствувам најубаво. Сега доаѓањето тука за мене е занимација, љубов, а за дуќанот сега е задолжен брат ми Диме. Во моментот поправам еден прим, на внука на легендарниот Никола Бадев. Со задоволство ќе го подновам, ќе го декорирам со автентичните шарки да изгледа како што бил, а за таа цел направив скица на шарата, на дрвен лист фурнир. Многу е прецизно ова да се направи, но времето не го мерам, само уживам, ова е предизвик за мене.

Се сеќавате ли на првиот инструмент што го направивте?

– Како тинејџер на 15-16 години сам си направив електрична гитара. Всушност, првите електрични гитари што засвиреле во Македонија се направени овде, а на нив свиреа членовите на групите „Бисери“, „Безимени“, а потоа „Бисбес“. Игранките беа зад базенот во Центар, а музичарите свиреа на нашите инструменти. Јас членував во групата „Медузи“, имавме репертоар од дваесетина песни и свиревме во Работнички дом.

Кој од познатите музичари свири на инструмент купен од оваа продавница?

– Со наши инструменти свират многумина, а меѓу нив се и: Драган Даутовски, гитаристот Илија Џаџев, Марјан Јовановски од „Синтезис“. Првите тамбури во оркестарот за народни инструменти во Радио-телевизија Скопје ги изработивме ние. Задолжени за оформување на оркестарот биле легендите Живко Фирфов и Пеце Атанасовски, кои на почетокот на 1960-тите дошле во работилницата, донеле неколку вида тамбури и рекле дека така сакаат да изгледаат нивните инструменти. Без проблем биле направени и тие на крајот биле многу задоволни. За гајдата малку повеќе се намачиле, а на крајот им ја изработиле во Прилеп. За нашата работа добитници сме на многу награди, меѓу кои е и плакета од „Макинова“, а сме учествувале и на разни балкански саеми.

Од какво дрво правите гитари?

– Обично работиме од оревово дрво, зашто сакам да биде материјалот од ова поднебје. Набавувам по селата, по планини, жиците се купуваат од специјализирани продавници овде и во странство, како и машините, иако претежно се работи рачно.

Кој ви е најдраг инструмент што сте го направиле за некоја посебна пригода?

– За музичарот Илија Џаџев, по негово барање направивме специјална гитара со посебен калап. На крајот тој беше задоволен и со неа настапуваше секаде. Но по една година дојде во работилницата со скршена гитара. Ни рече во РТ-Скопје некој случајно седнал на неа. Ја поправивме од истото дрво, на истиот начин, а на крајот Илија рече: „Јас треба да го честам тој што ми ја скрши гитарата, сега звукот е многу подобар“. Ете, тоа е една од нашите тајни. Ист мајстор, од исто дрво, на ист начин не може никогаш да направи ист инструмент, бидејќи звукот секогаш ќе биде поинаков.

Се случува ли некој музичар да засвири на ваш инструмент пред дуќанот?

– Мојот пријател Тодор често доаѓа во работилницата, а свири на бузуки, и тоа многу добро, што е резултат на неговиот голем талент и секојдневно свирење и по 6 часа, за да биде во форма. Е, тој понекогаш свири пред дуќанот, а туристите што од година на година ги има сѐ повеќе во чаршијата се пресреќни кога ќе слушнат песна од нивната земја. Дали туристите купуваат по нешто? – Да, особено оние што и самите се музичари. Се купуваат гитари, тамбури, тапани, дајриња… Кај нас рачно изработена гитара чини 30.000 денари, што е доста поскапо од кинеска гитара, која е 3.000 денари, но треба да се цени рачната изработка.

Кои биле златни години на дуќанот?

– Тоа беа златните 1970-ти години, кога нашиот дуќан соработуваше со „Музички магазин“, продавница за музички инструменти во строгиот центар на Скопје. Правевме по 600 мандолини годишно, бидејќи секое училиште имаше мандолински оркестар со голем број членови.