Во Виторија, Шпанија, од денеска па до недела, ќе се одржува завршниот, 32. турнир во кошаркарската Евролига на кој четирите најдобри екипи, Фенербахче, Анадолу Ефес, ЦСКА и Реал, ќе решаваат кој ќе биде новиот првак на Европа.

Србинот Жељко Обрадовиќ, на клупата на Фенербахче ќе атакува на 10-та титула европски првак во пребогатата кариера! Обрадовиќ деветте титули ги има освојувано со шест различни тима, Партизан, Хувентуд, Реал, Бенетон, Панатинаикос и Фенербахче. Зад него со пет европски титули е неговиот сонародник, Божидар Маљковиќ, со пет различни тима, Југопластика, Барселона, Лимож, Панатинаикос и Басконија. Обрадовиќ е рекордер и според бројот на настапи на фајналфорот со еден тим, Панатинакос, осум пати.

Противник на Фенербахче за кого ова е петти настап во низа во завршницата, во полуфиналето ќе му биде Анадолу Ефес со кого ова е прв фајналфор по 2000-та. Сезонава во Евролигата турските тимови играа двапати, со ефект од по една победа.
Во реприза на ланското полуфинале од Белград, Реал, 10-кратниот првак на Европа, ќе игра против ЦСКА, која сезонава двапати ги совлада во регуларниот дел. Лани „кралевите“ ја совладаа ЦСКА со 92-83 и потоа во финалето беа подобри од Фенербахче, 85-80.