Продолжи победничката серија на вардарци во ЛШ, со што е зачувана и лидерската позиција во групата А со максимални осум бода, по два повеќе од Барселона и од Киелце, следниот противник на Вардар

Многу е тешко да се игра и да се победи против извонреден тим како што е Левен, во кој настапуваат многу квалитетни ракометари. Во првото полувреме имавме проблеми со играта, не реализиравме неколку изгледни ситуации, но затоа, пак, одигравме поквалитетно во вториот дел. Најважно е што победивме. Тоа е она што го правиме на теренот, играме добро и победуваме, вели Роберто Парондо, тренерот на Вардар, по триумфот во Скопје со 29-27 над германскиот вицепрвак Левен, во 4-то коло во Лигата на шампионите (ЛШ).
Со тоа продолжи победничката серија на вардарци во годинашнава ЛШ, од четири натпревари во низа, со што е зачувана и лидерската позиција во групата А со максимални осум бода, по два повеќе од Барселона и од Киелце. Левен остана на четири бода. Во групата Б со по четири победи се ПСЖ и Сегед.

Црвено-црните ја имаат и најдобра одбрана досега во групите А и Б, со 101 примен гол (25,25 по натпревар). За Вардар ова беше шести триумф против Левен од деветте средби, а вкупно 59-ти во групната фаза во ЛШ од 126 средби.

Победата на вардарци беше остварена во вториот дел. Ако во првото полувреме процентот на успешноста на нападот беше 46, а на ударот 52 отсто, за разлика од оној на Левен (56/58), во второто полувреме ефикасноста на ударот беше зголемена на 60 отсто, а на противникот на 59. Ако во првите 30 минути се играше од свете страни со „умртвен“ напад и одбрана во формација 6-0, во вториот дел и двете екипи играа со многу побрза транзиција во нападот, а во одбраната применија зона 5-1. Во првиот дел Вардар половина од головите ги прими од пикерската позиција, каде што нерешлива загатка беше Јаник Кохлбахер, но во вторите 30 минути тој беше неутрализиран.

– По првиот дел покажавме многу добра игра, но во вториот почнавме многу лошо, со технички грешки и сметам дека тоа беше одлучувачко. Мислам дека треба да научиме од овој пораз и во иднина ќе се обидеме да ги избегнеме грешките што ги направивме на овој меч – рече македонскиот репрезентативец во дресот на Левен, левиот бек Филип Талески, кој постигна еден гол.

Најефикасен кај црвено-црните беше левото крило Тимур Дибиров со осум гола од девет удари, а кај Левен, десниот бек Александер Петерсен со седум погодоци од 10 шута. Одличен во вториот дел беше и вардаровиот голман Дејан Милосављев со 12 одбрани, од кои еден од удар од седум метри.
В недела Вардар му гостува на полски Киелце.