За Баерн ова беше 28-ма титула со што е убедлив рекордер во Германија (најблиску е Нирнберг со девет титули)

Пред 55 години Баерн не беше поканет да настапи во тогаш новоформираната Бундес-лига, но од тогаш клубот стана германски рекордер и светски спортски гигант. Тимот е супериорен шеста година во низа, па во Германија се слушаат и идеи како натпреварувањето да стане поизрамнето

Баерн шести пат во низа стана фудбалски првак на Германија, иако има уште пет кола до крајот на сезонава. Тимот од Минхен има 72 бода, 20 повеќе од најблиските конкуренти. За Баерн ова беше 28-ма титула со што е убедлив рекордер во Германија (најблиску е Нирнберг со девет титули). По уште една сезона во која доминираше Баерн и раното обезбедување титула, во германските медиуми се појавуваат и идеи за тоа како да се направи Бундес-лигата поизрамнета. Така, поранешниот репрезентативец Стефан Ефенберг, предлага систем според кој Бундес-лигата би била поделена на две групи со по девет тима, па по 16 кола играни до Нова година најдобрите четири од секоја група и најуспешната помеѓу петтопласираните, би формирале нова група. Така, од јануари би се играло за титулата (другите би играле за опстанок), а секој тим би почнал од нула.

Оваа идеја беше отфрлена од многумина, меѓу другото и поради можноста во една сезона, на пример, да нема традиционални дерби-дуели, ако тимовите останат во различни групи во двата дела од сезоната. Од шеговитите предлози е тој на новинарот Франк Хелман, кој вели дека на Баерн треба да му се доделуваат само два бода за победа. Некои клубови, пак, предлагаат да се отфрли правилото 50+1, според кое половина од акциите плус една секогаш е во сопственост на спортскиот клуб и членовите, со што се спречува надворешен субјект да биде доминантен сопственик на клубот. Идејата е да се има поголем буџет за поголема компетитивност на клубовите. Но, како што пишува „Дојче веле“, само еден поглед на другите првенства ќе се види дека и таму каде што не важи ова правило сезонава нема резултатска израмнетост туку доминација на еден тим (во Англија тоа е Манчестер сити, во Франција тоа е ПСЖ). Од другите идеи, поранешниот предводник на Баерн, Волфганг Холцхаусер, пак, предложи воведување плејоф за најдобрите четири клуба во една сезона.

На сево ова тренерот на Баерн, Јуп Хејнкес, за „Дојче веле“ вели: „Реформи? Не, ќе мора да смислат нешто друго. Другите едноставно мора да станат посилни“. Сепак, во што е тајната на супериорноста на Баерн? Според многумина, секако, покрај финансиската стабилност, тоа е силниот менаџмент, составен од поранешни фудбалери, потоа сплотеноста на раководството и тимот, одличните деловни (Баерн е четврти најбогат клуб во светот според некои консултантски куќи), но и спортски потези (трансфери). А пред речиси 55 години, Баерн дури не беше поканет да настапи во тогаш новоформираната Бундес-лига (иако на теренот беше подобар од некои други што беа избрани да играат), во која дебитира во сезоната 1965/66, по две сезони во Втората лига. Но, токму второлигашкото искуство го натера клубот да се фокусира, да ја оформи и базата, од која подоцна беа црпени главните адути за составувањето на тимот, кој првата бундеслигашка титула (втора вкупно) ја освои веќе во 1969 година.

Така, од школата на клубот се и првите големи ѕвезди од тоа време, Герд Милер, Сеп Маер и Франц Бекенбауер, кои беа носители на тимот во освојувањето на трите европски круни, од 1974 до 1976 година. Откако беа поставени спортските темели во 70-тите години на минатиот век, следуваше нова клупска реорганизација. Тогашната ѕвезда Ули Хенес во 1975 година, на возраст од 27 години, ја прекина кариерата поради повреда и стана најмладиот генерален секретар. Три децении подоцна тој ја напушти функцијата за да стане претседател, а Баерн веќе беше претворен во светски гигант, со годишен обрт од околу 300 милиони евра (сега наводно е двојно повеќе), многу нови домашни и уште една европска титула, а од тогаш и уште една. Во меѓувреме Баерн изгради свој стадион, стана магнет за најдобрите фудбалери од светот, а академијата продолжи да работи со полна пареа (Паул Брајтнер, Клаус Аугенталер, Филип Лам, Бастијан Швајнштајгер, Томас Милер, Давид Алаба, Тони Крос…).

Патем, Баерн стана и светски популарен (германски медиуми пишуваат дека има најмногу регистрирани навивачи, околу 300 илјади), секако и поради резултатската успешност, но особено и со популарните одлуки, како тоа фудбалерите често да се дружат со симпатизерите (особено за време на „Октоберфест“ и пред Божиќ). Но, клубот големата популарност ја изгради и со долгата историја на солидарност, давајќи им финансиска помош на многу клубови, како Минхен 1860, Сент Паули, Ханза, па дури и Борусија Дортмунд. Згора, клупската политика диктира и ниски цени на влезниците, па може да се купи годишна карта и за околу 140 евра, што е околу осум евра по меч. Така, некогашниот „отфрлен“ клуб прерасна во фудбалски доминантен и вистински клупски гигант.