Во вчерашното финалe не СП 2019 во Кина, Шпанија ја совлада Аргентина, за втора светска титула, а третото место на овој Мундијал го освои Франција
Репрезентацијата на Шпанија е новиот светски првак во кошарка, откако во финалето на 18-то Светско првенство (СП) во Кина ја совлада Аргентина. Со тоа, таа репрезентација вторпат се закити со злато од ваков планетарен спортски настан. Шпанците беа шампиони и во 2006 година во Јапонија. Од непосредните актери, Шпанците Марк Гасол и Руди Фернандез се закитија со второ злато, а Гасол го израмни рекордот на Американецот Ламар Одом, кој во 2010 година стана светски првак со САД и шампион во НБА со Лос Анџелес Лејкерс. Гасол годинава е првак на НБА со Торонто.
Франција е носител на бронзениот медал, откако ја совлада Австралија со 67-59 и со тоа го повтори успехот од СП пред пет години. Тогаш „триколорите“ во мечот за бронзата беа подобри од Литванија, со 95-93. Тоа се единствените медали од СП за Франција, која има и две олимписки сребра (1984 и 2000) и девет медали од eвропските првенства (ЕП), од кои и злато во Словенија во 2013 година.
Австралија, која во мечот за третото место водеше со 15 поени разлика, уште нема одличје од СП, а четвртото место е досега најдобриот пласман за таа репрезентација на мундијалите.
На ова СП петта е Србија, која важеше за прв фаворит во Кина, пред Чешка, САД, Полска, Литванија, Италија итн.
На СП во Кина (рекорд по бројот на НБА-играчи, 54) првпат настапија рекордни 32 репрезентации, поделени во осум групи. Следното СП треба да се одржи во 2013 година во три држави, Филипини, Јапонија и Индонезија.
Србинот Богдановиќ прв стрелец
Српскиот кошаркар Богдан Богдановиќ имаше најголема шанса да биде најефикасен на СП 2019 во Кина. Пред вчерашното финале тој беше прв поентер, со вкупно 183 поени на осум натпревари (22,9 поени во просек по меч), а втор беше Австралиецот Пети Милс со поен помалку. Шанса да го надмине Богдановиќ имаше само Аргентинецот Луис Скола, за што беше потребно во вчерашното финале да постигне дури 48 поени.