Археолошкиот музеј на Македонија вчера ги промовира новите простории на најстарата и најголемата специјализирана археолошка библиотека во Македонија.
– Фондот на библиотеката што има над 6.000 книги (со над 20.000 стручни и научни трудови од домашни и од странски автори), е создаден во период на 57 години, односно од формирањето на првата библиотека при Археолошкиот музеј во 1961 година, а особено од 1977 до 2010 година кога оваа библиотека била во состав на библиотеката на Музејот на Македонија во Скопје – наведоа од Археолошкиот музеј.
Оттаму посочија дека меѓу многубројните книги се наоѓаат и многу ретки изданија, објавувани од почетокот на 20 век, а најстарото од нив потекнува од 1881 година.
– Повеќегодишната пауза во работата на библиотеката, од речиси 10 години, сериозно се одрази врз меѓубиблиотечната размена на музејот и особено врз обновата на фондот. Благодарение на несебичниот придонес на музејските институции во Македонија и странство, како и со лични донации од нашите колеги, овој хијат ќе биде надминат, а библиотеката на Археолошкиот музеј ќе продолжи да биде јадрото на податоци за многу идни истражувања и генерации истражувачи – соопштија од музејот.