Ми врескаат дека морам да ги прифатам условите и уцените, кои не важат за ниту една друга држава. Ми се пенават в лице од телевизиските екрани, хистерично ми го грабаат просторот на битисување преку социјалните мрежи, убедувајќи ме дека основното човеково право на самоименување не важи за мене, зашто така одлучиле моќните и дека тоа е в ред
Радјард Киплинг честопати знаел да каже дека тој воопшто не ги пишува своите дела. Ги убедувал соговорниците дека легнувал да спие, а утредента, кога ќе се разбудел, песната била напишана. Тоа некој дух, некоја сила, прекуноќ пишувала наместо него. Киплинг се шегувал, но јас навистина во четвртокот вечерта сакав да заспијам, а кога ќе се разбудам да видам дека колумната е веќе напишана. Оти не сум свој деновиве. Мислам дека нервите ми се крајно истенчени, просто како да сум пред нервен слом, ете така се чувствувам. Кај и да е, ќе пукнам, ќе ми падне мрак пред очи, море ќе настрада некој ни крив, ни должен, а не дека сакам, не дека ми е ваквата психотична состојба позната. Достоевски сигурно би ме сместил во групата нервно растроени карактери застанати на работ од можна душевна катастрофа. Ете како ми е деновиве среде психопатската атмосфера на можна промена на името и укинување на македонскиот идентитет.
Најчесто за вакви душевни кризи, нервни растројства и емотивни колапси, голема вина и удел има самиот човек кому тоа му се случува, но во овој случај не можам толку лесно прстот да го вперам во себе и да ја преземам сета вина за мојата моментална состојба. Не, не, не можам да прифатам дека за мојата душевна неурамнотеженост и емотивна паника само јас сум виновен, фактите на терен ми покажуваат дека околу мене владее изопачена безумност и моите душа и разум не се до толку силни и спремни да го прифатат сето ова рамнодушно. Сето ова што долго време се случува околу мене, а сега е влезено во последната фаза на апсурдно безумие.
Ме убедуваат дека е крајно нормално, сосем логично и исклучително исправно мојата татковина Република Македонија да си го смени името, Македонците да престанат да постојат и да почнат да се нарекуваат граѓани на новоименуваната држава, а мојот вековен македонски јазик на кој првпат прозборев, првпат реков „те љубом“ и научив да му се молам на Бога, дека тој мој јазик ќе мора да се нарекува со термин намерно склопен за никој жив во светот да не може да го разбере и сето тоа само заради членство во Европската Унија и во НАТО-алијансата, кои ќе ми донеле материјална благосостојба. И уште ме убедуваат дека тоа е апсолутна вистина, дека штом влезам таму, рајот ќе се спушти околу мене, а јас само треба да се откажам од Македонија и македонскиот идентитет. Ми врескаат дека морам да ги прифатам условите и уцените, кои не важат за ниту една друга држава. Ми се пенават в лице од телевизиските екрани, хистерично ми го грабаат просторот на битисување преку социјалните мрежи, убедувајќи ме дека основното човеково право на самоименување не важи за мене, зашто така одлучиле моќните и дека тоа е в ред. Па уште јас сум им виновен што не сакам, бре, некој да ми менува име и одзема идентитет заради членство во унија од која други држави си заминуваат или планираат да заминат и во воен сојуз чие постоење е сведено на окупирање туѓи територии заради експлоатирање природни ресурси и, ај што јас сум виновникот, ама и постојано ме нарекуваат националист и фашист. Јас сум националистот затоа што некој друг тврди дека не постојам, ме тера да се самоукинам, јас сум фашистот затоа што се бранам од истото.
Еден ми тврди дека и онака не постојам, друг ме убедува дека Тито ме измислил, трет ми вреска дека не е важно името, туку медот и млекото што го очекуваат во ЕУ и во НАТО, а јас му ги одземам, една кокошка ми кажува дека ништо нема да ми одземеле, туку само ќе ми додаделе, друг глупак ми попува дека членството во воената алијанса ќе го кренело квалитетот на образованието, трет ме прашува зошто не сакам Северна Македонија кога, ете, имало Северна и Јужна Кореја, без да знае дека такви Кореји официјално не постојат, туку Демократска Народна Република Кореја и Република Кореја, една будала ме малтретира со моронштината дека НАТО ќе ме штити од руска агресија, друга будала ми се пенави дека Европската Унија била принципиелна и правична што се грижи за нежните и кревки Грци, кои бараат да бидам обезличен и укинат, наспроти мојот наводен национализам, кој да ти бил очигледен поради фактот што сакам да си ги зачувам името, идентитетот, јазикот и културата, банда глуперди хистерично ме напаѓаат со тези дека тоа што јас сум инсистирал да си останам Македонец во Република Македонија ја блокирало нивната светла иднина и материјална удобност што ги очекува, црпнатиот и нелигитимен Квислинг на власт спремен е да му ја продаде душата на ѓаволот само за да ѝ удоволи на изопачената моќ што го октроираше, албанскиот политички башибозук се распашал среде моето постоење, па ми се заканува со насилство ако не прифатам укинување на македонската самобитност и така секој миг, секој ден, среде сон и на јаве… е па, не можам веќе, жив човек сум, една душа, еден ум имам и пред пукање сум.
Мрак на очи само што не ми паднал. И, овојпат, не сносам одговорност, јас не сум виновен за состојбата во која сум доведен, ова веќе не се издржува. Толку испрани мозоци на квадратен метар не се поднесуваат веќе, толку идиотштина во етер не се трпи ни со христијанска трпеливост. Или ќе престанете да ме силувате со својата безумност или телово, колку и да не сака душата, ќе го доведете во состојба кога му се активира нагонот за опстанок, а кога си доведен во ситуација да бидеш убиен, желбата за преживување ги зема нештата во свои раце. Е дотука ме имате доведено, претеравте, не заборавајте дека нервната растроеност затворена во тело обземено од нагонот за преживување понекогаш може да ја изгуби контролата над себе.
Додуша малку ме смири професорот Димитар Апасиев, кој изјави, цитирам: „Овие преговори што се водат се тотално правно нелегитимни. Впрочем, македонскиот уставен систем предвидува, стручно да се изразам, бицефална извршна власт. Тоа значи дека ние немаме само претседател и само премиер. Туку имаме и претседател и премиер. Премиерот го избира Собранието, претседателот на државата како шеф на државата, на Републиката, го избираат граѓаните. И оттука Уставот му ги дава нему ингеренциите да преговара, договара и да склучува меѓународни договори. Не на Владата, никако на Владата“. Да, ме смири за миг, ама канонадата безумност околу мојата душа не запира, изопачената моќ не престанува со агресијата врз моето идентитетско битисување, а нејзините безумни поклоници не се откажуваат од својата перверзна желба да ме укинат, со што упорно ми ја тестираат трпеливоста, која не е научена да биде во состојба на нервна растроеност.