Не можам да замислам посовршена комбинација од овој тренер, за овој тим, во овој момент, рече претседателот на Американската фудбалска федерација, Карлос Кордеиро, на промоцијата на Андоновски за нов селектор на светските првенки

Македонецот Влатко Андоновски (43) ја презеде селекторската функција на женската фудбалска репрезентација на САД, актуелниот и четирикратен светски првак.
– Не можам да замислам посовршена комбинација од овој тренер за овој тим во овој момент – рече претседателот на американската фудбалска федерација, Карлос Кордеиро, на промоцијата.
Андоновски, кој во минатите две години беше тренер на Реин од Такома, во близината на Сиетл, доаѓа на местото на Џил Елис, која ја предводеше селекцијата на САД до две светски титули, во 2015 и во 2019-та, и која поднесе оставка минатиот месец.

– Ова е огромна чест за мене и јас сум многу возбуден што ќе можам да работам со оваа група играчи и стручен штаб, кон понатамошни континуирани успеси – изјави Андоновски.

Андоновски двапати е прогласуван за тренер на годината во американската женска лига, прво во 2013-та кога беше на чело во Канзас сити и пред неколку дена откако го предводеше Реин во плејофот, во 2019-та. Андоновски, кој е роден во Скопје, на селекторската клупа на САД ќе дебитира на пријателскиот меч против Шведска, на 7 ноември. Квалификациската кампања за Летните олимписките игри (ЛОИ) во 2020 година во Токио САД ќе ја почнат на крајот од јануари в година. Медиумите позитивно го оценија ангажирањето на Андоновски, истакнувајќи дека тој би можел да биде токму она што им е потребно на фудбалерките на САД за да останат на светскиот врв.

– Тој може да биде совршен избор за наследник на Џил Елис, која како селекторка на САД триумфира на последните две светски првенства. Андоновски можеби е во незавидна позиција бидејќи доаѓа на функцијата во време кога двократните шампионки се во процес на регресија. На крајот на краиштата, она што оди нагоре и стигнува до врвот мора да оди и надолу. Но ангажирањето на Андоновски, кој остави голем белег во националната женска лига, може да помогне на тие закони на физиката да им се пркоси подолго и да се продолжи со успесите – оценува влијателниот британски дневен весник „Гардијан“.

Во моментов важно е да се спомене што е приоритетот за Андоновски. Елис се повлече откако со САД освои две титули светски првак, но помалку дискутиран аспект од нејзиниот мандат е катастрофалниот настап на ЛОИ 2016 година во Рио, каде што САД ја доживеаја најраната елиминација на еден голем турнир во историјата. На само девет месеци до ЛОИ во Токио, Андоновски го чека многу работа. Ако постои тренер што може да се нафати да работи во вакви околности тоа веројатно е токму Андоновски, кој изминатите шест години освои две титули со Канзас сити, а минатата недела беше прогласен за тренер на годината за импресивна работа со Реин во Сиетл, каде што мораше да се справува со многуте повреди, но и покрај тоа се пласира во плејофот.

Но за тие што не следат редовно американски женски фудбал, Андоновски како да е „дојден од никаде“. Тој нема меѓународно тренерско искуство, дури ниту на младинско ниво, што е метеорски подем. Во 2000 година, тој пристигна во САД за да игра професионален фудбал во сала, во Канзас сити кометс, каде што и ја заврши кариерата. Во 2012 година, кога групата сопственици на Кометс формираа женски тим, Канзас сити, за да игра во новоформираната национална лига го замолија Андоновски да го тренира тој тим. Некои фудбалерки се спротивставија на идејата да заминат за Канзас и да играат таму затоа што немале слушнале за Андоновски и не биле сигурни за тоа каков тренер ќе биде. Но тој многу брзо се етаблира како тактички паметен тренер, кој му наметна на тимот да игра атрактивен фудбал со голем посед на топката, а го наметна и својот авторитет, пишува „Гардијан“.

Кога бил интервјуиран за работата во Канзас сити, тој ги импресионирал сопствениците со тоа колку темелни истражувања направил. Неговиот пристап како менаџер со луѓе е помек, смирувачки влијае на неговите играчи. Кога Реин лани загуби во плејофот од Портланд, Андоновски ја презеде одговорноста за резултатот и им кажа на своите фудбалерки дека не ги подготвил доволно добро физички за напорниот натпревар. Тој, исто така, се поздравува со секој известувач во т.н. микс-зона заблагодарувајќи им се на тој начин за тоа што ги следат мечевите, пишуваат медиумите во Велика Британија. 


Повеќе македонски тренери им биле селектори на странски репрезентации

Влатко Андоновски е еден од ретките македонски тренери што биле ангажирани за селектори во странство, веројатно 14-от, според неофицијални податоци. Во фудбалот тоа се Ѓоко Хаџиевски (го водеше Азербејџан), Никола Илиевски (Бангладеш), Благоја Видиниќ (Мароко, Заир, Колумбија) и Кирил Дојчиновски (Салвадор). Во ракометот Македонци предводници на национални тимови беа Звонко Шундовски (Израел), Ристо Магдинчев (Катар), Љупчо Савевски (Турција), Владимир Глигоров (Либан, женска репрезентација) и Андон Бошковски (Грузија). Во кошарката Јорданчо Давитков (Кувајт) и Заре Марковски (Романија) ја имаа честа да биде селектори, а во одбојката Јошко Миленкоски (Турција), Жарко Ристоски (Саудиска Арабија) итн.


„Тактички гениј“

Фудбалерките не кријат дека Влатко Андоновски ги направил подобри во секој поглед. Меган Рапино, најдобрата светска фудбалерка, вели дека тој е тактички гениј, брзо се приспособува кога е потребно, но и дека им помага да разберат што сака од нив. Андоновски, наводно, веќе има список на фудбалерки што играат во Европа, кои сака да ги провери во кампот во декември. Конкуренцијата ќе се засили затоа што Андоновски, кој е темелен во своето истражување, не остава ништо на случајот. Тој нема искуство со национален тим како тренер или како играч, а меѓународниот фудбал има многу поразличен ритам од клупскиот. Транзицијата од клупскиот фудбал не оди секогаш мазно. Но кога ќе бидете ангажирани да го водите најдобриот тим во светот и тој да остане најдобар, темпераментот на Андоновски, способностите за работење со личности и страста за развој се чини дека е тоа што е потребно, пишува „Гардијан“.