Најбрзиот човек во светот, некогашниот атлетичар Усеин Болт (32), ги постигна своите први два гола за австралискиот клуб Сентрал коуст маринерс, во пријателскиот натпревар против Мекартур саут вест 4-0.

Легендарниот јамајкански спринтер, кој се пензионира од атлетиката минатата година, моментно е на проба во клубот од австралиската А-лига, каде што се обидува да избори професионален договор, следејќи го сонот да стане фудбалер. Тој беше двоен стрелец, откако за првпат се најде во почетната постава, поминувајќи 75 минути на теренот. 

– Мислам дека направив мали грешки, но среќен сум што добив прилика и горд сум на себеси. Да се постигне гол е голема работа. Тоа е добро чувство – кажа Болт.

Австралиското првенство почнува наредниот петок, а Маринерс допрва треба да соопштат дали Болт ќе потпише за нив.