Вистинска агенда за „лидерска средба“ и за Македонија

На прв поглед вака стокмената агенда веројатно повеќе одговара за Брисел, Париз, Берлин, Вашингтон или за некој друг странски центар на моќ и одлучување. Македонските граѓани многу повеќе ги интересира што со Македонија, каква светла иднина им претстои на Македонија и на македонските граѓани и како да го трасираме патот до неа. И тука има многу повеќе од две теми. Секако дека евроинтеграциите се важно прашање, исто како и добрососедските односи. Но клучно и примарно прашање е како најдобро да се заштитат македонските национални интереси, да се зацврсти и унапреди државотворноста на македонскиот народ како единствен носител на сувереноста на македонската држава. Тоа се прашања од највисок државен интерес на кои треба да се посвети внимание во следните денови

Конечно добивме датум за преговори. Не за во ЕУ, се разбира, зашто се уверивме дека тоа оди многу потешко. Но, ете, барем добивме датум за преговори меѓу власта и опозицијата, тука во Македонија. В среда на 7 јуни ќе се одржи долгонајавуваната лидерска средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.
Многумина, уште однапред, средбата ја прогласија за историска, што во најмала рака е претенциозно, да не речам несериозно.
И тоа од неколку аспекти.

Прво, не може нешто да биде историско ако истовремено е вонинституционално.
Форматот лидерска средба не е посакувана и практикувана алатка во развиените држави. Лидерска средба, или во превод племенски совет, е повеќе препознатлива форма на комуникација и носење одлуки во некои заостанати африкански племиња.
Во етаблирани демократски држави со јасно воспоставени демократски стандарди, правила и процедури нема такво нешто. Во демократски држави, кон кои претендира и Македонија, сите најважни прашања за иднината на државата и граѓаните треба да се отвораат и решаваат во институциите на државата.

Понатаму, значајни одлуки не се носат на тет-а-тет средби и во четири очи. На овој начин проблемите ги решавале индијанските поглавари што живееле на територијата на Америка или во поново време домородците што живеат во прашумата на границата меѓу Перу и Еквадор, и други зафрлени места далеку од цивилизацијата. Македонија не е ниту на Див Запад, ниту во некоја џунгла или прашума.

Македонија е во срцето на Европа, а замислете со години и децении практикува некои вакви домородни форми на комуникација и политички дијалог.
Тоа е срам и пораз за државата и не може да се смета за некаков демократски исчекор. Би рекол дека организирањето лидерски средби е само уназадување на демократијата, транспарентноста и политичкиот дијалог, целосна деградација и омаловажување на институциите на системот. Со други зборови, тоа е цивилизациски „исчекор“ – ама наназад.

Многу попрактично и подемократско решение ќе беше, за кое било прашање од интерес за државата, да се отвори широка дискусија во парламентот, која ќе биде отворена за јавноста за таа да може да ги увиди позициите на своите политички репрезенти, и од власта и од опозицијата.

Одиме понатаму. Се добива впечаток дека целосно е промашена и агендата за најавената лидерска средба. Така, според најавите, на неа треба да се разговара за две теми, и тоа продолжување на евроинтеграциите и градење добрососедски односи со сите соседни држави.

На прв поглед вака стокмената агенда веројатно повеќе одговара за Брисел, Париз, Берлин Вашингтон или за некој друг странски центар на моќ и одлучување. Македонските граѓани многу повеќе ги интересира што со Македонија, каква светла иднина им претстои на Македонија и на македонските граѓани и како да го трасираме патот до неа. И тука има многу повеќе од две теми. Секако дека евроинтеграциите се важно прашање, исто како и добрососедските односи. Но клучно и примарно прашање е како најдобро да се заштитат македонските национални интереси, да се зацврсти и унапреди државотворноста на македонскиот народ како единствен носител на сувереноста на македонската држава. Тоа се прашања од највисок државен интерес на кои треба да се посвети внимание во следните денови. Токму нашиот весник во повеќе наврати преку компаративни анализи и истражувања нудеше решение за таканаречена вин-вин ситуација, со која ќе ги продолжиме и евроинтеграциите и дополнително ќе го зајакнеме државотворниот статус на македонскиот народ.

Формулата е едноставна. Со предвидените уставни измени треба да се допрецизира и јасно да се дефинира дека Македонија е национална држава на македонскиот народ и малцинствата што живеат во неа. Државотворната улога и значењето на македонскиот народ во никој сегмент не смее да бидат засенети или доведени во прашање. Никако не смее да се дозволи носечкиот државотворен народ да се изедначи со другите малцинства што ги уживаат сите загарантирани права, но во согласност со сите меѓународни стандарди и конвенции може да се дефинираат и третираат само како малцинства.

Ова се прашања што заслужуваат сериозна опсервација и анализа, а не брзоплети предлози и решенија. Во таа насока воопшто не е прагматично ниту политички коректно да се подгреваат какви било преуранети очекувања или евентуални сценарија за можниот исход од оваа лидерска средба.

Значајно е пред средбата двајцата лидери да ги извадат партиските маски и да настапуваат исклучиво во интерес на граѓаните и на државата. Патем, ова да биде и последна ваква средба во таков формат и во иднина за сите значајни прашање да се дискутира во институциите на државата. Наместо со претходно цврсто закотвени партиски ставови подобро е челниците, од власта и од опозицијата, на средбата да дојдат со празен лист хартија на кој ќе ги скицираат најдобрите можни предлози што се во интерес на македонскиот народ и држава.

Охрабрувачки е што и двајцата лидери најавуваат дека по средбата ќе извршат широки консултации внатре во своите пратенички групи и меѓу коалициските партнери.

Понатаму факторот време, на кој често се алудира во последно време, не смее да биде изговор или покритие за каква било избрзана и лоша одлука. Впрочем, Македонија веќе две децении неправедно чека пред портите на ЕУ, па никој однадвор не мрдна ниту со мал прст, ниту се загрижи поради тоа. Зошто сега ние би брзале?
Време секогаш има и ќе се најде, но не смее да се дозволи да се направат грешки во чекори. За евентуално такво нешто потоа ќе нема време за корекција и враќање назад.

Многу е важно по средбата да се испрати земено координиран национален македонски став пред меѓународната заедница дека македонскиот народ широко ги отворил вратите на својата држава за сите малцинства, но нема да дозволи друг да му диригира или друг да одлучува во неговата куќа, односно држава.

Освен уставните измени, евроинтеграциите и добрососедските односи, пред политичарите и институциите чекаат уште куп други прашања за решавање, како спречување на белата чума и на масовното иселување, борбата со сиромаштијата и сивата економија, предизвикот за засилен економски раст и развој итн. Сѐ се ова прашања за кои е потребна длабока анализа и сеопфатна стратегија. Или како што порачуваат од бизнис-заедницата, потребен е општествен консензус во креирање на економските политики за приоритет да ѝ се даде на економијата во однос на политиката.

На крајот на краиштата, сите политички субјекти имаат обврска пред македонските граѓани за обезбедување посветла иднината на државата. А каква може да биде иднината на Македонија, без Македонците во неа, како темел на државата и државноста.