Кога се спротивставија на одлуката новоформираниот Оркестар за џез-музика просторно да биде сместен во објектот на Националната филхармонија, филхармоничарите како да подзаборавија на сунѓерите поставени на седиштата во првите редови и пластичните кофи за собирање на водата од пукнатините во покривот, на лошата инфраструктура, акустика и осветлување, на деновите кога вежбаа по ходници и пред билетарницата на Домот на АРМ…
Не е новина дека културните институции кај нас се соочуваат со недостиг од простор за работа. Заводите за заштита на спомениците на културата и музејските институции во земјава одамна апелираат за своите проблеми од инвестициски карактер, главно недостиг од простор за чување и изложување на збирките. Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое постои 75 години, со децении се соочува со низа проблеми во своето функционирање, од финансиска, но главно од просторна природа – со години бараат галериски простор и достоинствени услови за презентирање на делата на уметниците. За независните театри во земјава тоа е најгорливиот проблем, на кој постојано потсетуваат, но ни оние државните не се во многу позавидна ситуација. Поранешен МНТ, а сега „Театар комедија“ и Турскиот театар, а до скоро и Албанскиот театар, функционираа заедно, и тоа во просторот на привремените бараки во Центар. Библиотеките кубурат со простор за чување и користење на книжниот фонд. Со затворањето на Универзална сала се затвори сцената за десетици културни, детски и забавни манифестации… Проблемот е уште поголем надвор од главниот град, каде што речиси сите културни установи, институции, здруженија, се сместени во центрите за култура, па во тие простори се случуваат и претстави и концерти и ликовни изложби и книжевни промоции…
Во слична ситуација до пред неколку години беа и членовите на Филхармонијата. Сунѓери поставени на седиштата во првите редови и пластични кофи за собирање на водата од пукнатините во покривот беше сликата на некои од концертите, особено во зимските месеци. Поради лошите услови во Домот на армијата, Филхармонијата повеќепати беше принудена да ги откажува своите концерти. Со децении тие го изнајмуваа просторот на Домот на АРМ, кој покрај лошата инфраструктура, имаше лоша акустика и осветлување. Често мораа да вежбаат дури и во самиот ходник или пред билетарницата. Немаа гардероби и за настапите се подготвуваа дома… Конечно проблемот беше решен, кога во 2017 година со концерт на Македонската филхармонија и Симон Трпчески беше отворен новиот објект на Филхармонијата.
Но, како брзо да подзаборавија на нехуманите услови во кои со децении работеа. Можеби и затоа јавноста, не само музичката, застана во силна одбрана на новоформираната национална установа Оркестар за џез-музика, откако со петиција вработените во Филхармонијата се спротивставија на одлуката овој оркестар просторно да биде сместен во објектот на Национална филхармонија, а по потреба да го користи и музичко-сценскиот простор на Национална опера и балет. Членовите на Оркестарот за џез, со право, се затекнати и вчудовидени од реакцијата на голем дел од нивните пријатели, колеги и соработници од Филхармонијата и укажуваат дека всушност не постои сериозен аргумент што би го оправдал ваквиот нивни став. Иако станува збор за техничко прашање, веројатно се нарушува нечиј комодитет или се затвораат бескрајните можности за издавање на салата за комерцијални цели, па оттаму и сосема е оправдан притисокот од јавноста, како и поддршката од колегите од регионот. Во својата последна реакција, Оркестарот за џез појасни и некои детали околу своето функционирање, како она дека бројката на музичари во нивните редови не е 50-60, туку 17-20 музичари, дека нема да бидат узурпирани гримиорните, ниту простор во веќе постојниот дел на административниот дел на зградата, дека одржувањето на пробите во зградата би се реализирало исклучиво во малата или големата сала, во термините кога овие простории се слободни, а концертите – во денови кога Филхармонијата нема програма. Овие појаснувања, како што велат оттаму, имаат цел да помогнат во тековниот процес, со надеж за смирување на страстите помеѓу колегите и пријателите…
Оваа ситуација покажа уште еднаш дека нашиот најголем проблем не е сиромаштијата, туку тоа се суетите, неколегијалноста, несолидарноста, себичноста, егоцентризмот, лошите меѓучовечки односи, примитивниот менталитет, од кои очигледно (што истовремено е и тажно) не се ослободени дури ни луѓето од културата, од музиката, од еснафот… Неможноста да се види огромниот потенцијал што лежи во заедништвото, не само во овој случај туку и генерално во нашето општество, е она од што најмногу страдаме
А дека просторот, во случајов, не е проблем доволно зборува фактот дека новата Филхармонија не е сместена во некоја трошна зградичка, туку е вдомена во објект што со неколку паузи се градеше цели осум години, кој се простира на површина од дури 12.400 квадратни метри, располага со две сали, голема сала со капацитет од 1.000 места и мала повеќенаменска сала со капацитет од 310 места. Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна, современа аудио и видеотехника за продукција и снимање на музичките настани. Во објектот се обезбедени сите предуслови за подготовка на програмата на институцијата, изградени се посебни простории за вежбање на солистите и индивидуалните групи, како и придружни и административни простории, сите функционално поврзани на три нивоа…
Оттука, оваа ситуација покажа уште еднаш дека нашиот најголем проблем не е сиромаштијата, туку тоа се суетите, неколегијалноста, несолидарноста, себичноста, егоцентризмот, лошите меѓучовечки односи, примитивниот менталитет, од кои очигледно (истовремено и тажно) не се ослободени дури ни луѓето од културата, од музиката, од еснафот… Неможноста да се види огромниот потенцијал што лежи во заедништвото, не само во овој случај туку и генерално во нашето општество, е она од што најмногу страдаме.