Преодна држава

Викендов Македонија треба да ја добие третата преодна влада, која во следните сто дена има задача да ја обезбеди сета логистика потребна за одржување фер и демократски избори, практика воспоставена во 2016 година, практика што во два наврата се покажа како неуспешна, ама, ете, и третпат ќе ја пробаме среќата за инает, да видиме до каде можеме да одиме со главата во ѕид.
А мудро вели нашиот народ, она што е накриво скроено, не може убаво да стои, така е и со нашата преодна или таканаречена Пржинска влада (штета што една убава скопска населба доби ваква неславна титула). Создадена спротивно на Уставот, оваа параинституција ќе биде уште еден неколкумесечен театар на апсурдот, сцена на конфронтации, сплеткарења, подметнувања, еден вид перверзна предигра на валканата изборна кампања, која наскоро ќе стартува и со која ќе се будиме и ќе заспиваме.
Ако политичките влади досега не успеаја да донесат владеење на правото, реформи, борба со корупцијата и криминалот, ефикасна и професионална администрација, чуму 100 потрошени денови и дополнително закочување на државата ако веќе причините за првичното формирање на техничката влада се надминати.
Имајќи предвид дека многумина во оваа земја уште одамна се групираа во европски фронтови, блокови, еврофундаменталисти, кланови и што ли уште не, на сите устата им е полна со Европа, тогаш сигурно во нивниот ментален склоп постојат исклучиво европски вредности, така што никој не треба да се сомнева дека и изборите ќе бидат европски, оти со толку европски квалитети, нема простор ниту да се помисли дека некој ќе се дрзне да полни кутии, да влегува со оружје на избирачки места, да поткупува, да се заканува, да организира бугарски возови, да урива рекорди според бројот на луѓе што гласале во една минута…
Како и да е, тие времиња минаа, а проблематичните „Европејци“ се ставени под силен надзор како од јавноста, така и од меѓународната заедница, особено од оние што седат на ридот на Кале. Од таму сѐ се гледа, сѐ е на ачик, внимателно се бележи кој прави проблеми, се документира и на крајот тој некој ќе се најде на нивната црна листа. А никој не сака да се најде на нивната црна листа, уште повеќе што таа листа ќе стане и македонска црна листа, па непослушните нека му ја мислат.
Повторно да се вратиме на преодната влада. Сега, кога според едни сме ги почнале преговорите со ЕУ, според други не сме ги почнале, ќе се најдеме некаде на половина, дека се мотаме низ европските ходници барајќи ја главната сала.

И сега, со завршен скрининг-процес, нам повторно ни треба преодна влада да ни ги организира изборите. Апсурд. Па, што ќе помислат оние во Брисел? Логично е да помислат дека не сме способни да организираме обични фер и демократски избори, а камоли да воспоставиме владеење на правото и да удриме по корупцијата. Ако не го можеме тоа, тогаш прашањето е зошто Европа би нѐ сакала во свое друштво? Па, и до 2030 година!? Од 2016 година поминаа осум години, а политичарите не мрднаа со малиот прст за да ги зајакнат капацитетите на институциите, туку дополнително ги поткопуваа, ги партизираа до максимум, ги депрофесионализираа колку што можат трпајќи во нив еден куп нестручни кадри, кои среќа во несреќа не одеа на работа, па штетата од нивниот ангажман беше помала.
Можеби оваа преодна влада и немаше да се случи да не беа партиските договори за отстапување на премиерското место токму во последните 100 дена, а цената за ова партиско „на ти го – дај ми го“ ќе ја плати државата, наместо одговорноста да ја преземе партијата што нешто ветила. Токму така. Јас ти ветив, јас ќе ти дадам место.
Пред некој ден јавноста слушна за фрапантните бројки на ученици што се испишале од училиштата на почетокот на второто полугодие, што говори дека иселувањето од државава повеќе не е мал бран, туку цунами, кое повеќе никој не може да го запре. И во една таква алармантна ситуација, кога секој ден е важен, три месеца сѐ ќе стои, освен партиските карвани, кои ќе го посетат секој камен во оваа држава, ветувајќи им на граѓаните брда и долини, за по изборите експресно да заборават и каде биле и што кажале. Три месеца ќе трпи и економијата, но нема да бидат само три, оти и процесот на формирање влада ќе потрае, така што најмалку половина година ќе отиде во ветер за македонската економија. Во вакви економски нестабилни времиња, тоа ќе му нанесе сериозна штета на стопанството, кое и онака не може да се соземе од претходните кризи. Наместо зголемено производство, извозни перспективи, нови пазари, домашни поевтини енергенти, компаниите ќе добијат неизвесност врз чија основа не можат да градат развојни планови.
Реформи и онака немаше, но колку-толку ќе можеше барем нешто малку да се придвижи во оние институции што барем нешто работат. Можеби ќе се набавеа поголеми количества лекови, можеби ќе се отпечатеше некој учебник, веројатно навреме ќе се распишеше тендерот за набавка на свидетелства за да не се случи пак во јуни да ги нема, или, пак, ќе се најдеше некакво решение за личните документи на луѓето, кои и натаму мрзнат на зимските студови пред импровизираните шалтери на МВР.

Како што тргнала работата, гледајќи ги сите овие работи, Македонија повеќе е зрела да биде преодна држава оти самата не може ништо да направи. Не може сама да организира избори, не може сама да гони криминал и корупција, не може сама да воспостави владеење на правото, не може сама да ја води надворешната политика, не може да го оправи здравството, уште помалку образованието, екологијата никој не ја есапи ни два отсто, така што дефинитивно потребна ни е техничка држава за некој да научи што значи да се има нормална држава и како таа се чува и гради.
Сиве овие години политичарите не научија една работа, дека тие треба да се борат за функција заради благосостојбата на граѓаните и на државата, а не заради личната бенефиција. Очигледно кај нас е обратното. Секој гледа да си го наполни џебот, не го интересира дали народот живее сиромашно и во беда, а уште помалку дали се загрозуваат националните интереси. Се гледа од денес за утре, да се нафатира додека е на функција, а потоа други нека му ја мислат.
Но едно треба на сите да им е јасно. Тоа време помина, процесите треба да се вратат во институциите, а не да се тераат преку параинституции. Ако по утрото денот се познава, тогаш и оваа преодна влада нема да биде ништо поинаква од другите. Но како што вели нашиот народ, трета среќа, а среќата ќе ни биде повеќе од потребна, имајќи ги предвид досегашните искуства на заедничко практикување на власта меѓу двете најголеми македонски партии. Како и да е, издржавме две технички влади, ќе издржиме и трета, но политичките актери треба да се свесни дека ова е последната опомена од народот, дека ако не се изградат институции што ќе ја крепат државата, тогаш не сме зрели ниту за држава. Аналогијата е јасна, со преодна влада оди и преодна држава, а како што тргнале работите, одиме натаму…