Од сите спортови, само еден е именуван од милијарди луѓе како прекрасна игра (o jogo bonito), прекар популаризиран од кралот на фудбалот, Пеле. Ова беше Светско првенство со безброј прекрасни приказни, селекции што сонот го претворија во јаве (се чини дека колективен МВП на СП се токму тие со отсонуван сон), можеби шампионат на ново предавање на штафетата на фудбалски великани, првенство на кое свое влијание имаше и репрезентацијата на Македонија. Но фудбалот често се менува, па сега следуваат нови измени, како СП со 48 селекции, клупско СП со 32 тима, ЛШ со 36 екипи… Многумина повикуваат на дијалог, за да се најде баланс, поради прекрасната игра, за да можеме да видиме и во иднина вакви перформанси во седмиот меч на еден голем турнир, со врвни ѕвезди што продуцираат голеада и го оставаат светот во неверица за тоа на што токму сведочеле. Ова СП посочи одново колку е моќен фудбалот, видовме како ѕвездите се во служба на тимот, како тимот е во служба на ѕвездите, но и како спортот одново и одново се претвора во одличен кохезиски фактор, фактор на зближување на луѓето од целиот свет, сите неизоставно со иста цел – прекрасната игра
Проследивме неверојатно Светско првенство, со фудбал за сладокусци, возбуда и драма и за најпребирливите спортски вљубеници, забава за сите. Најважната работа во најважната споредна работа на светот еден месец беше на главната светска сцена, финалето веројатно е најгледаниот настан на планетата, а ѕвездите, на задоволство на сите, го покажаа сиот свој сјај, ја оправдаа довербата и сите заедно ја направија најдобрата реклама на и онака најпопуларниот спорт на планетата. Светско првенство за паметење.
Од сите спортови, олимписки и неолимписки, има само еден именуван од милијарди луѓе како прекрасна игра (o jogo bonito), прекар популаризиран од кралот на фудбалот, Пеле. Ова беше и Светско првенство со безброј прекрасни приказни, почнувајќи од победата на Саудиска Арабија над идниот светски првак Аргентина, заокружувајќи сѐ со пласманот на Мароко во полуфиналето, како прва африканска репрезентација меѓу четирите најдобри, и секако со титулата на Аргентина. Покрај колективните, приказни напишаа и многу поединци, пред сите Лионел Меси, кој ја освои титулата што му недостигаше во досегашната блескава кариера.
На овој Мундијал бевме сведоци на многу први нешта. Светските првенства продолжија со поместување на границите, па по првото одиграно во Азија во 2002 година и првото одржано во Африка во 2010 година, сега првпат се играше светско првенство на Блискиот Исток, првпат во друг временски термин, првпат сите континенти имаа своја репрезентација во осминафинале, првпат се играше на климатизирани стадиони, првпат еден меч за мажи судеа жени, првпат репрезентациите имаа по 26 фудбалери, првпат можеа да прават по пет замени, првпат се употреби напредната технологија за офсајд… и првпат Меси стана светски првак.
На ова Светско првенство, во финалниот меч особено, се чини како светот на фудбалот да присуствуваше на ново предавање на штафетата на фудбалски великани. Во некое поблиско минато, со заминувањето на Пеле во фудбалска пензија, пристигна на пример Јохан Кројф, потоа на сцената стапи Диего Марадона, по неговото заминување пристигнаа, да речеме, Роналдо Назарио Да Лима и Роналдињо, потоа штафетата ја презедоа Кристијано Роналдо и Меси… (со сите други неспомнати врвни и трофејни фудбалери пред тоа и во меѓувреме), а сега Килијан Мбапе се наоѓа во стартниот блок, иако има и одлична стартна позиција, со 24 години веќе има една светска титула, „златна копачка“ и награда за најдобар млад фудбалер на СП и безброј рекорди зад своето име на клупски и на репрезентативен план. Во над 150-годишната историја на фудбалот секоја генерација имала свои големи ѕвезди, легенди, а се чини дека најпопуларниот спорт на светот одново има, секако, светла иднина, со нови ѕвезди за следење.
Фудбалот често се менува, па сега следуваат нови измени, кои може да имаат големо влијание со зголемениот број мечеви. Ова беше последното СП со 32 репрезентации, од 2026 година ќе има 48 селекции, се воведува и ново клупско СП од 2025 година со 32 тима (досега играа по седум), од 2024 година почнува и новата Лига на шампионите со 36 екипи (досега 32)… Многумина повикуваат на дијалог за да се најде баланс, поради прекрасната игра, за да можеме да видиме и во иднина вакви перформанси во седмиот меч на еден голем турнир, со врвни ѕвезди што продуцираат голеада и го оставаат светот во неверица за тоа на што токму сведочеле.
И фудбалската репрезентација на Македонија имаше свое влијание на ова Светско првенство, прво со победата над Германија, а потоа победувајќи ја Италија во полуфиналето на баражот за пласман на овој Мундијал. Се надеваме дека на следниот планетарен собир, кога од Европа ќе играат две селекции повеќе отколку досега, Македонија ќе направи уште еден чекор напред и ќе ја има можноста да ја одигра својата голема улога и да ја напише својата приказна и на најголемата фудбалска сцена.
Ова СП посочи одново колку е моќен фудбалот. Видовме како ѕвездите се во служба на тимот, како тимот е во служба на ѕвездите, но и како спортот одново и одново се претвора во одличен кохезиски фактор, фактор на зближување на луѓето од целиот свет, сите неизоставно со иста цел – прекрасната игра. Секако, тој е важен и за поттик на економиите (не се за занемарување и премиите од ФИФА), а сето тоа се пари што пак ќе се слеат во фудбалот, кои одново ќе можат да иницираат пораст, фудбалски и економски. Уште една работа што беше очигледна на ова првенство е сонот и неговото остварување. Многу селекции сонот го претворија во јаве (се чини дека колективен МВП на СП се токму тие со отсонуван сон), но одново се потврди дека за тоа треба многу посветена работа, без застој, без компромис…, што сѐ заедно потоа се преточува во нов замаец за фудбалот низ континентите, за ковачниците на сништа во прекрасната игра.