Новинарството на смртна постела

Состојбите во битолските медиуми, а и воопшто во новинарството не само во Битола туку и пошироко во државата не само што се очајни туку, доколку итно не се преземат соодветни мерки за нивно надминување на ниво на држава, ќе бидат речиси безнадежни. Во изминатите неколку години во Битола згаснаа три локални телевизии, три локални радиостаници, а и неколку весници и списанија… Драстично е намален и бројот на дописниците, па така, освен ТВ Телма и МРТВ ни една друга телевизија што зрачи на национално ниво нема свој дописник од градот под Пелистер.
Тоа што загрижува е што интересот за работа во медиумите, кои сѐ уште опстојуваат на медиумската сцена е речиси никаков, а младите не покажуваат никаков интерес да се занимаваат со оваа професија, која во т.н. „едноумие“ ја споредуваа со рударската. За тоа најдобро зборува фактот што од над 130 новинари, техничари и други медиумски работници, кои беа работно ангажирани во битолските медиуми, новинарите што сега работат можат да се избројат на прсти, а најмладиот новинар што моментно професионално е работно ангажиран во Битола има 40 години. Во таква ситуација, моментно во Битола најактивни во новинарството се пензионираните новинари, кои иако се во поодминати години и натаму работат во оваа професија.
Новинарите што останаа од љубов да ја работат професијата и кои, според претседателката на регионалното здружение, Жанета Здравковска, се последните Мохиканци, бидејќи, како што беше речено на средбата на битолските и прилепските новинари, тие се помалку платени од обични продавачи во продавниците или маркетите. Доколку во најскоро време не се преземат соодветни мерки за надминување на состојбите и оние новинари што моментно се ангажирани во медиумите ќе ја напуштат работата и ќе ја сменат оваа професија, со што во блиска иднина Битола ќе остане без новинари и наместо медиуми ќе имаме фејсбук-новинарство. во кое секој што има „паметен“ телефон ќе биде и новинар и уредник и сопственик.

Ова беше речено на работната средба што Здружението на новинарите на Македонија ја одржа во Битола, на која учествуваа новинарите од Битола и од Прилеп.
Целта на средбата беше да се разговара за секојдневните предизвици со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници во Битолско-прилепскиот Регион, како и да се споделат конструктивни предлози и сугестии како да се зголемат бенефициите за членовите на здружението, но и како да се разменат информации за тековните активности и за оние што следуваат.
Осврнувајќи се на актуелните состојби, Младен Чадиковски, претседателот на ЗНМ, рече дека загрижува недостигот од финансиска стабилност и независност кај локалните медиуми и дека таквиот начин придонесува новинарите да се подложни на (авто)цензура и влијание.
Но иако ова не е првпат да се разговара за состојбите во медиумите и новинарството, не само во Битола туку и општо во државата, за жал, присутните на средбата и овој пат, освен општи и веќе познати констатации не понудија некои конкретни решенија со кои ќе се најде излез од безизлезот со кој се соочуваат новинарите и медиумите во Битола и регионот, но и во целата држава.
Иако ЗНМ и натаму опстојува на своето мислење дека со вклучувањето на локалните медиуми и новинарите во проектните активности со УНДП преку кои ќе бидат вклучени дел од новинарите и медиумските работници за обработка на теми за аерозагадувањето, како и справувањето со дезинформации и родово базирани дезинформации на локално ниво, сепак општ е заклучокот дека тоа не е некое решение со кое ќе се решат проблемите со кои се соочуваат медиумите и новинарите.
Општ заклучок е дека во ваква ситуација, во која се наоѓаат медиумите, без поддршка на државата, тие, како на локално така и на национално ниво, тешко ќе најдат решение за излез од очајните состојби.
Иако поради спецификите не е иста состојбата во електронските и во печатените медиуми, или интернет-порталите, сепак безмалку сите медиуми се соочуваат со речиси истите проблеми, кои во голема мера ги отежнуваат и ги доведуваат во прашање нормалното работење и егзистенцијата на медиумите. Оттаму се наметнува потребата во најскоро време да се седне со медиумските работници и итно да се изнајдат решенија.

Особено е тешка и дури драматична состојбата во печатените медиуми, поради драстичното зголемување на печатарските трошоци, кои во моменти поради кризата со хартија и другите репроматеријали се повисоки од продажната цена на весниците. Во таа смисла мора итно да се дефинира предлог-законот што Асоцијацијата на печатени медиуми го достави до Министерството за информатичко општество и истиот тој да се најде во Собранието пред пратениците.
Иако субвенциите што ги доделуваше Владата и кои секоја година постојано се намалуваа не им го решаваа проблемот на печатените медиуми, сепак тие во извесна смисла помогнаа во нивното опстојување. Искуството покажа дека без субвенции од државата печатените медиуми, кои не се важни само заради информирањето на граѓаните туку и заради медиумската писменост и својата веродостјност и релевантност, поради драстичното намалување на бројот на читателите и тектонските потреси што се случија со дигитализацијата, не можат едноставно да опстанат.
За потсетување, до 2003 година Македонија за субвенции на печатените медиуми издвојуваше вкупно 56 милиони денари, што беше околу еден милион марки. Со тие субвенции се помагаа печатењето и излегувањето на над 60 весници и списанија. Укинувањето на субвенциите беше директен удар врз печатените медиуми, кои сите изминати години, поради ограничениот пазар, економските кризи и драстичното смалување на средствата за реклами, работат во исклучително тешки економски услови.
Сите оправдувања дека Западот не го поддржува директното субвенционирање на печатените медиуми не држат вода и немаат оправдување, затоа што директни субвенции добиваат весниците во многу европски земји, на пример, во Австрија, Данска, Франција, Норвешка, Финска, Шведска, а директни даночни олеснувања и други поволноста има и во речиси сите земји на Европската Унија.

Една стара поговорка вели „после смрт нема болест“. Откако ќе почине пациентот залудно е подоцна да се кажува како можел да се спаси.
Затоа, крајно време е државата, доколку сака да не западне во медиумски мрак, да се заложи за надминување на состојбите во медиумите, зашто во спротивност ќе бидеме сведоци кога граѓаните и македонската јавност ќе бидат (дез)информирани од порталите или социјалните медиуми, кои во Македонија поради нерегулираниот пазар никнуваат како печурки по дожд и кои буквално го донесоа информирањето на дното, во кое секој пишува, снима и прикажува што сака и како сака, без да води сметка за јавниот интерес на граѓаните.

П.С. Но, ете, на крајот, со доза оптимизам да го завршам мојот коментар со честитката на нашиот колега Ристо Лазаров, новинар, публицист, поранешен директор на телевизијата Телма, кому многу му се јасни состојбите во македонските медиуми. Неговата честитка дава поттик, мотив, кураж, има повеќеслојно значење и затоа ја одвојувам…

Нека ви е честит денот. Вам ви паднала честа и задачата да го сочувате она што другите бездушно го урнисале. Напред, само напред, сѐ понапред!

Поздрав,
Ристо Лазаров