Не нѐ бива со знамињава

Нормално дека ќе се греши, та ние веќе констатиравме дека не нѐ бива со оваа материја. Ајде да видиме, да размислиме, да заклучиме кое знаме е наше во моментов, односно кое знаме го почитуваме и го поздравуваме како што треба. Треба ли да се враќаме назад во блиската историја за да се сетиме со каква леснотија го сменивме знамето, кое многумина и ден-денес со гордост го веат. Едноставно, човек да се збрка на кој било поголем митинг или на спортски натпревар кога ќе види шаренило на знамиња во црвено-жолта комбинација. А можеби одговорот лежи токму тука. Ако сме веќе подготвени од прва да го смениме нашето знаме, зошто тогаш би имале милост кон други држави?

Не нѐ бива со знамињава. Не се снаоѓаме. Не ги препознаваме. Е сега, ако некој навистина не се едуцирал како што треба, ако во животот не видел атлас и не научил како да го употребува, не е сѐ изгубено, има спас и за него. Денес, дури и на помалку учените на помош може да им дојдат интернетот, Гугл, разни алатки, апликации, ако знаат барем нив да ги користат. Иако, ако се суди според тоа дека девет од десет ликови кај нас се со спуштен поглед вперен во мобилниот или таблетот додека се движат по скопскиве улици, а да не зборувам ако во близината има лаптоп или десктоп…, ретко кој, па дури и најнеписмените, знае да се снаоѓа на ова најново чудо на денешнинава.
И сега нема и јас да ги набројувам ситуациите во кои стручните лица во Министерството за надворешни работи скандалозно на високите гости им треснаа пред нос знамиња на други држави, без око да им трепне или, пак, некому влакно од главата да му фали. Нема потреба за тоа. Деновиве се изнагледавме и се изнаслушавме кои сѐ странски државници од највисок ранг сме ги „почестиле“ со нашиот домаќинлак. Ги знаете и вие добро. Само една работа навистина не ми е јасна.
Да се згреши знаме на Вануату или на Маршалските Острови, ајде ќе речеме, за првпат го гледа лицето од протоколот задолжено за таа работа, па луѓе сме, се греши. Згреши дури и половина влада кога се качи на американскиот носач на авиони кога го виде знамето на Аризона, па помисли дека е на Македонија и веднаш се јавија кај домашните медиуми да ја кажат благопријатната вест дека домаќините Американци ни направиле најголема чест што го развиориле нашето знаме. Но, ете, се греши.
Нормално дека ќе се греши, та ние веќе констатиравме дека не нѐ бива со оваа материја. Ајде да видиме, да размислиме, да заклучиме кое знаме е наше во моментов, односно кое знаме го почитуваме и го поздравуваме како што треба. Треба ли да се враќаме назад во блиската историја за да се сетиме со каква леснотија го сменивме знамето што многумина и ден-денес со гордост го веат. Едноставно, човек да се збрка на кој било поголем митинг или на спортски натпревар кога ќе види шаренило на знамиња во црвено-жолта комбинација. А можеби одговорот лежи токму тука. Ако сме веќе подготвени од прва да го смениме нашето знаме, зошто тогаш би имале милост кон други држави? Па ние, едноставно им нудиме можни солуции, за подобро разбирање меѓу народите.

Но тоа е веќе прашање од друга област, од некоја друга дискусија. А кога сме веќе кај странските знамиња, да се згреши со знамето на една Словенија, која до вчера ни била братска република и кое постарите државни службеници не може да го промашат ни на сон, а младиве би требало, ако ништо друго, барем од општа култура да го препознаваат, е тоа навистина не ми е јасно. Освен ако не се работи за тотално непознавање на материјата, за никаква одговорност или, пак, некој сака да му подметне на министерот, скраја било. Да се фрли сенка на неговото работење. Кој би знаел.
Инаку, ми објаснуваат пријателите деновиве дека, внимавајте, постои цел баталјон можни контроли да не се случи ова што се случи. Значи, имало Директорат за протокол во рамките на МНР, потоа Директорат за европски земји, Директорат за ЕУ, а на крајот, иако не и најмалку важен, туку како оној кој ја прави последната проверка и контрола на состојбата, Кабинет на министерот. И сега, кога веќе има толку работни тела и групи, нормално е дека сите ќе си ја префрлаат топката едни на други, ако воопшто се постави оваа несакана ситуација како прашање.
Иако, судејќи според исходот на досегашните слични гафови, кои многумина ги нарекуваат скандали, тешко дека нешто навистина ќе се стресе или, пак, ќе се промени во барокната зграда крај Вардар. Таму е повеќе од очигледно дека карванот си врви, а никој не се потресува, колку и да се гласни медиумите или јавноста. Тие таму си работат по свој протокол.
Дури на момент човек да си помисли дека некој намерно ги фабрикува овие вакви ситуации. Како да сака да се сврти вниманието на јавноста на некоја ваква „гачка“ за да има за што да зборува, да се замајува додека во заднина се одвиваат крупни работи што остануваат во сенка.

А колку повеќе би сакале од истата таа зграда крај Вардар да го слушнеме она што навистина треба да го слушнеме. За почеток, да му стресе најодлучен демант на оној Џамбаски што низ Европа од Брисел сее лаги за Македонија во паузата меѓу кревањето рака во нацистички поздрав од евроговорницата. Да му каже дека ниту нивниот клуб во Битола е запален, туку е само потпалена вратата, ниту е демолиран нивниот клуб во Охрид, туку е само скршена некаква табла, што и да е.
Ако од вакви ситни инциденти, кои можеби и можевме да ги избегнеме со соодветна државна политика, тој прави трагедии, тогаш можеме и ние да најдеме начин да им одговориме нему и на сличните на него. Ако не можеме директно од истата таа говорница, има начин да се реплицира. За почеток, да лобираме кај дипломатите од нашите пријателски земји во Брисел да им ја соопштиме вистинската слика со бугарските клубови. Кога веќе имаме три амбасади во Брисел (една за ЕУ, една за НАТО и билатерала), белки некој од нив таму успеал да изгради некакви мостови на соработка со колегите, за да успее да ја пласира нашата верзија.
Патем, кога сме веќе кај Бугарите и нивните изјави, интересни барања доаѓаат од повеќе извори, а најгласни се Слави Трифонов и Корнелија Нинова, од две софиски партии што претендираат за повисока позиција во нивната хиерархија, па мораат да даваат експлозивни изјави за народот тамошен да ги слушне. Имено, овие два лика бараат Бугарија да го врати ветото кон Македонија за прием во ЕУ. Не се ни свесни каква услуга ни прават со тоа.