Нашите песни, нашите сништа и стремежи

Сигурно дека за една песна што толку многу ни значи на сите и има свое место во колективната меморија заслужува да се дискутира, но сепак околу нас има мал милион други проблеми што бараат, ако ништо друго, барем еднакво внимание и енергија. Кои ако не можеме да ги решиме, барем да ги продискутираме, бидејќи се од животно значење и нѐ тангираат сега и овде. Но по сѐ изгледа, полесно ни е да се фатиме за песната и да не ја испуштаме, сѐ до некоја следна слична епизода. За тоа време, клучните и егзистенцијални прашања ќе ги третираат само партиските штабови како муниција во секојдневната војна на меѓусебни обвинувања, без ниту најмал обид да се бараат заеднички јазик и заеднички именител, нешто што заеднички ќе може да се сработи за добросостојбата на овој народ, а не само на сопствената партија

Љубовта кон музиката ми ја всади мојот покоен дедо Мито уште од моите детски години. Човек што сакаше да запее, иако не го правеше тоа често и пред секого. Најчесто тоа беа стари охридски песни, песни што тој ги научил во младоста додека другарувал со тогашните тајфи музичари во родниот Охрид, пред да се ожени и да се пресели на југот. Во тоа време беа популарни плочите и касетите од оркестарот „Билјана“, па и јас имав можност на тој начин да ги научам песните за кога ќе одам преку лето кај дедо и баба да му парирам на стариов.
Се разбира, никогаш не ме бивало за пеење, но она што засекогаш ми се врежа во главата, покрај безвременските песни што толку фино ги собра и ги сними оркестарот „Билјана“, беше реакцијата на дедо ми ако згрешев во текстот на песната. Најчесто поради не толку познатите зборови за мојата возраст, но и поради неискуството, знаев да си ги „препејувам“, поради што добивав благи заушки како опомена дека грешам. И така, една по друга, засекогаш ги научив песните, и тоа онака како што навистина се пееле, но и научив дека секое менување на текст на песната некого го погодува, односно го лути, го навредува.
На мојата музичка лекција од раното детство се сетив деновиве уште еднаш, откако веќе на двапати во изминатиов период се потсетував на неа. Првиот пат беше пред три години, кога на прославата на Дeнот на нeзaвиcностa на САД, организирана во американската амбасадата во Скопје, Тамара Тодевска од химната „Денес над Македонија“ го изостави стихот „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански“. Вториот настан беше годинава, на прославата на 2 Август во Крушево, кога Хорот на МОБ изостави цела строфа при изведбата на револуционерната македонска песна „Во борба, македонски народе“. Изоставена беше строфата: „Излеговме ние смели партизани / над нас на Гоце знамето се вее, во гори / полја и на сите страни / фашистичка крв насекаде се лее“.

Голем дел од јавноста реагираше енергично и во двата случаја, но, очекувано, доби само некакви невешти објаснувања како и зошто дошло до ненамерните прекројувања, разбира се.
И тоа, како да не беше доволно, во вторникот, во рамките на прославата на 11 Октомври, Денот на народното востание, Хорот на МОБ, или НОБ според преспанскиот новоговор, ја испеа патриотско-борбената песна „А бре, Македонче“, при што повторно направи промена во содржината на песната. Наместо „нека разберат клетите фашисти“, хорот испеа „нека разберат душманите клети“.
И што се случи? Тргна лавина, инстант реагираше веднаш градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, па по него граѓани, политичари, здруженија и политички партии. Реагираат луѓето, бидејќи една песна што длабоко се врежала во колективната меморија, одненадеж се сервира во некоја верзија што во дадениот момент прозвучи како што не треба. Се разбира, јавноста доби и официјални толкувања од најповиканите, во кои се објаснува дека хорот испеал некоја верзија од некојаси неодредена година (!) и која, наводно, добила амин во тоа време од некои авторитети. И тоа е можеби во ред. Но зошто токму таа верзија, ако веќе песната има повеќе верзии, и тоа токму сега, кога јавноста веќе беше наострена и како да очекуваше дека на некоја пригодна песна непригодно ќе се интервенира. Затоа што некако зачестија тие интервенции и повикување на верзии од песните што не се толку познати, а имаат малку поинакво значење од она на кое сме навикнале.
И добро би било тука да заврши целата оваа епизода.

Се стори, се изреагира, белки за понатаму е веќе јасно кој какви ставови и размислувања има и толку. Зарем, во крајна линија, за една песна треба да се задавиме меѓу себе? Па, да потрошевме толку енергија пред отворањето на бугарските клубови, како најсвеж пример, или на сето она што во континуитет ни се случува, белки немаше да дојдеме на ова дереџе.
Сигурно дека за една песна што толку многу ни значи на сите и има свое место во колективната меморија заслужува да се дискутира, но сепак околу нас има мал милион други проблеми што бараат, ако ништо друго, барем еднакво внимание и енергија. Кои ако не можеме да ги решиме, барем да ги продискутираме, бидејќи се од животно значење и нѐ тангираат сега и овде.
Но по сѐ изгледа, полесно ни е да се фатиме за песната и да не ја испуштаме, сѐ до некоја следна слична епизода. За тоа време клучните и егзистенцијални прашања ќе ги третираат само партиските штабови како муниција во секојдневната војна на меѓусебни обвинувања, без ниту најмал обид да се бараат заеднички јазик и заеднички именител, нешто што заеднички ќе може да се сработи за благосостојбата на овој народ, а не само на сопствената партија.
Понекојпат посакувам однекаде да се појават сите наши дедовци. Не мора да нѐ потчукнуваат по глава, да ни делат заушки. Доволно е само да се појават. Да нѐ потсетат како се пее исправно нашата песна, ама онаа вистинската. Белки тогаш и нашиов хор ќе запее како што треба. Во еден глас.