На патот од илјада милји

Иако Македонија изминативе години и децении покажа голема желба, емоција, истрајност и трпеливост да стане дел од европското семејство, сепак Европа не ѝ возврати на Македонија со иста мера. Напротив, додека Македонија се трудеше да ги исполни сите условувања, барања и ултиматуми, кои доаѓаа од Брисел, Унијата не само што не ги исполнуваше своите ветувања и обврски туку многу често на Македонија ѝ наметнуваше нови услови и ултиматуми. Да се надеваме дека таа епизода е веќе зад нас и дека попрво Македонија ќе се европеизира отколку Европа да се балканизира поради политиката и уцените од Бугарија

По 17 години (не)стрпливо чекање, на 19 јули, со одржувањето на првата меѓувладина конференција, Македонија конечно, заедно со Албанија, исчекори на долгиот и неизвесен пат кон Европската Унија. За овој, за многумина историски ден се чекаше цели 17 години.
Колку години ќе ѝ требаат на Македонија да ги заврши преговорите и конечно да стане членка на европското семејство, дали попат ќе остане нечепната и со целосно зачуван идентитет, историја и култура или сето тоа ќе се изобличи и моделира по нечии туѓи желби, засега никој не знае и не се осмелува да прогнозира, а со таква прогноза не сакаат да излезат во јавноста ни најголемите оптимисти од власта. Затоа со право се наметнува и прашањето. Можеби вчерашниот ден е навистина историски, но историјата има свои светли и свои помалку светли страни. Каде ќе се запишеме ние останува да видиме, но истовремено зависи и од самите нас, од нашата истрајност да опстоиме на своето и истовремено да стигнеме до посакуваната цел. Зашто не случајно паролата за ЕУ е обединети во различностите. Македонија треба да влезе во ЕУ со сета своја автентична, историска, идентитетска, јазична, културна посебност, како држава и како народ. Но доколку процесите се одвиваат како во изминатите 17 години од добивањето на кандидатскиот статус, сѐ се чини дека на Македонија ќе ѝ требаат уште многу години исполнети со макотрпни, тешки и исцрпувачки преговори за конечно да им се придружи на земјите-членки на Унијата. Почетокот на преговорите на Македонија и Албанија е успех на двете земји и на нивните граѓани. Тоа е резултат на истрајноста, посветеноста на европските вредности, покажаната отпорност и задржаната верба во пристапниот процес, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Тоа е точно, но не смее да се заборават ниту огромниот притисок, уцените и нестандардните, противправни и антиевропски барања на кои беше изложена Македонија за сето ова време.

Навистина во изминатите три децении од својата независност, кога македонскиот народ и другите заедници што живеат во Македонија по распадот на Југославија плебисцитарно на референдумот во 1991 година се изјаснија да живеат во своја, независна, самостојна и суверена држава, Република Македонија, покажаа голема желба, емоција, истрајност и трпеливост да станат дел од европското семејство, сепак Европа не ѝ возврати на Македонија со иста мера. Напротив, додека Македонија се трудеше да ги исполни сите условувања, барања и ултиматуми, кои доаѓаа од Брисел, Европската комисија не само што не ги исполнуваше своите обврски туку многу често на Македонија ѝ наметнуваше нови услови и ултиматуми, од кои некогаш се кинеше срцето, а се превртуваа и цревата кај граѓаните.
Пред такви барања и ултиматуми не беше исправена ниту една земја-кандидат за влез во ЕУ, откако беше донесена одлуката за проширување на Унијата: Летонија, Литванија, Словачка, Естонија, Полска, Словенија, Бугарија, Романија, Хрватска, па и земјите кандидатки Црна Гора и Србија, кои пред неколку години ги почнаа преговорите за членство во Унијата.
Некогаш кога некој ќе ја препрочитува историјата на ЕУ ќе се увери дека Македонија е единствената земја во Европа, која за да стане членка на ЕУ морала да исполнува такви ултиматуми и барања од смена на името на државата, најпрво во ФИРОМ, потоа во Република Северна Македонија, па знамето, Уставот…
На решавањето на спорот меѓу Македонија со Грција медијаторот Метју Нимиц се пензионира, а колку европски медијатори и преговарачи ја изградија својата европска политичка кариера во (не)решавањето на спорот на Македонија со Грција веќе никој не памети.

И кога по потпишувањето на Преспанскиот договор во Нивице се мислеше дека се решени нерешените прашања со соседите за добивање датум за почеток на преговорите, се испречи Бугарија, која со своите негирања, барања, условувања, ултиматуми, закани, притисоци во многу нешта ја надмина дури и Грција. Иако изјави дека несебично ќе ја поддржува Македонија на патот за ЕУ, сепак покажувајќи го своето вистинско лице Бугарија веднаш по потпишувањето на протоколот во Софија, преку бугарското министерство за надворешни работи ја дистрибуираше едностраната декларација, во која се укажува дека „упатувањето во документите на ЕУ на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во никој случај не треба да се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на македонскиот јазик“.
Пред колку уште нови негирања, барања и блокади ќе биде исправена Македонија во текот на преговорите и преземените обврски за решавање на барањата и ултиматумите на Бугарија во текот на преговорите за членство во ЕУ останува да се види. Но сега веќе не смее само да се подголтнува и да се трпи туку однатре, преку телата и органи на ЕУ, да се истакнуваат сите овие нелогичности и сопки што некој би ни ги ставал.
Особено ќе биде тешко што македонските власти, во настојувањето да се изборат за добивање датум за одржување на првата меѓувладина конференција се согласија Бугарија да ја препрочитува и толкува македонската историја. Кога на Балканот државите би си ги препрочитувале своите, најчесто крвави истории, во кои страдаа милиони невини животи, не знам кога ќе најдат заеднички јазик.
А како би изгледало кога француската историја би ја препрочитувале Германците или, пак, Турција би ја препрочитувала историјата на Грција, или обратно. На патот за Брисел во изминатите три децении, Македонија направи многу отстапки.

Сега кога конечно е отпочнат процесот кон ЕУ, во Македонија треба политичарите да заборават на своите партиско-политички суети и да се ангажираат сите паметни луѓе, стручни и научни работници, кои, би се рекло, историјата ја имаат во малиот прст за во преговорите да се преговара со силата на аргументите, а не со аргументите на силата. Бугарија, која на мала врата стана членка на ЕУ, своето членство знае до крајна мера да го (зло)употреби и да ги наметне своите историски стремежи и неостварени апетити.
По приемот на Бугарија во ЕУ се покажа дека Европа и по толку години од приемот не успеа да ја европеизира Бугарија. Дали Брисел ќе дозволи Бугарија да ја балканизира Европа, останува да се види.