Какво е чувството да се биде светски шампион

Едноставното издвојување на македонскиот ајвар како едно од најдобрите закуски во светот нѐ навраќа на прашањето за тоа колку Македонија ги користи своите конкурентски предности во одредени области во кои може исклучително многу да ползува. Кога ќе изградиме препознатливи брендови во пошироката промоција на домашното земјоделско производство и во создавањето подобри извозни перформанси на нашата економија, во делот на производството на храна? Ова од причина што земјоделско-прехранбениот сектор е еден од клучните сектори на македонската економија и третиот најголем сектор по услугите и индустријата. Во сите изминати години на економска транзиција, македонската конзервна индустрија не успеа да се постави како главен столб за развојот на домашното висококвалитетно земјоделско производство, кое во поголем дел се извезува непреработено и со ниска додадена вредност

Вообичаената слика што еден странец ја има за Балканот е дека тоа е географски простор од Југоисточна Европа, на кој живеат народи што се во постојан историски конфликт, подложен на „дестабилизација“. Тоа е едната, надалеку позната, темна страна на овој геополитички простор на Европа, кој се наоѓа на источниот дел на Балканскиот Полуостров, кој достигнува до брегот на Црно Море. Другата и попозитивна, но помалку позната перцепција на секој патник што пропатувал низ Балканот и Македонија е дека луѓето на овие простори ја имаат најдобрата и највкусна храна во светот! Нема некој што не дошол а да не нѐ пофали дека имаме вкусна трпеза. За тоа најголемо влијание има поволната клима, која придонесува да се одгледуваат автентични сорти од домашни животни, зеленчук и растенија што се користат во секојдневната исхрана на локалното население. Сето тоа, дополнето со мешањето на различните култури и цивилизации низ минатото, оставало по нешто специфично во приготвувањето на храната, за на крајот тоа да биде преточено во нашата македонска кујна, која станува препознатлива на гастрономската мапа во светот, поради традиционалните специјалитети што биле создавани низ минатото од нашите баби и дедовци.
Минатата недела можевме да ја проследиме информацијата за изборот на македонскиот ајвар за најдобро мезе во светот за 2023 година, кој се најде на листата на најдобри јадења во светот што беше составена од „Тејст атлас“. Тоа е познат онлајн патувачки водич за традиционална храна што собира автентични рецепти, критики од критичарите на храна и истражувачки написи за популарни состојки и јадења. Листата на најдобра храна се базира на оцените на корисниците, што ѝ дава дополнителна вредност на објективноста на оваа награда. На оваа листа, покрај македонскиот ајвар, кој доби оценка 4,52, на листата се уште пет јадења, односно мезиња од зеленчук, и тоа специјалитети што потекнуваат од Хаити, Бугарија и од Романија. Но, покрај „балканскиот кавијар“, како што поинаку се именува нашиот ајвар, висока оценка од корисниците доби и македонскиот пинџур, кој се наоѓа на четвртото место, со оценка 4,26. На ова меѓународно мени на најдобра храна во различни категории се најдоа и други рецепти од Балканот, како што е српскиот специјалитет комплет лепиња, која ја освои наградата за најдобар појадок во светот за 2023 година, а за најдобра салата е избрана грчката, а на петто место е шопската салата од Бугарија…

Издвојувањето на македонскиот ајвар како едно од најдобрите закуски во светот нѐ навраќа на прашањето за тоа колку Македонија ги користи своите конкурентски предности во одредени области во кои може исклучително многу да ползува. Кога ќе изградиме препознатливи брендови во пошироката промоција на домашното земјоделско производство и во создавањето подобри извозни перформанси на нашата економија во делот на производството на храна? Ова од причина што земјоделско-прехранбениот сектор е еден од клучните сектори на македонската економија и третиот најголем сектор по услугите и индустријата.
Во периодот 2000-2018 учеството на земјоделскиот сектор во вкупниот бруто-национален производ е околу 12 отсто, а заедно со преработувачката индустрија на земјоделски производи, учеството се зголемува на 16 отсто. Во сите изминати години на транзиција, македонската конзервна индустрија не успеа да се постави како главен столб за развојот на домашното земјоделско производство, кое во поголем дел се извезува непреработено и со ниска додадена вредност. Бројот на фирмите што се занимаваат со преработка на овошје и зеленчук е незначителен. Како слаба страна на домашната конзервна индустрија се посочува недостигот од домашни суровини за преработка, од кои само до педесетина отсто се однапред договорени количества за откуп и преработка. Количествата се набавуваат претежно од индивидуалните земјоделски производители, кои се раситнети и не обезбедуваат континуитет во производството на зеленчук, кое е подложно на годишни осцилации во количествата, поради надворешни климатски влијанија, но и поради недостиг од работна сила, која сѐ помалку ја има во земјоделскиот сектор.

И во наредниот предизборен период македонските земјоделци и преработувачи повторно ќе бидат изложени на пропагандни пароли од партиите за „македонските компаративни предности во земјоделството“. Прогласувањата на македонскиот ајвар за најдобро јадење на анкетите на социјалните мрежи можат да помогнат во промовирањето на македонскиот бренд, но тоа има само краткорочни
медиумски ефекти. Без сериозен пристап и стратегија за развој на земјоделството и на преработувачката прехранбена индустрија, кој би се потпирал на силна системска
поддршка, шансите за овозможување одржливо и пред сѐ конкурентно производство се сведени на минимум

Во изминатите години многу се зборуваше за развојот на земјоделското производство во Македонија, преку промоција на сопствени брендови што ќе бидат препознатливи за купувачите за земјите од регионот и од Европската Унија. Се чини македонските извозни компании за прехранбени производи се недоволно моќни сами да изградат и да промовираат сопствен извозен бренд. Со истите проблеми се соочуваат и индивидуалните земјоделци на познатиот кочански ориз, кои по секоја сезона се жалат дека не можат да го продадат „белото злато“ одгледано на македонските ниви!?
Во последните години има подобрување на маркетиншкиот пристап на промоција на македонското вино, како наш домашен бренд, но тоа е резултат на засилената државна промоција на извозот на поголемите винарски компании во Македонија. И во наредниот предизборен период македонските земјоделци и преработувачи повторно ќе бидат изложени на пропагандни пароли од партиите за „македонските компаративни предности во земјоделството“. Прогласувањата на македонскиот ајвар за најдобро јадење на анкетите на социјалните мрежи можат да помогнат во промовирањето на македонскиот бренд, но тоа има само краткорочни „медиумски“ ефекти. Без сериозен системски и систематски пристап и стратегија за развој на земјоделството и на преработувачката прехранбена индустрија, кој би се потпирал на силна поддршка и инвестиции, шансите за овозможување одржливо и пред сѐ конкурентно производство се сведени на минимум. Доколу не направиме сериозни промени, може да ни се случи од нашата трпеза да ни „исчезне“ и највкусното мезе – ајварот, а тоа ќе остане само на политичкото (пред)изборно мени.