Јавност затруена со дезинформации

Треба да се научиме дека не секогаш органите на истрагата се подготвени да ги споделат сознанијата до кои дошле во одредена фаза од нивната работа. Секoја преуранета информација може да ѝ нанесе непoправливи штети на истрагатa и затоа нивното презентирање пред јавноста се дозира во вистинскиот мoмент. Но, проблемот настанува кога самонабедените „новинари“ ја земаат вистината во свои раце, па сакаат да им сервираат на своите консументи нешто што тие самите би сакале да го слушнат, а не она што е добиено како сознание од релевантни извори. Во еден таков наплив на сензационализам и трка да се добие некој клик повеќе на социјалните мрежи, многумина го загубија компасот, а темелните новинарски професионални принципи паднаа во заборав

Македонија е во шок. Зборови што изминативе деновиве се веројатно најповторувани кај нас, а кои сепак не се доволни да ја отсликаат состојбата со која се соочуваме како држава. Две грозоморни убиства мотивирани од користољубие, барем според досегашните сознанија на истрагата, ја зовреа атмосферата дотаму што на социјалните мрежи веќе се креираше петиција во која многубројни наши граѓани се потпишуваат, а со која се бара враќањето на смртната казна во нашиот правен систем.
Фокусот на вниманието е насочен кон убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, а мотивите за овој грозоморен чин допрва се комплетираат. Јавноста е вчудовидена од она што е досега презентирано од истражните органи како мотив за двете убиства. Во првиот случај станува збор за некаков долг од 500 евра, а во вториот девојчето е киднапирано поради планиран „откуп“, а егзекутирано… сѐ уште не се знае зошто, наводно, откако целата работа тргнала во несакан правец.
Во овој момент е најважно да се остават истражните органи да си ја вршат својата работа и да го докомплетираат доказниот материјал и сѐ што е потребно за виновниците што побргу да се изведат пред лицето на правдата и да ја добијат заслужената казна. Од тој аспект, добро е што вчера се одржа прес-конференцијата на министерот за правда и јавниот обвинител, за да се подвлече црта на досега утврденото во истрагата. Додуша, малку немарно организирано и презентирано, затоа што клучните работи, а имено временската, просторната и содржинската рамка, не беа разјаснети и расчистени докрај. Но со оглед на причините зошто се избрзало со организирање на пресот, се толерираат и недостатоците на организираната средба со новинарите.
Се разбира, од една страна е добро што се одржа овој прес, за да им се стави крај на сите шпекулации, лажни вести што деновиве ја преплавија јавноста, но од друга страна, како што истакнаа и првите луѓе на истрагата, пресот беше преуранет од аспект дека не се комплетирани сите докази и не е заокружен предметот како што налага процедурата. Со цел да се избегне натамошна ескалација на случајот, особено во правец на создавање некаква меѓунационална тензија, поради насочувањето на дел од лажните вести во несакан правец, донесена е одлука да се организира оваа, во одредена рака преуранета, прес-конференција.

И токму тој аспект на целиот овој случај бара многу посериозно анализирање. Не е првпат некој ваков настан да биде исклучително привлечен за негова експлоатација и натамошна елаборација на социјалните мрежи. И тоа не би било проблем, бидејќи како што редовно можеме да слушнеме – јавноста сака да ја слушне вистината.
Можеби е точно тоа, можеби јавноста некогаш е подготвена да слушне сѐ што ѝ се сервира, нетрпелива да почека на официјално соопштение. Токму затоа треба да се научиме дека не секогаш органите на истрагата се подготвени да ги споделат сознанијата до кои дошле во таа фаза од нивната работа. Секoја преуранета информација може да ѝ нанесе непoправливи штети на истрагатa и затоа нивното презентирање пред јавноста се дозира во вистинскиот мoмент.
Но, проблемот настанува кога самонабедените „новинари“ ја земаат вистината во свои раце, па сакаат да им сервираат на своите консументи нешто што тие самите би сакале да го слушнат, а не она што е добиено како сознание од релевантни извори. Во еден таков наплив на сензационализам и трка да се добие некој клик повеќе на социјалните мрежи, многумина го загубија компасот.
Па, така, изминативе денови јавноста, гладна за информации, имаше можност да прочита и да слушне најразлични нелогичности и шпекулации, како онаа дека наводно девојчето е во Косово во џамија, па дека оттаму се јавил некој да ја потврди веста, се редеа шпекулации од наводни „сигурни“ извори околу тоа каде е девојчето, за потоа кога надлежните излегоа со информација за приведување на пет лица, да проструи вест дека тие наводно се пуштени веднаш на слобода, па дури и дека (и тие) биле пуштени да „си заминат“ на Косово, што повторно ја носеше водата на опасната воденица.
Кому му требаа ваквите лажни вести, оставаме да пресуди јавноста. Очигледно ние никогаш не учиме на сопствените грешки. Колкупати само досега ни се случило да бидат демантирани сите тие „сигурни“ извори, практично крајно несигурни и нерелевантни медиуми, во најразлични ситуации кога сакале да бидат први во трката кој прв ќе дојде до следбеници на социјалните мрежи. Во недостиг од правна регулатива, овој дел од системот на информирање останува во т.н. „сива зона“, каде што кој што сака тоа прави, без воопшто да води грижа за некакви стандарди, принципи или барем за елементарно домашно воспитување. Примери има на претек, а само овој последниов случај ги извади на површина сите тие такви „стручњаци“. До кога ќе ја трујат јавноста со своите видувања на вистината останува да каже времето.