Кога се потпишуваше Договорот за добрососедство со Бугарија, кусогледоста на македонските политичари, за жал, не беше долгогледост, за барем и со таква очна малформација да дофрлеа подалеку и да видеа што ни се подготвува во блиска иднина, токму на патот кон ЕУ и токму во врска со прашањата за тоа кои сме, што сме, од каде доаѓаме, на кој јазик го зборуваме… Она што треба да ја краси ЕУ е богатството на различностите (народ, јазик, култура, историја), а не да бидеме претопени во еден чуден конгломерат на посилниот и побогатиот и во тоа „одбрано друштво“ да станеме една аморфна маса измеќари, да не нарекува кој како сака и да прави некој што сака со нас! Во чие име? Во името на демократијата? Која демократија, европска, џамбаска демократија?!
Но, ете, и покрај сите наши болни отстапки, со цел да се откочи преговарачкиот процес за влез на Македонија во ЕУ, деновиве сме сведоци дека повторно релациите Скопје – Софија, кои ЕУ ни посочи дека се клучни, некој успеа да ни ги врати на најниско ниво. И тоа со помош на настани со испровоцирани интерперсонални кавги, кои прераснале во физички пресметки каде што пијани актери со сомнителна заднина влегуваат во не толку ретки кафеански паланечки конфликти. Потоа, таквите настани, со помош на медиумската машинерија, па и со невнимателно вплеткување на политичарите, прераснаа во меѓудржавен спор со колосални размери, каде што сега „државата организирано врши репресалии на Бугарите во Македонија?!“ Старите велат: „Скраја да е! Немојте од влакно да правите ортома“! Далеку дека такво нешто организирал државниот апарат.
Меѓутоа сега, по кафеанската физичка пресметка во Охрид во која учествувал секретарот на бугарскиот културен центар „Цар Борис“, Христијан Пендиков, Бугарија како едвај да дочека повод да се заканува со нови блокади и вета. Уште повеќе на внатрешен план во Софија, на највисоко државно ниво, за вчера беше закажана, па експресно откажана седница на бугарскиот парламент, каде што требаше да се расправа за состојбите во Македонија. Ден претходно, ангажмани и на меѓународно ниво: министерот за надворешни работи Николај Милков на средба во Брисел ги информирал колегите од земјите од Европската Унија за физичкиот напад врз Бугарин во Македонија, како и за други, според него, националистички напади врз Бугарите и побарал од министрите солидарност. Тој кажал дека „се надева“ оти нема Бугарија повторно да стави вето за преговорите на Македонија со ЕУ.
Работата отиде дотаму што кога деновиве бугарските политичари и европратеници најавуваа вето, рекоа дека за тоа ќе бараат поддршка од европските сојузници поради некакви „репресии врз нивни сонародници“?!.
А само обична, едноставна, вообичаена истрага ќе откриеше и докази и факти дека секретарот од Охрид активно е инволвиран во нерасчистени сметки со опскурна заднина што немаат никакви допирни точки ниту со народ, ниту со јазик, ниту со малцински права, ниту со одредени колективитети. Но требаше да се дозволи случајот да се расчисти, а не да се опструира со „засолнување на директниот актер на инцидентот, подалеку од органите на прогонот“. Сега вистината за настанот ќе почека, а полувистините, спиновите и конструкциите земаат залет. И, да, преочигледно е дека воопшто не станува збор за репресии од државниот апарат, што би можело да биде (едвај чеканата бугарска) основа за некаква жалба во европските институции. Пендиков не бил нападнат ниту од полицијата, ниту пак бил под притисок на обвинителството или некои други државни органи. Јасно е тоа како бел ден.
Но ваквото лесно извртување на состојбите, при што од најобична пресметка поради лични причини, се прави сериозен меѓунационален инцидент, повеќе зборува за оние што ја фабрикуваат таквата информација отколку за суштината на проблемот.
Зошто токму сега на Бугарија, која и самата дома не е во најсјајна политичка ситуација, откако повеќе месеци не може да избере влада, ѝ требаше овој настан да биде сплетен во мрежа во која ќе се фатат и Македонија и самата Бугарија, тешко дека некој и во Софија и во Скопје може да одговори. Тотална непотребна препка, за двете држави и народи. Па, и божем „хуманитарниот експресен чин на помош и лекување“ на Софија кон Пендиков?! Демек, со свој владин авион го транспортира Пендиков на лекување во Софија?! Со таквиот чин Бугарија не само што уште еднаш, којзнае по кој пат само ги омаловажи и понижи Македонија и нејзините здравствени и истражни служби туку, најблаго речено, ја искомпромитира истрагата за тепачката! Како некој намерно да го режираше сето ова, а сите ние наседнавме како наивни дечиња.
Затоа, пак, македонската влада и нашите највисоки политички претставници мора да бидат стрпливи и да се однесуваат крајно внимателно, особено во вакви деликатни ситуации. За почеток, особено е важно што претседателот Пендаровски излезе со став во јавноста дека во иднина Македонија нема да дозволи бугарски политичари или граѓани што доаѓаат во Македонија по разни поводи да ги омаловажуваат и навредуваат државата и граѓаните на Македонија.
Притоа тој, иако не го посочи, сепак со таа изјава мислеше на говорот на европратеникот од Софија, Ангел Џамбаски, кој на чествувањето на Мара Бунева, среде Скопје, поддржан од своите истомисленици, упати голем број навреди, клевети и омаловажувања кон Македонија и македонскиот народ, како и нејзината самобитност. За жал, тогаш македонските власти се обидоа да го забошотат овој срамен говор, со тоа што изјавија дека не сакаат да коментираат изјави и говори на маргинални бугарски политичари, бидејки со тоа ќе им ја подигнеле цената.
Добро е што конечно и на македонските власти им „светна“ и конечно да им стават до знаење на бугарските политичари, па било тие да се и маргинални, барем кога престојуваат во земјава да ги почитуваат законите и прописите и да не ја омаловажуваат државата и навредуваат чувствата на граѓаните на Македонија.
Македонија во иднина не може и не смее да си дозволи такви понижувања, среде Скопје, од кого било, па тоа да се и маргинални бугарски политичари. „Џамбаските“ игри на Бугарија, па дури и да се од европратеникот Ангел Џамбаски, треба да престанат.
Наместо тоа, крајно време е политичарите од двете страни да седнат на маса со студени глави и да започнат дијалог што ќе нѐ поведе сите напред, а не да нѐ вкопува во место или да нѐ враќа назад. Долевањето масло на огнот не му користи никому.